1. „Лав Толстој: Бегство од рајот“ – Павел Басински
Пред повеќе од еден век во Јасна Полјана се случи настан што го потресе целиот свет. Осумдесет и двегодишниот писател Лав Николаевич Толстој, ноќе, тајно побегна од својот дом во непознат правец. Оттогаш за околностите поврзани со неговото заминување и со неговата смрт настанаа многу легенди и митови...
Познатиот писател и новинар Павел Басински, врз основа на строго документирани материјали, не предлага своја верзија на тој настан, туку негова жива реконструкција. Чекор по чекор можете да ги проследите целиот живот и заминувањето на Лав Толстој, анализирајќи ги причините за неговата семејна драма и таинственоста за потпишувањето на неговото духовно завештание.
Во 2010 година книгата се закити со важната руска книжевна награда „Бољшаја книга“ (Голема книга).
2. „Просечен индекс на среќата“ – Давид Машадо
Погодено од финансиската криза во Португалија, семејството на Даниел се разделува. Неговата сопруга Марта заедно со децата се отселува кај своите родители. Но Даниел верува дека ќе најде работа и повторно сè ќе биде како порано. Даниел е нараторот што ја пренесува приказната преку имагинарен дијалог со својот пријател Алмодовар. Даниел ги губи и своите хонорарни работни места бидејќи своето време го користи за да им помогне на: Шавиер – агорафобичар што не може да го напушти својот стан, Авила – поранешен професор, малтретиран од средношколска банда, Вашко – синот на Алмодовар, кој постојано запаѓа во неволи. Шавиер има математичка теорија поврзана со среќата и прави секој да се замисли кој е индексот на среќата во неговиот живот. Но има ли среќата нумеричка вредност?
Романот е потрага по она што е навистина важно за да се биде среќен, но и обид да се сфати колку едно срце може да биде големо. Радост, болка, носталгија, песимизам, надеж и љубов, заедно спакувани во книга. Ни требаат лоши денови за да ги цениме добрите. „Просечен индекс на среќата“ е неверојатно патување до себе.
Добитник на Наградата за литература на Европската Унија за 2015 година.
3. „Киберијада“ – Станислав Лем
„Киберијада“ претставува уникатна збирка научнофантастични раскази за „најпрочуените конструктори“ Клапациј и Трурл, кои опиваат со својот хумор. Овие несекојдневни бајки и сказни го опишуваат барокот на Космосот. Говорат за кралеви и кралства, за витези и змејови, но временски сместени десетици илјади години во иднината, во светот на роботите и на интелигентните машини, кои еволуирале и оформиле различни општествени заедници во кои се случуваат секакви згоди и незгоди – трагични, хумористични, вџашувачки, необични. На овие страници роботите и ракетите се рамо до рамо со пиратите и вештерките. Во нив истовремено може да се распознаат и алузии на актуелни збиднувања од периодот на објавувањето на ова ремек-дело (1965).
Станислав Лем има изјавено дека „Киберијада“ е најубавата книга што ја напишал. Еден од неговите раскази („Патешествие седмо“) бил инспирација за компјутерската игра „SimCity“.
4. „Дете од лоша фамилија“ – Дарко Лешоски
Луцидноста и страста суштински преточени во поезија на урбаното секојдневје. Специфичен, остар и многу силен поетски пристап пренесен од обичен човек. „Дете од лоша фамилија“ е втора збирка поезија на Лешоски. Пишува од дното на душата. Преку 69 одделни поетски сегменти гласно зборува за љубовта, страдањето, начнувајќи ги трагедијата, самотијата, борбата, смртта, тегобноста! Теми колку блиски до поетот толку и до читателот. Песни во кои неминовно се чувствува хибридноста на љубовта видена во сите форми. Во секој напишан стих се чувствува неговиот внатрешен хаос, сфатен преку симболичка димензија.
5. „Глен – Супермен“ – Александар Кујунџиски и Васко Ташковски
Ова заедничко дело на писателот Александар Кујунџиски и на светски познатиот македонски сликар, академикот Васко Ташковски, содржи вкупно 25 кратки прозни текстови бајки проследени со исто толку илустрации/слики. (Впрочем, одделните „поглавја“ од сликовницава, обележени и со засебни наслови, слободно и оправдано е да се терминираат и како една комплетна бајка, како еден бајковит „мал роман“, како еден своевиден сплет – ѓердан нанижан од 25+25 „китки“, кои оформуваат вистински многуцветен венец...)
Врвно уметничко сочинение на двајца реномирани и безброј пати досега потврдени и докажани уметници: сликар – креатор со магичноста на сликарската четкичка и со колоритот на боите, кој и овој пат и овде се возвишува до бескрајот на вселената; и писател – бајкописец, кој на еден мошне необичен, оригинален и модерен стил, во темелот на делото и во неговата севкупна совршеност ги вѕидал волшепствата и силината на пишаниот збор.
И уште над 100 нови наслови: antolog.mk