Интервју

Подгответе се за модерниот крал Артур

Никола Којо ја започна актерската кариера на само 11 години, а неговата препознатлива појава во комбинација со смислата за хумор, го направија еден од најомилените актери на Балканот.

Српската актерска легенда годинава се враќа под театарското светло преку ликот на Крал Артур, во Бродвејскиот мјузикл „Монти Пајтон Спамалот“ што на 27 ноември ексклузивно ќе биде одигран и во Скопје. Воедно ќе го видиме и во урнебесните комедии „Stado“ и „Jesen Samuraja“.

Човекот кој многу ретко гостува во емисии, неодамна во разговор со ТВ водителката, Тања Петернек- Алексиќ зборуваше за своите улоги, најголемото каење, а воедно и за тоа како по три обиди конечно се запишал на филмската академија.

-Кога решив да го полагам испитот по трет пат си реков на себе си, ако треба ќе полагаш додека не остариш и тогаш навистина положив, раскажува Којо и додава дека ако тој се прашува негова ќерка никогаш нема да стане актерка.

-Знаејќи какви сè маки сум поминал и колку стресни моменти носи самата професија, никогаш не би и дозволил на некоја од ќерките да се занимава со актерство, не им треба тоа. Мојот татко беше градежник и секогаш ме насочуваше кон некои посигурни води за да го избегнам актерството, но никогаш не ми забрануваше да се занимавам со тоа.

Раскажувајќи за најинтересните моменти од својата кариера, не заборави да го спомене отказот што своевремено го добил во Ателје 212

-Тоа беше во 90-тите, ми требаа 6 марки за да одам на проба, уште 6 да одам на претстава, сметката во Ателје беше 2000 марки, а мене платата ми беше 5 марки, тоа не значи дека многу пиев, тука дека времето не беше нормално. Тој отказ ми донесе и некои добри работи и секогаш ме навраќа на тоа време.

Една од најстресните ситуации кои ги имал во театарот несомнено е претставата „Мала“.

-Седев во публика, претставата доцнеше, публиката стануваше нервозна, кога ме повикаа зад сцена. Ми кажаа дека Лаушевиќ се заглавил во некој метеж, морам да го заменам. Не сакав да прифатам, ниту ја имав гледано претставата, ниту го знаев текстот, им реков нема шанси. Меѓутоа по 20 минути прифатив, некако одлумив и кога претставата заврши седнав во фотелја и бев преуморен, не можев ниту да ја подигнам раката, вели Којо.

Ако за нешто се кае, тогаш тоа е дефинитивно пропуштената понуда од режисерот Милош Форман.

-Тој е мојот омилен режисер и ме повика во Прага на разговор за една важна улога. Не на кастинг, туку на разговор. Не знам што ми стана ама знам дека му одговорив: Не можам сега, многу сум уморен! Сериозно не знам зошто го реков тоа и ден денес се каам за одлуката.

Годините минуваат, Никола и понатаму е уморен, но не за филмски улоги, туку воопшто од брзиот начин на живот. Затоа денес се фокусира на себе и на своето семејство да им обезбеди поздрав живот надвор од градот.

-Преморен сум од животот во градот, потрага за паркинг, нервозни возачи и се друго, па затоа решив со пријателите да заминам од тука. Купивме едно убаво парче земја на кое ќе изградиме куќички, базен, тениски терени, една мала комуна, открива тој и додава дека само сака неговите ќерки да бидат среќни и здрави.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 15.10.2016 10:55:59