Футурама

Откриени 12 нови месечини околу Јупитер

Астрономите случајно откриле 12 претходно непознати месечини во орбитата околу Јупитер, па така сега вкупниот број на негови месечини е 79.

Тимот истражувачи воден од астрономот Скот С. Шепард од научниот институт Карнеги всушност користеле телескопи да бараат доказ за мистериозната планета Девет, која се смета дека се наоѓа во надворешниот дел од Сончевиот Систем.



Според опсервациите, биле пресметани орбитите на новите месечини – 9 од нив се дел од 3 различни групи, на кои им требаат околу 2 години за орбитата околу Јупитер. Нивната орбита е ретроградна, што значи во спротивен правец од правецот на ротирање на Јупитер околу сопствената оска.

Овие месечини се последните остатоци од градежните блокови на гигантските планети како и останатиот материјал од тој регион кој паѓал во планетите и помагал за нивното формирање.

Од 12-те нови месечини, само 3 орбитираат во програден правец и се поблиску до Јупитер, а една е исклучително чудна и има орбита каква што нема ниедна друга од досега познатите.

Наречена Валетудо, по римската божица на здравјето и чистотата, оваа месечина е пооддалечена и по наведната отколку сите во групата на внатрешни проградни месечини.

Неа и требаат 18 месеци да орбитира околу Јупитер, а нејзината орбита ги пресекува орбитите на останатите ретроградни месечини, што значи возможна е и колизија.

Тимот смета дека Валетудо можеби е фрагмент од некоја голема месечина која била скршена во колизија со поголема ретроградна месечина, бидејќи доколку била формирана во почетокот, би била забавена од гасот и вселенската прашина присутни при формацијата на Јупитер, и би паднала во планетата.

Моментално се прават симулации на суперкомпјутер за да се дознае колку често Валетудо би можела да се судри со ретроградна месечина, за кои ќе бидат потребни неколку месеци, а се очекува одговорот да биде некаде помеѓу 100 милиони и 1 милјарда години.

Останатите новооткриени месечини сè уште не се именувани.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 19.07.2018 09:22:14