Европскиот Парламент повторно го повикува Закерберг да сведочи

Претседателот на Европскиот Парламент, Антониот Тајани, му испрати официјално писмо на Марк Закерберг повикувајќи го да сведочи за скандалот со Кембриџ Аналитика.

Тоа е втор јавен повик до сопственикот на социјалната мрежа Фејсбук да дојде во Брисел да сведочи пред европратениците. Тајани првпат му испрати писмо на Закерберг на 20-ти март, но тој предложи да го испрати својот заменик-претседател за надворешни работи, Џоел Каплан.

-Сите политички групи истакнаа дека вашето лично присуство е апсолутно потребно, му напиша Тајани на Закерберг.

Образложението на ЕП е дека Фејсбук чие меѓународно седиште е регистрирано во Даблин, Ирска и како такво им подлежи на европските закони.
-Фејсбук мора да соработува и да биде одговорна пред Европскиот Парламент кој е регулатор на европското законодавство, потсетува Тајани, додавајќи дека господинот Закерберг има одговоност лично да даде објаснувања на народните избраници на граѓаните на ЕУ како што направи со Конгресот.

Како што јавува дописничката на МИА во Брисел, претседателот на Парламентот смета дека спречувањето на идните злоупотреби на личните податоци на европските граѓани треба да се процени во рамките на претстојното стапување на сила на новата регулатива на ЕУ за заштита на податоци, попозната како ГДПР.

Европската Комисија, извршното тело на ЕУ, исто така испрати писма со барање за објаснувања од раководството на Фејсбук, но не побара сведочење. Фејсбук одговори дека е подготвен да соработува.

Над 2 милиона европски граѓани се засегнати од злоупотребата на лични податоци од страна на Кембриџ Аналитика преку Фејсбук. Закерберг веќе сведочеше пред американските пратеници.

Извор:  МИА
Објавена на 19.04.2018 09:38:30