Вера Калин е девојката на која не и треба многу за да не вовлече во своите книги и да нe маѓепса со своите зборови. Впрочем и затоа стана еден од омилените автори на домашната читателска публика.
Калин едноставно умее со зборовите, но она што ја прави посебна, несомнено е нејзиниот уникатен начин со нив да создаде приказни кои никогаш не би не оставиле рамнодушни.
-Секој момент е полн со можности за значајни пресврти во нашите животи, вели таа во интервјуто за Идивиди, зборувајќи за позитивните искуства во својот живот, а воедно и за она што ја мотивира да оди напред.
„Бездомникот со златен часовник“ е првата книга со која што и се престави на македонската читателска публика. Дали очекуваше дека твоето првенче ќе достигне толкав успех?
-Кога се решив на издавање, бев сигурна дека приказната е во онаа форма во која ја замислував, во онаа форма која беше и мојот максимум и максимумот на моите ликови во тој период од моето писателствување. И секако, кога авторот решава дека приказната е конечно подготвена да биде споделена со јавноста - верува во неа и се надева дека истата ќе наиде на прифаќање од страна на читателите. Сепак, надежите се едно, додека очекувањата и реалноста се нешто сосема друго и природно е дека имав некои сомнежи, пред сѐ поради тоа што тогаш бев дебитант во своите рани дваесетти. Tоа што ликовите на „Бездомникот со златен часовник“ оживејаа и сѐ уште оживуваат во толку многу животи, продолжува да ме радува, продолжува пријатно да ме изненадува.
Пред два месеци ја промовираше и „Ловци на светулки“. Со каква приказна ќе не маѓепсаш овој пат?
-„Ловци на светулки“ е збирка од 13 приказни, чија заедничка точка е тонот и атмосферата која преовладува, како и темата на истрајната потрага по среќата. Тоа се приказни за непредвидливоста на иднината, за загубените надежи и за несопирливата борба со сеништата на стварноста.
Секогаш велам дека оваа книга ми е поблиска од првата, затоа што ми се чини дека за време на нејзиното создавање и јас, исто како и моите ликови, ја барав сопствената трајна точка на насмевки.
Несомнено е дека за кратко успеа да оставиш уникатен печат врз читателската публика. Како го доживуваш фактот што луѓето веќе те препознаваат и имаат определени очекувања во однос на твоите книги?
-Во суштина, ништо не е сменето, освен тоа дека очекувањата кои ги имав од своите приказни, сега ги имаат и сите читатели на истите. Дури и тие очекувања од страна да не постоеја, природно ќе беше да се обидувам со секој следен создаден свет да се обидам да го надминам и „засенам“ претходниот.
Отсекогаш сум верувала дека најголемата трагедија која може да му се случи на еден уметник е некое од неговите први дела да биде најдоброто од неговиот опус. За среќа, ликовите што заживуваат во приказните се менуваат заедно со оној кој ги создава, а околу мене има уште толку многу нешта што треба да ги научам, пред мене има уште толку многу години за да се пронајдам, за да се создадам и за да го обликувам својот глас, што за своите идни ликови - воопшто не стравувам.
Дали во текот на создавањето на една книга, креативнoста понекогаш „паузира“, па не знаеш во која насока ќе го продолжиш дејствието?
-За мене, најтешката задача е создавањето на приказната и нејзиниот тек. Со зборовите никогаш не сум имала проблем, штом столбовите на приказната ми се познати - зборовите сами од себе се лепат околу нив. Но, секако дека постојат периоди кога приказната останува заглавена во некоја точка, од која писателот не успева да ја помрдне. Ама, тоа што истото му се случува секому и што се случува постојано, при создавањето на речиси секое дело, докажува дека тоа блокирање е минливо и надминливо. Во тие моменти, она што е најважно е да се продолжи понатаму, да продолжи секојдневното создавање на некој друг, веќе познат дел од приказната или на нешто сосема неповрзано, затоа што, според она што го имам искусено досега, ниту еден проблем не може да се реши со настојчиво фокусирање на него. Пречките исчезнуваат тогаш кога бледнее значењето кое им го придаваме и тежината која им ја припишуваме.
