Футурама

Вирус кој предизвикува мононуклеоза поврзан со уште 7 болести

Студија направена од тим истражувачи од детската болница во Синсинати покажува дека експонираноста на Epstein-Barr вирусот (EBV) кој ја предизвикува болеста моно т.е мононуклеозата, го зголемува ризикот на развивање на уште 7 други болести кај индивидуите кои ги имаат наследено предиспонирачките варијанти на генот.

Овие автоимуни болести се лупусот, мултиплекс склерозата, реуматидниот артритис, јувенилниот идиопатски артритис, воспалителното заболување на цревата, целијачната болест и дијабетес тип 1.

EBV е толку застапен да се проценува дека 90% од луѓето ќе бидат инфицирани со него додека наполнат 20 години. Штом е во телото, вирусот внесува копија од својот геном во Б клетките, давајќи им инструкции да создаваат вирални протеини, а кога Б клетката се реплицира и дели, истото го прави и виралниот геном кој на тој начин останува во телото.

7-те болести кои ги набројавме се појавуваат кога Б клетките по грешка почнуваат да го обележуваат ткивото од телото како опасно, а со оваа студија се докажува и дека на тоа влијаат комбинација на генетски, како и фактори поврзани со околината.

За да ги поврзат точките помеѓу EBV, Б клетките, генетиката и развивањето на автоимуни болести, тимот истражувачи анализирал огромна база на податоци со ДНК секвенци од клетки инфицирани со EBV, како и EBV-негативни Б клетки користејќи алгоритам кој ги идентификува регионите каде протеините кои можат да влијаат на транскрипцијата се врзуваат со нишката ДНК.

Како што претпоставувале, EBV протеинот наречен ENBA2 конзистентно се закачувал на човечката ДНК близу ризичните секвенци на лупусот, како и на другите 6 автоимуни болести.

Користејќи го овој алгоритам, авторите на студијата потоа идентификувале специфични асоцијации помеѓу ризичните секвенци на 94 други болести, вклучувајќи го и ракот на дојката.

Како последица на ова истражување и можноста и други научници да ги реплицираат истите резултати, може да дојде до развивање на нови терапии и начини за превенција на овие болести, кои моментално не постојат.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 11.05.2018 09:47:36