Футурама

Како соларната сонда на NASA ќе го „допре“ Сонцето без да се истопи

За само неколку недели, NASA ќе го лансираат еден од нивните поамбициозни проекти досега – соларната сонда Паркер која треба да го „допре“ Сонцето, доближувајќи се до неговата површина поблиску од било која сонда досега.

Сондата ќе се доближи до 6.1 милиони километри далечина и ќе влезе во надворешниот дел од атмосферата на Сонцето (т.е короната), каде температурите изнесуваат милиони C°.

На прв поглед, се чини дека и најусовршената заштита би се истопила во тие услови  - на пример, површинските температури на Венера од околу 460 C° допринеле за расипувањето на електрониката на руските сонди испратени таму во 1980-тите.

Како што објаснуваат од NASA, трикот во заштитата на Паркер лежи во разликата помеѓу температурата и топлината, како и во густината на просторот.

Температурата е мерка за колку бргу честичките се движат, но топлината мери колку енергија тие пренесуваат. Во Вселената може да имаме честички кои се движат многу брзо, но не пренесуваат многу топлина, бидејќи има многу простор помеѓу нив. За оваа разлика да се илустрира, мислете на разликата помеѓу ставање на рака во топла рерна, во споредба со ставање на рака во сад со зовриена вода – во рерната, раката може да издржи значително повисока температура подолг период бидејќи има интеракција со многу помал број на честички, во споредба со водата.

Короната низ која ќе лета сондата има екстремно високи температури но многу мала густина, па така таа исто ќе има интеракција со помалку топли честички и нема да прими толку топлина, туку ќе се загрее до околу  1370 C°

Сондата е направена од две суперзагреани јаглеродни композитни плочи, меѓу кои се наоѓа 11.5cm. дебело јадро од јаглеродна пена. Страната која ќе биде свртена кон Сонцето е обоена со керамичка бела боја за да одбива што повеќе светлина, и има дијаметар од 2.4m. Штитот тежи само 72.5kg. поради малата тежина на пената, а сè што се наоѓа зад него ќе има температура од 30 C° или помалку.

Инструментите се заштитени од материјалите од кои што се изработени – делот кој ќе треба да ги заробува наелектризираните честички за да го измери нивниот проток е направен од титаниум-циркониум-молибдениум (чија точка на топење е околу 2350 C°, додека чиповите се од тунгстен, метал кој ја има највисоката точка на топење од 3420 C°. Соларните панели, пак, се од ниобиум чија точка на топење е 2500 C°. Целата сонда се лади со дејонизирана вода под притисок.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 31.07.2018 15:51:14