Омнибус

Ресторан кој и оние без пари не ги остава гладни

Доколку сте гладни, а немате пари, тука секогаш може да добиете топол оброк - стои на вратата на ресторанот „Таен зачин“ на Драган Ѓуриќ, кој уште и порачува: „Никој не заслужува да биде гладен. Да ја вратиме вербата во човечноста".

- Еден човек стоеше пред ресторанот, ја гледаше храната, пребаруваше по џебовите, јас му пријдов и го прашав - што би јадел? Тој ме гледаше збунето. Му велам - Не морате да платите. И тогаш ми се роди идеја - да го обелодениме тоа, нека знаат луѓето, нека не им биде непријатно, раскажува Ѓуриќ.

Тој, заедно со неговиот татко, многу добро знае како е да се расте во сиромаштија. Во овој ресторан кој се наоѓа во Белград, пред четири години бесплатно се хранеа и луѓе од Обреновац, погодени од тогашните поплави и сместени во хотелот во близина, но и бегалците од Блискиот Исток.

- Не се срамат да пријдат, но кога ќе соберат сили да влезат и ќе ни побараат оброк, чувството е неверојатно, додава вработен во угостителскиот објект.

За десетка во индекс, студентите добиваат бесплатен ручек. Од месец мај се воведува и гратис оброк за трудници.

„Тајниот зачин“ е - љубов кон луѓето, а мотото е - „прави добро и на добро надевај се“.

Извор:  МИА
Објавена на 19.04.2018 12:54:06