УЕФА ќе ги казни Ливерпул и Рома

Екипите на Ливерпул и на Рома ќе бидат казнети од УЕФА поради инцидентите кои ги предизвикаа навивачите на двата тима надвор од стадионот за време на првиот натпревар од полуфиналето во Лигата на шампионите минатиот месец.



Тогаш Сајмон Кокс, 53-годишниот навивач на англискиот тим, беше сериозно повреден. Од полицијата изјавија дека два дена по инцидентите случени на 24 април, се покренати обвиненија против двајца италијански државјани.

Европската фудбалска федерација соопшти дека и двата клуба ќе бидат казнети.

Ливерпул победи на натпреварот со 5:2, а премиерлигашот ќе биде санкциониран и поради фрлени петарди и разни предмети од страна на навивачите на теренот.

Дисциплинскиот комитет на УЕФА за висина на казните ќе одлучува на 31 мај.

Извор:  МИА
Објавена на 23.05.2018 12:39:08