Футурама

Лепенка од матични клетки за лекување срца оштетени од срцев удар

Човечкото тело има извонреден капацитет за само-лекување: црниот дроб се регенерира кога е оштетен, еден бубрег може да научи да ја врши работата на два, а кожата постојано не заштитува од гребнатини и исеченици кои би можеле да не изложат на штетни патогени.

За жал, еден од највиталните органи – срцето – не се само-лекува лесно. Кога тоа е оштетено од болест или повреда, неговото ткиво не може да се регенерира добро и брзо. На пример, по силен срцев удар, милијарди клетки на срцевиот мускул можат засекогаш да бидат изгубени, што го ослабува срцето и доведува до состојби како конгестивна срцева слабост или создавање на лузни, што може да има фатални последици.

Моментално единствената опција за пациентите со оштетени срца е добивање на трансплантирано срце, кое морало да биде здраво пред донорот да почине. Ова значи дека најчесто ваквите срца се добиваат од млади луѓе кои загинале во несреќи, или од повреди или болести кои не влијаеле на срцето. Пациентите, пак, кои чекаат да се појави донор чие срце ќе им одговара може тоа да го прават долг период, па голем дел од нив тоа не го ни дочекуваат.

Сега, тим истражувачи од институтот за матични клетки при универзитетот Кембриџ развива иновативен начин за лекување на срцевото ткиво за кое не е потребно срце од донор. Наместо тоа, тие искористиле матични клетки за да лабораториски израснат живи „закрпи“ т.е лепенки за срцевиот мускул. Ваквите лепенки имаат површина од само 2.5 квадратни сантиметри, но се потенцијално моќна алатка за третирање на пациенти со ослабени срца.

Тие би биле живо срцево ткиво кое ќе отчукува, а би се креирале од матичните клетки на самите пациенти, елиминирајќи ја потребата за имуносупресивни лекови и намалувајќи го ризикот од одбивање на органот – двата најголеми проблеми со кои што се соочуваат пациентите кај кои била извршена трансплантација.

Тимот научници се надева дека ваквите лепенки би можеле да бидат 3D принтани совршено да се вклопат во површината на оштетениот мускул, на која би биле сошиени од хирург, а наскоро очекуваат да добијат одобрување за нивно тестирање врз животни.  Доколку успешно ги поминат тие тестови, би можеле да се спремни за клиничко тестирање врз луѓе во наредните 5 години.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 13.03.2018 11:01:34