Јакната на Хан Соло на аукција, се очекуваат 1,3 милиони долари

Јакната што Харисон Форд ја носеше глумејќи го ликот на Хан Соло во филмот „Војна на ѕвездите: Империјата го возвраќа ударот“ денеска ќе биде понудена на аукција во Лондон, при што се очекува нејзината цена да достигне 1,3 милиони долари.



Аукциската куќа „Проп Стор“ за продажба подготви уште 600 предмети од околу 150 филмови и телевизиски серии. Колекционерите ќе имаат можност да купат и костими и предмети користени во филмски класици како што се „Индијана Џонс“, „Форест Гамп“ и „Враќање во иднината 2“.

Со сино-сивата јакна на Соло, љубителите на „Војна на ѕвездите“ ќе имаат можност да си купат и кацига на „Стормтрупер“, чија вредност е проценета на 30 до 60 илјади фунти, како и светлосен меч од „Одмаздата на Ситот“, проценет на 50 до 100 илјади фунти. Средствата ќе одат во добротворни цели.

Извор:  МИА
Објавена на 20.09.2018 11:32:33