Mercedes-AMG GT S Roadster

Mercedes го претставија AMG GT S Roadster моделот, третата варијанта која ќе се наоѓа помеѓу GT и GT C моделите во поглед на перформансите и цената.



Тој ќе го дели 8-цилиндричниот twin-turbo мотор со останатите модели од AMG GT серијата, а ќе има моќност од 522 коњски сили (во споредба со GT кој има 475 и GT C со 556), 670Nm вртежен момент и забрзување од 0-100км/ч. за 3.8 секунди со максимална брзина од 307км/ч.

Mercedes-AMG GT S Roadster ќе има електронски контролиран диференцијал и адаптивна амортизација (кои ги нема стандардниот GT Roadster), 19 инчни тркала напред и 20 инчни позади, со композитни дискови за кочење со дијаметар од 390mm напред и 360mm на задните тркала.



Возачите ќе имаат избор од надградба со AMG Dynamic Plus пакетот кој вклучува поцврста суспензија како и нагодувања на воланот за побрзо да реагира при возењето, додека во внатрешноста пакетот вклучува волан од алкантара и жолти детали низ ентериерот.

Како опција ќе биде понудено и управување со сите тркала, со задните кои би се вртеле во спротивен правец од предните при ниски бризни за да допринесат за подобро маневрирање на возилото, но кои би се вртеле во ист правец со предните при поголеми брзини за подобрување на стабилноста.



Првите испораки се очекуваат во јули, а иако од Mercedes сè уште ја немаат потврдено цената, таа се очекува да изнесува околу 142 300 евра.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 23.05.2018 09:44:18