Омнибус

Додека ние се заборавивме со сечење дрва Кенија има друга стратегија

Дрва...По логиката на нештата постојано би требало да се трудиме да засадуваме нови, а воедно и добро да се грижиме за оние кои веќе ги имаме. Сепак, нашата бетон култура веќе некое време наметнува поинакво размислување, па секојдневно сме сведоци на уништување на зелените површини.



Додека се соочуваме со огромно загадување и сè уште си го дозволуваме луксузот да сечеме дрва каде што ќе стигнеме, некои земји во светот го даваат максимум за да го направат токму спротивното.

Според статистиката само 7 проценти од цела Кенија е прекриена со шуми. Овој процент е помал од 10-те проценти кои се препорачани од Обединетите нации. Токму поради тоа Кенијците спроведуваат кампања за пошумување. Сепак, не станува збор за обичен начин на садење, туку за нешто далеку попрактично и толку лесно, што едноставно не може, а да не се нафатите да го направите.



Семињата за садење доаѓаат во форма на мали црни топчиња кои се смеса од семе, јаглен и скроб. „Спакувани“ на овој начин тие нема да бидат изедени од птиците и другите животни, а воедно имаат поголеми шанси да пуштат корени.

Сè што треба да се направи е едноставно да се расфрлаат по земјата. За оваа цел се регрутираат деца кои се грижат за добитокот, параглајдеристи, па дури и обични луѓе кои сакаат да придонесат за создавање на нови зеленила.

Иако проектот е на самиот почеток, сè повеќе луѓе го даваат својот придонес за истиот бидејќи колку повеќе дрва има, толку поголеми се шансите за дожд, а со тоа и вода и храна за добитокот.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 03.10.2018 16:45:34