Футурама

Лекување скршеници со трансформирање во вистинска коска

Кога коската се крши, медицинските уреди и објекти како разни шипки и шрафови често се користат да ги држат скршените парчиња заедно додека коската не се залечи. Сепак, тој процес може да биде екстремно болен, долг и тежок.

Сега, ново технолошко чудо може да ги елиминира овие методи, а се работи за 3D принтан керамички имплант кој ги држи скршените парчиња коска заедно сè додека и самиот не се претвори во коска.

Креиран од Хала Зреикат и нејзините колеги од универзитетот во Сиднеј, Австралија, имплантот успешно залечил скршени коски од рака кај зајците кои се користеле за тестирање, а бил тестиран и кај поголеми фрактури на нога на овци. И покрај малиот број на тест примероци, истражувачите го прогласиле експериментот за подеднакво успешен кај сите 8 животни кои биле дел од студијата.

Според нив, овците биле способни да чекорат веднаш по операцијата, со тоа што првите 4 недели имале и гипс за да им ја подобри стабилизацијата за време на процесот на заздравување. Три месеци по операцијата било забележано комплетно заздравување на 25% од фрактурите, а по една година тој процент изнесувал 88%.

Не само што имплантот и овозможувал на коската да се залекува, туку буквално креирал природна коска на местата каде ја немало и се распаѓал кога веќе не бил потребен, без никакви токсични несакани ефекти.

Тој има композиција слична на природната коска и е порозен, така што низ него може да расте природната коска и крвните садови, што го прави одлична алатка за оваа намена. Направен е од калциум силикат, минералот ганит, и мала количина од стронтиум и цинк кои ги има и во природната коска.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 12.02.2018 12:39:47