Футурама

Ласерско скенирање открило илјадници скриени структури на Маите

Скриен под дождовната шума Питен во Гватемала лежи антички град недопрен од луѓето повеќе од 1000 години, кој бил дом на милиони луѓе кои ја граделе софистицираната империја на Маите.

Сега, за прв пат, тим интернационални археолози откриле и мапирале десетици илјади антички структури користејќи го LiDAR системот на површина од над 2100 квадратни километри.

LiDAR за прв пат во оваа област бил употребен во 2009-та, а бил фокусиран само на блиското опкружување на индивидуални локации. Археолозите за прв пат ја откриле новата пространа метропола во февруари, кога било потврдено присуство на повеќе од 61 000 антички структури како куќи, големи палати, церемонијални центри и пирамиди.

Светлосните т.е ласерски зраци на LiDAR поминуваат низ густата шума и откриваат промени во надморската височина, овозможувајќи им на истражувачите да ги идентификуваат овие топографски карактеристики како човечки изградени ѕидови, патишта и згради, без воопшто да ги видат во живо. Со овие информации, тие креирале тродимензионални мапи за само неколку минути.

Во овие над 61 000 структури, живееле 7 до 11 милиони во периодот од 650 до800 години од сегашната ера. Колку за споредба, во Њујорк сега живеат околу 8.5 милиони луѓе.

Таа огромна популација била нерамномерно дистрибуирана низ различни нивоа на урбанизација на површина од над 1200 квадратни километри, а земјата била модифицирана за интензивното земјоделско производство кое било потребно за стотици години да се прехранува масивната популација.

Интернационалниот тим археолози исто така мапирал долги мрежи кои поврзувале различни урбани центри.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 15.10.2018 11:16:32