Интервју

Светот се менува! Бидете дел од промената

Сакале да признаеме или не, технологијата секојдневно го менува светот, а на нас останува изборот дали ќе бидеме во чекор со времето или ќе дозволиме тоа да нè избрише.

Токму дигиталната трансформација беше една од темите што заземаа значајно место на годинешната Microsoft Визија: Reloaded конференција, што изминатава недела се одржа во Скопје.

Идивиди разви интересна дискусија со Мајкл Когелер, инаку генерален директор за CEE Multi-country Europe во Microsoft, што опфаќа 15 земји во Централна и Источна Европа, со кој зборуваме за нештата кои со себе ги носи дигиталната револуција и за тоа како истите влијаат врз нашето секојдневно живеење.

Дел сте од тимот на Microsost веќе 14-години. Што е најдоброто нешто во работата за оваа компанија?

-Луѓето и нештата кои што ги правиме за нашите корисници. Технологијата се развива од ден на ден, има многу конкуренција, сепак, најдоброто нешто е влијанието кое со нашата технологија  го имаме врз животот на луѓето, било тоа да се обични луѓе или компании.

Многу сум горд на луѓето со кои што работам, како во компанијата така и надвор од неа. Комбинацијата од луѓе, технологија и остварување на целите е она што ме прави среќен.

Кога работев во Африка започнав нешто што се нарекува 4Africa Initiative. Тоа беше моја идеја, која денес е една од најголемите инвестиции на Мicrosoft и му помага на континентот да се развива. Обучивме повеќе од 25 илјади луѓе во последните 3- 4 години и тоа бесплатно. Основаме многу компании, имаме менторска улога, ја шириме технологијата...Тоа ми се допаѓа, што влијаеме, што ги менуваме нештата.

Како ги мотивирате своите вработени да го дадат најдоброто од себе?

-Мислам дека не треба да ги мотивирам. Луѓето во Мicrosoft се помалку чудни (се смее). Се разбира на позитивен начин. Секогаш им велам на луѓето дека работата во Microsoft не ми е само работа, тоа е цел стил на живот. Не можам да си го замислам својот свет без Microsoft, би ми било многу чудно. Но, не поради мојата работа. Зафатен сум 24 часа на ден, но воедно поминувам и многу време со децата и семејството.

Како ги мотивирам моите луѓе? Ние сме компанија од илјадници луѓе, каде на секој човек му е дадена огромна слобода, простор да преземе иницијатива. Се разбира дека мораш да си ја завршиш работата, но од друга страна имаш огромна слобода околу тоа како ќе го правиш тоа.

Ако Microsoft го има во 125 земји, тогаш по логиката на нештата има 125 различни начини на работа. На крај ги остваруваме зацртаните цели и сето тоа поради луѓето кои работат за нас и на нивната креативност.

Дигиталната револуција носи многу позитивни нешта. Животот ни се поедноставува, можеме да комуницираме полесно, имаме време за себе...Сепак, не може, а да не се запрашаме што е со прашањата како приватност и заштита на податоците, безбедност...

-Секогаш кога разговарам со претставниците на владите од различни држави зборуваме за овие прашање. Безбедноста е мошне едноставна за објаснување. Замислете дека имате куќа која го поседува најдобриот алармен систем. Ако ја оставете влезната врата отворена, домот не ви е безбеден. Истото важи и за ИТ нештата. Ако имате Windows на компјутерот или телефонот и не го апдејтирате, не користите безбедносни програми, самите си го повикувате проблемот. Значи треба повеќе да се грижите за безбедноста на нештата кои ги користите. Ние правиме сè што е во наша моќ, се справуваме со сајбер криминалците, работиме заедно со владите на многу земји и надлежните власти за да можеме да ги запреме овие луѓе. Во САД постои голем центар за дигитален криминал, каде што постојано се следи Интернет активноста, па ако има било каков проблем, се обидуваме да го решиме.

Што се однесува до заштитата на податоците, морам повторно да потенцирам дека светот се менува. Microsoft се менува, Google се менува, имаме илјадници податоци од луѓе за кои се грижиме и кои ги заштитуваме. Ако ги погледнете стандардите кои ги имаме за да ги обезбедиме вашите податоци во нашите центри за податоци, тие се на највисоко можно ниво.

Кога пак зборуваме за приватноста на информациите треба да се запрашаме на кого сè му дозволуваме да има достапност до нашите податоци. Ако на сите им дадете пристап до вашите информации, тие најверојатно ќе ги злоупотребат. Во однос на тоа прашање работиме заедно со нашите пријатели од Google и Facebook, за да развиеме нови правила на користење за тоа што и на кого му е достапно. Јас лично немам проблем со приватноста на податоците. На пример на FB имам посебна група за блиски пријатели каде постирам нешта кои сакам тие да ги видат, а имам група и за сите преостанати.

Интернет регулација...Дали е тоа воопшто возможно?

-Не можеш да го регулираш Интернетот. Тоа е само протокол кој ти овозможува пакет информации да ги пренесеш од една до друга точка. Не верувам дека тоа некогаш ќе може да биде регулирано. Земете ја Кина за пример. Одам во Пекинг и сакам да им кажам на своите пријатели дека сум таму, но гледам дека нема Facebook?! Дубаи е исто така чудно место. Постои регулација на определени сајтови, од типот на сајтови за возрасни. Може да го направите тоа, но постојат мал милион начини на кои луѓето можат да ја избегнат регулацијата.

