Футурама

Вештачка интелигенција создава нивоа во видео игри

Видео игрите денес се познати по нивните реалистични светови со огромен број детали, а нивното создавање побарува макотрпна и долготрајна програмерска и дизајнерска работа.

Сега, компјутерски научници од Politecnico di Milano во Италија пронашле начин на систем за вештачка интелигенција (AI) да му овозможат да се вклучи во најтешкиот дел од дизајнирањето на нивоата во видео игрите, што би им ја олеснило и забрзало работата на програмерите и дизајнерите.

За тренирање на Generative Adversarial Network била искористена позната видео игра DOOM, поточно нејзината прва верзија од 1993-та, за која AI системот требало да генерира нови мапи (околини во кои се одвива дејствието на играта).

Таа нервна мрежа се потпира на два AI алгоритми кои работат еден против друг за да креираат нивоа во играта.

Едниот (генераторската мрежа) добивал податоци од стотици нивоа креирани од луѓе, вклучувајќи некои од оригиналната игра како и креирани од хобисти и потоа креирал нови кои изгледале слично.

AI системот ги земал в предвид големината на нивоата, височината на ѕидовите, бројот на собите и останати мерки да се обиде да ги имитира нивоата создадени од луѓето најдобро што може.

Вториот алгоритам наречен дискриминаторска мрежа ја проверувал работата на првиот, анализирајќи ги оригиналните нивоа, а бил и истрениран да препознава дали нивоата биле создадени од луѓе или генерирани од AI.
Откога овие два алгоритми биле активирани, истражувачите откриле дека нивната технологија можела да генерира нивоа кои изгледале како да се креирани од човек, т.е дизајнери и програмери.

Во нив се протнувале и неколку грешки, како на пример некои ситни детали на ѕидовите за кои AI-то не можел да процени како да изгледаат.

Сега истражувачите се надеваат дека нивниот систем би можел да се унапреди и да се употребува и во покомплексни игри и да претставува одлична алатка која би ги охрабрила развивачите на видео игри кои немаат буџет и тим како големите студија, а со чија помош би можеле да создаваат подеднакво комплексни нивоа на нивните игри, но со далеку помал буџет.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 10.05.2018 13:15:15