Домашни vs странски автори...Дали е вистина дека првите се потценети во однос на вторите или пак нештата полека, но сигурно се менуваат?
-Според мене проблемот никогаш не се состоел во тоа што читателите помалку ги ценат македонските автори, па поради тоа помалку ги полнат своите домашни библиотеки со нивните дела туку едноставно не биле свесни за разновидноста од приказни која постои на македонската книжевна сцена. Читателите денес се истите како и пред неколку години, па тоа што во моментов македонските писатели доживуваат неверојатен подем, укажува на промената која настанува од другата страна, кај писателите, односно на нивната зголемена експонираност и достапност.
Што е со комерцијалниот дел? Секогаш сум се прашувала како во странство некој може да изгради луксузен живот само од пишување книги, а тука нештата стојат поинаку.
-Можеби така изгледа од страна, но во реалноста, многу малку странски писатели заработуваат за удобен живот само од пишување, доколку на бројките погледнеме процентуално.
Ние живееме во земја чиј јазик го зборуваат многу малку луѓе, каде издаваштвото функционира далеку поедноставно од другите земји и практиката за агенти е непостоечка - а со тоа и можностите за превод се потешко достапни. Едноставно страдаме од последиците на малиот пазар.
Сепак и малиот пазар има свои предности. И ние секојдневно учиме да ги користиме истите во полза на нашите приказни.
Во денешно време социјалните мрежи играат голема улога во промоцијата и афирмацијата на младите автори. Какво е твоето искуство?
-Социјалните мрежи дефинитивно имаат позитивен ефект. Не само што се едноставен начин за промоција на делата, туку играат и значајна улога во постигнување на одредена двострана комуникација помеѓу авторите и читателите. Авторот повеќе не е само име на корица, туку е жива личност со сопствена биографија и самото тоа, во моето искуство, многу менува.
Сепак, драго ми е што во мојот случај, првото познанство со читателите беше на хартија - преку „Бездомникот со златен часовник“ а дури потоа истите започнаа да ги следат оние секојдневни чкрабаници и мисли што се распространуваат на социјалните мрежи, затоа што приказните што ги раскажувам, а не моето секојдневие, се оние кои што сакам да ме дефинираат во нивните светови.
Кога сме веќе кај нив, разгледувајќи ја твојата фан страна прочитав „ На овој свет можеш се да оставиш и да заминеш, од се и секого можеш да избегаш, освен од себе си и од сопствените стравови“. Кој е најголемиот страв на Вера Калин?
-Дека со текот на годините животот ќе ми се испречи на патот и ќе ме натера да заборавам која сум и што е она што вистински ме прави среќна.
Сепак, не сакам претерано да размислувам за сопствените стравови, зашто верувам дека тие би станале можни и живи само доколку решам да им посветам дел од моите воздишки.
Кое е најпозитивното искуство кое што си го имала досега и што научи од него?
-Секое искуство може да биде позитивно, доколку се фокусираме на лекциите на кои нѐ научило, на желбите кои ни ги разјаснило. Секој момент е полн со можности за значајни пресврти во нашите животи.
Доколку морам да изберам, би го избрала овој миг. Овој ден е моето ново „најпозитивно искуство“, затоа што и овој ден, исто како и секој претходен, исто како и секој следен, е мост помеѓу точката на развој до која што сум стигнала вчера - до точката до која што сакам да стигнам утре.
За крај...Што по „Ловци на светулки“?
-Во моментов се подготвува четвртото, визуелно освежено издание на „Бездомникот со златен часовник“ неговиот превод на бугарски јазик, како и интересни соработки и дополнителни активности за доближување на двете дела до читателите. Но, она на коешто во моментот сум најмногу фокусирана е пишувањето на новиот роман, кој е приказна за идентитетот, опсесијата и товарот на минатото, која ги истражува границите што човек би ги поминал воден од стравот од осаменоста.
Тоа е засега планирано, но времето е она кое на крајот ги крои сите планови. Подетални и навремени информации за сите понатамошни активности и случувања, читателите можат да пронајдат на мојата официјална Фејсбук страница Vera Kalinn.
Н.Вуковиќ