Интервју

Доина Рушти: Како завршивме овде?

Доина Рушти, е светски позната авторка, која доаѓа од Романија. Во нејзината долгогодишна кариера како авторка добила голем број награди, меѓу кои и наградата на Романската академија Јон Креанга за романот „Елиза на 11 години“.

Токму овој роман, кој е преведен на повеќе јазици, конечно ќе пристигне и во рацете на македонските читатели. Имено, на 8-ми ноември, благодарение на Фестивалот на европска литература организиран од книжарата „Антолог“ ќе имате можност да присуствувате на промоција на оваа книга, заедно со авторката.



Но, пред да ја запознаете во живо, дознајте нешто за нејзината книга која направи вистински бум во Европа.

За секој автор огромна е честа кога неговите дела се споделуваат надвор од границите на својата татковина. Како се чувствувате во врска со тоа што токму романот „Елиза на 11 години“ ќе добие превод на македонски јазик?

-Мислам дека преводот застапува сосема друга книга, за чиј живот не знам ништо. За сите верзии на книгата, целосно им верував на преведувачите. Слушнав дека германскиот превод навистина бил добар. Малку го променија насловот на шпанската верзија, но не знам дали тоа беше добро или не. Додека пак за преводот на македонски јазик е заслужна преведувачката, Александра Каитозис.

Во делото станува збор за девојче od 11 години, кое што е обвинето дека целото село го заразило со сифилис. Но, за што всушност пишуваш во романот?

-Живееме живот кој одекнува. Светот ни се распаѓа пред наши очи. Мислам дека не постои некој кој не ја забележал оваа реалност. За мене, приказната за овој генерички крај започнува во едно мало село, каде што луѓето ја изгубиле почитта кон нивните блиски. Злоупотребувањето на децата е само една последица на тоа. На дното од ова зло, ќе пронајдеме невини концепти во привидот: екстремна толерантност и попустливост кон сериозни работи. Кога општеството одлучува да замижи пред малите неправедности, последиците сигурно стануваат симболична снежна топка, која потоа засилено се претвора во лавина.

Станува збор за вистинска приказна, но дали ја зачинивте?

-Романот за Елиза е заснован на вистинска приказна, но од приказната создадов свет кој ми припаѓа само мене.

Со оглед на тоа дека станува збор за приказна од минатото, дали можеби сакате да се вратите во тој период или само ја прекажувате вистинската приказна?

-Преку книгата се обидувам да одговорам на прашањето „Како завршивме овде?“. Тоа ми беше намерата уште од самиот почеток.

Во речиси секоја ваша книга, главниот лик е женско. Зошто скеогаш избирате да пишувате во женски род?



-Мислам дека е природно што нараторот е жена, со оглед на тоа дека јас сум жена. Истовремено, морам да признаам дека поупростено е да се пишува од машка гледна точка: сите одлични наратори се мажи. (се смее)

Дали вашите книги имаат некаква поврзаност со вашиот живот? Дали можеби низ редовите на она што го пишувате може да откриеме нешто за вас?

-Не постои книга која не е поврзана со животот на авторот. За мене, секоја книга содржи дел од мене. Дури и оние историските. Во Елиза, изградив свет во кој што е прикажано Романско село, бидејќи и јас сум родена во село близу течението на реката Дунав, не многу далеку од Козлодуј. Кога имав 11 години, ни се случи многу лоша трагедија: го убија тако ми. Токму на таа возраст пораснав. Тогаш се случија моите најкрволочни искуства, каде што детството и зрелоста се испреплетoа. Никогаш не сум поминала низ нешто слично со она со што се соочува ликот во книгата, но го почувствував емоционалниот и морален интензитет во една мала рурална околина.

Како го замислувате вашиот идеален читател?

-Се плашам да мислам на одреден тип на читатели. Најчесто се водам од идејата дека пишувањето повеќе е лична игра. Тоа е добра игра, која другите сакаат да ја играат. Секако, сакам да има луѓе кои што ги споделуваат истите емоции. Тоа е и судбината на една книга: да се движат птици во јато.

Што читате во моментот? Кој ви е омилен автор?

-Во моментот читам книги од 18 век, кои застапуваат дел од истражувањето кое што ќе ме одведе до мојата следна книга, во која се раскажува приказната за вештерка од периодот на просветителството, која еднакво се интересира и за модерната технологија и за мистичноста,

Ги сакам книгите на Фокнер и постојано ги препрочитувам со иста возбуда како и Селин (Death on credit). Се хранам од Мишел Фолко, Коетце, Харуки Мураками, а уживам во наративноста на Мо Јан.

Што мислите за Македонската литература? Дали сте прочитале некој извадок од дело на македонски автор?

-Се плашам дека не ја познавам многу вашата литература. Во нашата земја многу е познат Дејан Дуковски, со неговата „Буре Барут“ која цветаше во театрите низ Букурешт.

На 8-ми ноември книгата „Елиза на 11 години“ ќе ја промовирате во Скопје. Кажете ни нешто што ќе не привлече веднаш да ја прочитаме.


Книгата е составена од повеќе делови каде што различни карактери се потсетуваат на настани од времето кога имале 11 години. Од дното на мојата душа се надевам дека на мојата средба со читателите во Скопје, ќе слушнам приказни од луѓе, ученици на најдобрата традиција на Балканот, кои може да ја искористат оваа можност да ги споделат со мене нивните приказни поврзани со оваа предизвикувачка возраст.

И. Витановска

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 05.11.2016 09:21:23