Футурама

Откриени 44 генетски фактори поврзани со сериозната депресија

Интернационална група од над 200 истражувачи успеала да ги мапира генетските темели на депресијата во поголеми детали од било кога досега.

Студијата објавена во Nature Genetics обележала 44 генетски варијанти кои го зголемуваат ризикот од депресијата, а 30 од нив досега не биле воопшто ни поврзани со неа.

Генетиката не е единствениот фактор за развој на депресијата – на неа влијаат и случувањата во животот и зголемената тежина.

Меѓутоа, новите генетски варијанти имаат потенцијал да ги ревитализираат третманите за депресија со откривање на нови и подобрени терапии.

Не постои еден единствен ген за депресија, но комбинацијата на неколку такви ги прават луѓето повеќе подложни на оваа состојба. Студијата вклучувала податоци од 135 458 луѓе со сериозна депресија и 344 901 кои служеле како контролна група. Рангирани според бројот на генетски фактори за депресија, оние во горните 10% имале 2.5 поголема шанса да го развијат ова пореметување отколку оние во долните 10%.

Сериозната т.н голема депресија ја имаат 14% од светската популација, а за жал само половината од дијагностицираните добро реагира на сегашните третмани.

Тимот истражувачи сака значително да ја прошири оваа студија и моментално дизајнира онлајн алатка за регрутирање на уште повеќе луѓе за идните генетски студии, со надеж дека овој проект ќе биде лансиран оваа есен.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 09.05.2018 17:10:23