Анџелина го обвини Бред дека не плаќа доволно алиментација

Две години по нивната разделба, Бред Пит и Анџелина Џоли повторно се во војна.

Само неколку дена откако TMZ ја објави веста дека еден од адвокатите на Џоли сака да се повлече од судскиот процес, правниот тим на актерката го обвини Бред дека не плаќа доволно алиментација.



-Досега Пит нема платено значаен надомест за издржување на децата откако парот е разделен, изјави адвокатот на Џоли, Саманта Блеј ДеЏин. Според страната на Анџелина, Пит во последните 18 месеци не исплатил онолку колку што е предвидено со нивниот договор и затоа актерката сака судот да го натера Бред да ја исполни својата обврска.

Иако актерот сè уште нема дадено коментар на ова, инсајдерски извори тврдат дека ѕвездата ги има исполнето сите обврски и дека она што го тврди Анџелина не е точно.

Војната помеѓу поранешните сопружници започна кога Џоли го обвини Бред дека бил физички насилен кон едно од нивните деца.

Откако истрагата покажа дека не направил ништо лошо, неговиот тим ја обвини Џоли дека ја загрозила приватноста на децата во обид да го спречи Пит да добие заедничко старателство.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 08.08.2018 09:38:06