Според пилот студија од универзитетот Стенфорд, нова форма на социјална терапија за децата со ASD која користи смартфон апликација спарена со Google Glass очилата ја подобрува нивната способност да препознаваат емоции под изразите на лицето со кое комуницираат и ја зголемува иницијацијата за контакт со очи.
Бидејќи се користи по дома со фамилијата на детето, наместо при средби со специјалисти, овој технолошки пристап би овозможил рана интервенција на повеќе деца со ASD – која е критична за подобро функционирање подоцна во животот и би им ги олеснил социјалните интеракции во вистинскиот свет (надвор од дома).
Прво, била креирана и евалуирана Google Glass програма која детектирала 8 универзални фацијални експресии преку камерата – среќа, тага, лутина, згадување, изненадување, страв, неутралност и презир. Потоа, тимот овој софтвер за препознавање на лица го интегрирал во апликација која го користи екранот и звучникот на очилата за да овозможи аудиовизуелен фидбек на корисникот во врска со изразите на лицата на луѓето во неговото видно поле и да го вклучи во идентификувањето на поврзаните емоции преку структурирани игри.
Системот наречен „Superpower Glass” бил тестиран врз 14 деца со ASD на возраст од 3 до 17 години. Од партиципантите и нивните фамилии било побарано да комплетираат 3 или повеќе 20-минутни сесии неделно, во период од најмалку еден месец па до 4.5 месеци.
Резултатите од бихевиоралните анкети биле пополнувани од родителите пред и по тестирањето, и покажале дека 100% од децата имале подобрувања во ASD социјалните симптоми. Шест деца имале значително високи резултати кои ја промениле класификацијата на нивните пореметувања – 4 преминале од „тешка“ во “умерена“ состојба, едно од „умерена“ во „блага“, и едно од „блага“ во „нормална“. Интервјуата со фамилиите откриле и дека 12 од 14 деца одржувале повеќе контакт со очите додека ги носеле очилата.
И покрај позитивните резултати, авторите на студијата не сакаат да избрзуваат со носење заклучоци за ефикасноста на овој уред бидејќи во испитувањата немале контролна група, па затоа ќе биде потребно уште помасовно контролно тестирање за евалуација на подобрената верзија на системот на која моментално се работи.