Футурама

AI помага во третмани на пациенти со канцер

Пациенти со глиобластомa, малиген тумор во мозокот или рбетниот столб, типично живеат не повеќе од 5 години по добивањето на дијагнозата. Тие 5 години знаат да бидат болни, бидејќи во обид да се минимизира туморот, докторите често препишуваат комбинација од терапија со радијација и лекови кои имаат многу лоши несакани ефекти.

Сега, истражувачи од MIT Media Lab развиле систем со вештачка интелигенција (AI) кој може да ја одреди минималната доза лекови потребна за ефективно да се намалат туморите.



За да го креираат, тие ја искористиле техниката за тренирање наречена „зајакнато учење“. Прво, креирале тест група од 50 симулирани пациенти со глиобластома, базирана на голема база податоци од луѓе кои претходно поминале низ третманите за нивната болест. Потоа, од AI-то било побарано да препише дози на неколку лекови кои се користат во третманите за глиобластома, за секој пациент во регуларни интервали (недели или месеци).

Откога AI-то ја препишало дозата, го проверувало компјутерскиот модел способен да предвиди колку истата би го намалила туморот, а доколку тоа било успешно, системот добивал награда. Доколку, пак едноставно ја препишувал максималната доза секојпат, добивал пенали.



Според истражувачите, оваа потреба да се постигне баланс помеѓу целта и последиците на неговите акции – во случајов, редуцирање на големината на туморите и подобрување на квалитетот на живот на пациентот – е уникатна во полето на „зајакнатото учење“. Останатите слични модели едноставно работат кон постигнување на некаква, цел, без казни.

За потребите на тестирањето, AI-то направило околу 20 000 третмани врз секој симулиран пациент за да го комплетира тренингот. Потоа, системот бил тестиран врз група од 50 нови симулирани пациенти, при што било откриено дека успешно можел да ги намали дозите и фреквенцијата на земањето на лековите, притоа сè уште редуцирајќи ја големината на туморите. Притоа, во предвид ги земал специфичните карактеристики на секој пациент како големината на туморите, медицинската историја и биомаркерите.

AI системот ќе биде подложен на понатамошни тестирања пред FDA да го одобри за користење.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 16.08.2018 11:35:47