Во светот постојат земји кои побрзо се трансформираат дигитално и земји кои бележат побавен развој на ова поле. Како Microsoft им помага на помалку напредните? На пример знам дека имате посебни програми преку кои давате свој придонес во образованието...

-Microsoft им помага и на едните и на другите и да образованието е еден дел сето тоа. Впрочем што е иднината на една земја, ако тоа не е младината?

Мината година дониравме 250 милиони долари во образованието, институциите, универзитетите ...Имаме најразлични програми преку кои им помагаме на училиштата да го направат следниот чекор во однос на технологијата, да бидат во чекор со времето и слично. Како што претходно спомнав во своето излагање, можеби следниот Facebook се наоѓа од другата страна на улицата каде двајца млади дискутираат за својата идеја и си велат ајде да започнеме нешто ново. Така започнал Зукенберг, така започнал Бил Гејтс. Технологијата не е ништо повеќе од поддршка на идејата и креативноста.

Правиме многу нешта за да им помогнеме на земјите да се развиваат технолошки. Поминувам многу време со луѓе од јавниот сектор, премиери и министри и секогаш нагласувам дека треба да се има волја за да се сменат некои нешта. Во повеќето од земјите каде што работам има многу волја и желба да се оди напред. Првото прашање што им го поставувам на министрите е кои се 3-те нешта кои ве држат будни навечер. За жал некои од нив воопшто немаат одговор на тоа прашање...

Кога сме веќе кај тоа прашање кои се вашите?

-Моите? Немам. Во суштина спијам многу мирно (се смее). Размислувам за моите луѓе, за нивниот перформанс, за тоа колку сме постигнале. Да бидам искрен, ако знам дека сме направиле сè во наша моќ за да оствариме нешто, но за жал не сме ја постигнале целта, ОК сум со тоа затоа што знам дека сме го дале најдоброто од себе.

Да се навратам на претходното прашање...Правиме сè што е во наша моќ да им помогнеме на владите што подобро да се развијат технолошки. Некои земји се понапред, некои земји се поназад

Каде е позиционирана Македонија во однос на оваа тема?

-Добро прашање...Мислам дека Македонија има добар потенцијал да оди напред. Можам да забележам дека вашата Влада е подготвена да оди напред и да работи на оваа проблематика. Во секој случај ние сме тука да помогнеме во тоа.

Која е следната фаза во дигиталната револуција? Можеби сајбер луѓе?

-Не верувам во тоа. Стивен Хокинг се плаши дека роботите ќе го преземат светот, но мислам дека тоа нема да се случи. Роботите не знаат ништо за емоции, гнев, љубов...Мора да ги програмирате за да научат што значи емоција. Значи станува збор за програма, а не за нешто реално. Точно е дека вештачката интелигенција од ден на ден сè повеќе напредува, но не сум загрижен за тоа. За време на своето предавање зборував за 4-та дигитална револуција, не знам што би можело да биде 5-тата. Кој знае можеби некоја комбинација од луѓе и роботи, со вештачки раце, очи и слично...

Сигурен сум дека технологијата ќе се оди напред и тоа ќе смени многу нешта и ќе отвори многу нови можности за луѓето. Од друга страна ќе претставува проблем за луѓето кои не се доволно брзи за да се носат со промената која настанува.

Што мислите, што ќе се случи со нив?

-Уште едно интересно прашање, што вреди да се продискутира. OЕCD предвидува дека голем процент од денешните работни места ќе се автоматизираат во иднина. Прогнозите на САД пак покажуваат дека станува збор за 47 проценти, што значи дека половина од работните места кои постојат денес, ќе ги нема во иднина. Сепак, не велат дека ќе исчезнат засекогаш. Можеби ќе се отворат други типови на работни позиции, луѓето ќе се преквалификуваат и слично. Бројот на луѓето на планетава се зголемува, работните места се намалуваат, сигурно нема да го убиеме половина човештво за да го решиме проблемот.

На интернет има интересна дискусија по ова прашање каде многу луѓе се залагаат за тоа секој човек на планетата да добива основен приход. Ако земеме 1 процент од светскиот бруто домашен производ, секој човек на светот може да добива солидна месечна плата која ќе ги реши сите проблеми како сиромаштија, потреба за храна и слично. Луѓето би имале пари за да ги задоволат основните потреби, а кој сака повеќе слободно би можел да работи за повеќе. Едноставно луѓето би имале избор каков што немаат денес.

Ако решението е толку лесно, зошто никој не се осмелува да го спроведе?

-Не знам... Најверојатно зошто луѓето си велат моја земја, мои пари. Можеби технологијата еден ден ќе го смени сето тоа. Не знам...Тоа е тема за друга дискусија.

И како за крај, како ви се допадна престојот во Скопје?

-Ми се допаѓа градот, помалку ме потсетува на Париз поради зградите. Иако станува збор за нови градби ми се допаѓаат. Луѓето со кои што се сретнав имаат одлични идеи, па сега за сега си поминувам одлично.

Н.Вуковиќ

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 21.11.2016 14:23:46