Компјутерската визија – способноста на машините да ги „гледаат“ објектите или сликите и да ги разберат – веќе се користи, на пример, за отклучување на iPhone само со гледање во него. Но, проблемот е што истиот веќе мора да ја има видено таа информација (т.е лицето) за да знае во што гледа.
Сега, истражувачите од CSAIL од MIT развиле систем за компјутерска визија кој може да идентификува објекти кои никогаш претходно ги немал видено.
Системот бил наречен DON, а може да „гледа“ бидејќи ги гледа објектите како колекција на точки кои ги процесира да формира тридимензионална мапа.
Кога DON гледа објект кој не му е познат, може да идентификува разни делови од него. На пример, откога истражувачите му покажале патика и го научиле да ја подигне со фаќање за јазикот, системот тогаш можел да подига и други чевли за јазикот, иако никогаш претходно не ги видел или истите биле во различна позиција во однос на оригиналот.
Ваква напредна форма на компјутерска визија би можела да им овозможи на роботите да прават полно работи кои денес не можат. На пример, еден ден би можеле да имаме робот опремен со систем кој сортира предмети во центар за рециклирање како што тие се движат по подвижната лента, без потреба претходно да се тренира со огромни бази на податоци од разни предмети.
Дефинитивно, ваквите технологии се чекор напред за создавање роботи кои еден ден ќе можат да се движат/гледаат/размислуваат исто како и човекот.