Индија: Најмалку десет лица починаа од смртоносниот вирус Нипах

Најмалку десет лица починаа на југот на Индија од досега малку познатиот вирус Нипах, додека околу сто лица се во карантин, соопштија денеска локалните власти во Индија.

„Тајм оф Индија“ јави дека билансот на жртвите се искачи на десет, а околу сто лица кои биле во контакт со починатите се во карантин. Девет лица се хоспитализирани поради симптоми слични на вирусот.

Вирусот Нипах кој е распространет во Јужна и Југоисточна Азија го пренесуваат лилјаците и може да биде смртоносен во 70 отсто од случаите. Вирусот првпат е идентификуван во 1998 година во Малезија на подрачјето Нипах.

Светската здравствена организација претходно соопшти дека вирусот го пренесуваат животни, но и луѓе. Симптими се грозница, главоболка и поспаност проследени со дезориентација и ментална конфузија. Вирусот може да предизвика кома и силно воспаление на мозокот доколку не се лекува на време. Засега не постои вакцина против тој вирус.

Извор:  МИА
Објавена на 22.05.2018 10:00:26