Футурама

Контактни леќи кои исфрлаат ласери?!

Научниците создале ултратенок флексибилен филм кој може да емитира ласерска светлина и успешно го тестирале на контактни леќи демонстрирајќи ја можноста за „испукување“ на ласери од очите.

Ваквите ласери немаат ни приближно голема моќност да предизвикаат некоја штета како во разните научнофантастични филмови, но затоа имаат потенцијална примена како сигурносни тагови или еден вид на ласерски баркодови.

Мембраните кои го содржат материјалот се флексибилни и тенки помалку од една стотинка од милиметар, што значи дека лесно можат да се вметнат или залепат на објекти како контактни леќи или пак полимерски банкноти.

Ласерот, инаку, е креиран со печатење на мрежи со нано големина во тенките мембрани израснати на стаклетни супстрати.

Кога е осветлен со друг ласер, тој емитира сопствена светлина со бранови должини помеѓу 420 и 700nm, а структурата на материјалот може да биде модифицирана да емитира специфични бранови должини или пак светлина која би одговарала на серија на нули и единици од некој баркод.

Моќноста на ласерот е околу еден нановат – што е милијардити дел од еден ват – што е сосема доволно истиот да биде забележан од скенер.

За да го тестираат, истражувачкиот тим ваквата мембрана ја интегрирал во контактна леќа која била ставена на отстрането око од крава, кое е популарно за вакви видови тестирања помеѓу неговата структурална сличност со човечкото око.

Другата мембрана била закачена на еден од палците на истражувачите, а и двете успеале да создадат ласерски зрак.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 14.05.2018 14:45:57