Интервју

Топло чоколадо кое буди возбуда со секој слој

Се најдовме далеку од центарот во Скопје, талкајќи по големите и долги булевари. Но, со оглед на тоа дека времето веќе залади, посакавме да се напиеме топло чоколадо и официјално да ја отвориме сезоната на топлите пијалаци. Помисливме дека сигурно нема да пронајдеме некое добро место кое што не е сместено во срцето на Скопје и веднаш се излажавме.

Всушност, се сетивме на едно мало место, „Крем Кафе“, каде што според многу мислења, се нуди топло чоколадо поразлично и на изглед и на вкус од она што до сега сте го пробале. Освен тоа, во кафулето специјалитет е и кафе коктелот со различни вкусови. Влеговме во кафулето, за кое веднаш добивме чувство како да се наоѓаме во некое романтично париско бистро, каде што има неколку шарени елементи, но се нуди пријатна и опуштена атмосфера. Без двоумење го погледнавме богатото мени и му кажавме на шанкерот Иван, кој воедно е и сопственик на кафулето, да ни ги направи најдоброто топло чоколадо, кое го служи во слоеви и коктел кафе, според негов избор.



Бевме и повеќе од возбудени! Најпрво поради тоа што токму Иван или како што повеќето го знаат како Крем, ги подготвуваше сите пијачки со неверојатна возбуда и на секој пијалак му обрнуваше многу внимание, небаре се работи за  женско тело. Имено, неговиот прекар Крем не е поради кафулето, туку поради некоја друга интересна историја, која вети дека ќе ни ја раскаже во друга прилика.

Кога го запрашавме да ни каже нешто повеќе за неговата способност, со насмевка кажа дека ќе му биде задоволство, исто колку што му е задоволство да ги подготвува пијалаците за неговите гости.



- Мојата желба за сопствено кафуле, впрочем беше и да станам препознатлив во одредени пијалаци и напитоци. Па затоа барав и истражував начини како можам да го постигнам сето тоа. Инспириран од локали низ Европа, црпев идеи со кои ја користев и мојата креативност, каде почнав да изработувам уникатни кафиња, кои може да се пробаат само во моето кафуле. Така „Крем Кафе“ стана препознатлив по топлите чоколади и кафе коктелите.

Но, дали самиот научи да ги приготвуваш или пак си посетувал одредени курсеви?



- Почнав сам, без никакво претходно искуство зад шанкот. Идејата за несекојдневни топли чоколади ја создадов експериментирајќи со колоритноста на топлото чоколадо во комбинација со мојата креативност и така започнав да создавам уметнички дела. На почетокот ги вкусуваа моите најблиски другари и по нивните реакции за вкусот и изгледот, како и со нивна консултација за што да се подобри и смени, дојдов до една уникатност. Кафе коктелите ми беа предизвик, нешто што го нема во Скопје. Карактеристично за нив е што никогаш не можеш да направиш две исти, секогаш во нешто се разликуваат, и токму тоа им се допаѓа на гостите.

Иван вели дека секојдневно го исполнуваат насмевките и возбудата на гостите кога им го служи топлото чоколадо, а најзадоволен е кога и гостите се задоволни.

- Уште повеќе сум среќен кога ги гледам задоволните лица на гостите откако ќе го изедат, а особено ми се драги коментарите во стилот „никогаш немам пробано нешто слично“, „совршенство“...



Но, како и сите гости, така и ние, веднаш поскавме да ја дознаеме тајната за приготвување на ова топло чоколадо и мешањето на различни вкусови со кафе.

- И самите се уверивте дека секој слој има свој специфичен вкус и се разликува од претходниот и од следниот, па нема да биде специјалитет на Крем доколку тајната за совршенство ја дознаат сите, нели? Специфичноста на кафињата во „Крем кафе“ е одлика на местото, така што секој кој би сакал да ги искуси може да повели слободно, новите гости се секогаш добредојдени. Сметам дека убавината на кафето е доволна инспирација сама по себе, па затоа често ги мешам со разни состојки по моја сугестија, иако добредојдени се и мислењата на моите гости.



Кафулето е познато по тоа што приготвува уникатни топли чоколада и кафе коктели, но исто така се изработуваат и превкусни алкохолни коктели, кои се сосема поразлични од препознатливите класични и веќе здодевни верзии. „Кафе крем“ нема апсолутно никакви ограничувања во однос на желбите, туку како што вели Крем потребно е само желба за дружење и забава.

- „Крем Кафе“ нека биде инспирација на секој млад и повозрасен човек кој сака да избега од рутината и да се нурне во магијата на кафето и пријатната атмосфера. Мојата цел е кафулето да биде како втор дом за секој кој еднаш ќе го посети.



И додека Крем ве кани во негова посета, каде што сигурно ќе ви ги приготви најуникатните пијалаци, ние се прашуваме колку топли чоколади од ова кафуле може да се изедат наеднаш... Хм, можеби и ние ќе бидиме првите кои ќе го искусиме тоа.

И.Витановска

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 08.10.2016 09:22:56