Футурама

Обновени органи би спасиле милиони на листите за трансплантација

Трансплантацијата на органи е чудо на модерната медицина, но се соочува со проблем – околу 20 луѓе умираат секој ден додека чекаат на ред за орган.

Научниците од медицинската школа од Харвард сметаат дека би можеле да го решат тој проблем со подновување на стари органи од свињи и останати животни, давајќи им на органите и нивните нови сопственици нова животна шанса.



Хирургот Харалд От и неговата лабораторија развиле метода која од животинските органи ги отстранува клетките оставајќи ткиво кое може да биде покриено со човечки матични клетки од пациентот кој би го добил органот.

Ова би го спречило неговото тело да го одбие органот и би ја елиминирало потребата од земање на лекови против одбивање до крајот на животот. Како што клетките растат на старо-новиот орган, лабораторискиот биореактор го одржува во живот стимулирајќи го на ист начин како што тоа би го правело телото.

Тимот истражувачи успешно „обновиле“ т.е на некој начин „реновирале“ бели дробови, бубрези, срца, и делови од црева од глувци и свињи за да ги направат компатибилни за луѓето, а потоа ги трансплантирале назад во животните. Иако човечките клетки не биле компатибилни со телата на животните, органите сепак функционирале – покажувајќи надеж за идните потенцијални тестирања врз луѓето.

Исто така биле повторно израснати мускули од човечки срца земени од мртовци од кои биле отстранети нивните оригинални клетки. От смета дека ќе помине уште најмалку една декада пред ваквите органи да бидат подготвени за клинички тестирања врз луѓето.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 22.05.2018 12:22:55