Интервју

Кога е вистинското време за посета на логопед?

Оваа недела во центарот на нашето внимание се најмалите и нивните проблеми со говорот.

Зборуваме  со Ивана Дуровска, специјалист по клиничка логопедија во „Од А до Ш", за тоа  како телевизијата влијае врз говорот на децата како и кои се знаците кои покажуваат дека детето има проблем.

Кога е вистинското време да се однесе детето на логопед?

-Не би рекла дека постои одредено вистинско време кога би требало да се посети логопед. Вистинското време е кога родителот ќе забележи било какви неправилности и отстапувања во говорот на своето дете.

Какви методи сè се користат за да им се помогне на децата да ги надминат проблемите со говорот?

-Се користат различни методи во зависност од говорната дијагноза. Пример за пелтечење се користи техника за правилно дишење и вежби за ритам и темпо, додека за дислалија (неправилен изговор на гласови) се користат соодветни техники за добивање на одреден глас и автоматизација на истиот.

Од колку години треба да се вежба говорот кај децата?

-Говорот кај децата се вежба доколку детето има одредени тешкотии во говорот, но говорот се стимулира уште од раѓањето на бебето.

Родителите често знаат да им пуштат по некој странски цртан на своите деца на интернет или ТВ. Како тоа влијае врз нивниот говор?

-Негативно. Можам да потврдам со моето 4 годишно искуство дека со денешната употреба на технологијата и гледањето на цртани со странски јазик многу го уназадуваат развојот на мајчиниот јазик. Конкретно станува збор за англискиот јазик кој е наједноставен јазик во светот, затоа е и глобален.

Кога на едно дете од 2 или 3 години ќе му се дозволи да го слуша англискиот јазик детето почнува прво него да го восприема и употребува бидејќи му е полесен. Македонскиот јазик е доста потежок и нормално децата одбираат да го користат тоа што им е поедноставно. Од англискиот јазик произлегуваат многу говорни проблеми. Почнувајќи од помалите како неправилен изговор на гласови, па до лажна слика на аутизам. Затоа препорачувам прво детето да го совлада мајчиниот јазик, па потоа да се воведе странски јазик.

На твојот FB  често знаеш да постираш по некое раче со петка на него. Колкаво влијание имаат наградите врз детската волја за учење?

-Со децата мора да се има другарски пристап од една страна, за да можат да го научат и совладаат тоа што треба и притоа тоа да им биде задоволство, но од друга страна мора да се има и авторитет.

Принципот на награда доста ги мотивира децата и јас практикувам кога децата се послушни и исполнителни да им напишам 5-ка на рачето или браво во тетратката и да ги наградам со некое чоколатце за и во иднината бидат мотивирани и да имаат желба да вежбаат.

Има деца кои се раѓаат со говорна мана. Дали тоа има врска со генетиката или во прашање е нешто друго?

-Пак ќе наспоменам дека и тука може да е поради генетика, но може говорните проблеми да се стекнати како што кажав погоре поради рано вклучување на странски јазик, поради технологијата, поради премногу користење на цуцли (да се оштети говорниот апарат и води до неправилна артикулација) и многу други фактори кои влијаат на развојот на говорот.

Кои се знаците кои покажуваат дека детето се соочува со вакви проблеми?

-Знаците можат да бидат мал фонд на зборови, одбивање на вербална комуникација, неправилен изговор на гласови и многу други показатели во зависност од возраста на детето.

Што е со пелтечењето? Дали може да се излечи целосно?

-
Пелтечењето има генетска предиспозиција, но може да се појави и поради претрпен емоционален стрес или пак како симптом на други патолошки состојби на организмот како на пример епилепсија или пак Даунов синдром.

Сепак, пелтечењето не е болест да се лечи, туку е состојба која што се учи да се контролира.

Сега едно малку поприватно прашање. Колку љубовта кон работата ти олеснува побрзо да ти поминуваат работните часови?

-За да бидеш успешен мора да си вљубен во својата работа и да ја работиш со задоволство. Љубовта кон децата и желбата да се помогне се главни мотиватори за да ја работам оваа професија.

Зошто се определи токму за оваа професија?

-Уште како мала сакав да бидам наставничка и да работам со деца. Гледајќи ја мојата мајка која е дефектолог, како работи со деца со тешкотии во развојот и кај мене се роди желба да помагам и да работам со деца со тешкотии, но во мојот случај со говорни тешкотии. Така да морам да кажам дека дел од љубовта кон оваа професија е наследена од мојата мајка.

С.Велковска

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 21.12.2017 14:13:28