Четвртата сезона на „Афера“ пристигнува на HBO И HBO GO

Долгоочекуваната четврта сезона на серијата „Афера“ (The Affair) ќе има премиера на HBO каналот на 19. јуни во 20:45 часот, додека првата епизода ќе биде достапна преку HBO GO платформата еден ден порано.

Нови епизоди ќе се прикажуваат секој вторник од 20:45 часот на HBO, додека новите епизоди на HBO GO ќе бидат достапни секој понеделник.

Ценетата и интригантна серија „Афера“ ги прикажува емоционалните ефекти на една вонбрачна врска. Ноа (Доминик Вест) е њујоршки професор и перспективен писател кој е женет 20 години со Хелен (Мора Тирни) и имаат четири деца. Алисон (Рут Вилсон) е млада келнерка од Монток, Лонг Ајленд која се обидува да го среди животот по една трагедија која ги снашла неа и нејзиниот сопруг Кол (Џошуа Џексон). Провокативната драма ја раскажува приказната одделно, од перспектива на Ноа и Алисон, користејќи ги сеќавањата на секој од ликовите.

Во четвртата сезона Ноа, Хелен, Алисон и Кол се раздвоени и секој од нив е во свој свет далечен од светот на другите. Секој од четирите ликови е во нова врска што ќе ги натера да одлучат дали се подготвени да го остават минатото засекогаш. Новата сезона ја обележуваат нови почетоци, трагични краеви и силната моќ на простувањето.
Актерката Сана Латан се појавува во четвртата сезона во улогата на Џанел, строга директорка на училиштето во кое предава Ноа. Рамон Родригез ќе го гледаме во улогата на Бен, поранешен маринец со кој Алисон се забавува. Меѓу другите актери-гости ќе ги видиме и Расел Хорнсби, Кристофер Мејер, Ејми Ирвинг и Фиби Тонкин. Наградуваната сценаристка и продуцентка Сара Трим и Хагај Леви се креатори на серијата и во исто време извршни продуценти на „Афера“.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 18.06.2018 10:13:39