Футурама

Хит во Шведска – микрочипови под кожа

Повеќето од нас со себе носат паричник со неколку кредитни картички, клучеви од автомобил или стан. Со развојот на технологијата реално нема потреба од сите нив.

Многумина наместо картички за плаќање ги користат смартфоните преку Apple Pay и слични сервиси, а наместо клучеви користат т.н паметни брави кои се отклучуваат со смартфон.

Но, смарфтоните можат да се изгубат или да бидат хакнати, па така околу 3000 Швеѓани се решиле на многу попрактично решение – хируршки имплантиран микрочип под кожата.

Самиот чип функционира како „дигитален привезок за клучеви“, кој ја користи NFC (near-field communication) технологијата за безжично испраќање информации од пасивниот чип кога е на 4cm растојание од читачот. Ваквиот чип овозможува, на пример, влегување во теретана која функционира со картички, отклучување на врати на канцеларии и возила, како и плаќање со кредитни картички. Како што напредува технологијата, така и бројот на функции кои имплантот ќе може да ги врши ќе се зголемува.

Самата технологија не е воопшто нова, а Швеѓаните и многу други користат микрочипови на ваков начин уште од 2015-та, ако не и од пред тоа.

Во Шведска, пак, микрочиповите се толку мејнстрим што од јуни 2017-та луѓето веќе можат да купуваат билети за воз со нивните.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 16.05.2018 10:55:47