Тејлор Свифт најнаградувана жена на American Music Awards

Тејлор Свифт освои четири награди, меѓу кои и онаа за изведувач на годината на овогодишните Американски музички награди, победувајќи ги Дрејк, Ед Ширан, Imagine Dragons  и Пост Малоун.



Добитниците на овие награди се одредуваат преку интернет гласање.

- Оваа и секоја друга награда што ја добив вечерва, ми е дадена од народот, рече Свифт, напомнувајќи дека на 6 ноември, ќе се гласа и на конгресните избори, па ги повика Американците и тогаш да и дадат поддршка.



Имено, Свифт јавно го поддржа демократот од Тенеси, Фил Бредесон, кој е кандидат за член на Сенатот. Конгресните избори беа доста актуелна тема на синоќешната свеченост, па дури и водителката Трејси Елис Рос носеше маичка на која пишуваше „Јас гласам".

Свифт инаку влезе во историјата како најнаградуваната жена, со вкупно 23 Американски музички награди.Иако годинава го имаше најпродаваниот албум и три број 1 хитови, Дрејк не доби ниедна награда.

Карди Би, пак, доби три награди, вклучително и онаа за најдобар хип-хоп/рап изведувач, што ја посвети на ќерка си која се роди изминатиов јули.

Извор:  МИА
Објавена на 10.10.2018 10:34:55