Интервју

Природата ви е создадена за мир и уживање

Секојдневно среќаваме странци кои љубопитно ги разгледуваат нашите знаменитости, се фотографираат во природата од која занемуваат и обожаваат да ги вкусуваат нашите јадења. Во период кога се повеќе млади ја гледаат својата иднина во поголемите европски земји, токму една млада Германка, Наташа, реши да дојде во Македонија и да ја посети оваа најмала земја на Балканот, но според многумина, најубава. Без двоумење, го спакувала ранецот и чекирала карта со авион за Македонија, откако нејзините пријатели кои живеат во Германија и понудиле одмор во нивната татковина. Очекувала едно, ја пречекало сосема друго. Се запрашавме дали една малечка земја како нашата може да ги задоволи жителите на една голема европска земја.



Прв пат си во Македонија. Кои беа твоите размислувања пред да стапнеш на македонската почва? Што очекуваше?

Не знаев многу за Македонија, освен импресиите и приказните кои ги добивав од моите пријатели кои доаѓаат од Македонија, но живеат во Германија. Секако просурфав на интернет за да откријам некои факти за историјата, општеството и работи кои можам да ги правам како турист. Очекував да видам прекрасна природа, мали селца, локални жители и да учествувам во некои традиционални настани. Бев возбудена за Охридското езеро и убавото време какво што и треба да биде кога си на летен одмор. Но, очекував да видам и рушени згради, улици и сиромаштија.

Кои беа првите импресии?

Бидејќи пристигнав во Скопје на полноќ, прво што забележав беа месечината и ѕвездите на ноќното небо. Бев фасцинирана од нивниот изглед, но и од фантастичната природа. Ги видов улиците и зградите кои не беа воопшто лоши како што мислев, во споредба со зградите во Германија.

Како ти се допаѓа Скопје, како главен град на Македонија?

Се чувствував безбедно. Во споредба со големите градови во Западна Европа, Скопје не е некој стресен град со метежи во сообраќајот и се чувствував мошне безбедно додека се шетав со моите македонски пријатели. Она што ми привлече внимание беше дека има многу зачувани историски места, како што е Кале и Камени мост, а од друга страна во центарот на градот имате многу нова, масивна архитектура која му дава на градот една европска слика.



Што е она што најмногу ти се допадна?

Ме воодушеви погледот од Кале врз градот, врвовите од околу и историските делови кои му го даваат идентитетот на градот. Многу ми се допадна Старата чаршија и малите улички кои изгледаа автентични и типични за Скопје.

Нема некој странец кој дошол овде, а не го посетил Охрид. Откако и ти го виде нашиот бисер, дали сметаш дека е поубав од Скопје?

Охрид е поубав токму поради Охридското езеро, кое е едно од најстарите езера во светот и неверојатното културно наследство во охридскиот регион. Многу е убаво таму да се поминат летните одмори. Обожавав да пливам во најчистата вода која што некогаш сум ја видела, да го гледам зајдисонцето и да медитирам во мирот.

Која е разликата да одиш на езеро во Македонија и да одиш на езеро во Германија?

Најчесто во Германија треба да се плати за да пливаме во ограничен дел, но исто така има и тушеви, спасители и специјални места за деца. Но, често пливам и во дивите езера, па зависи од желбата и местото кое се посетува.



Најверојатно си пробала некоја традиционална храна. Што вкуси и кое јадење од македонските ти е омилено?

Пробав ајвар, бурек, полнети пиперки, мусака и секако, домашна жолта ракија. Најмногу ми се допадна ајварот и бурекот, кој беше превкусен. Особено вкусот на пиперка во ајварот е толку интензивен, што не сум пробала ништо слично претходно. Сакам да научам да го припремам, но исто така ми кажаа дека и процедурата на подготвување е голема и тешка.

Што мислиш за ноќниот живот? Дали е сличен со германскиот?

Ноќниот живот е многу сличен со нашиот, освен што во Германија излегуваме порано. Овде отидовме во дискотека во 1 часот по полноќ и забавата траеше подолго од германските. Во една забава во Скопје слушав иста музика како во нашите дискотеки, додека пак во еден помал град каде што бев слушав македонска и српска музика, што беше ново искуство бидејќи звучеше многу егзотично. Омилена забава ми беше онаа во едно селце во Охрид, каде што танцувавме оро со жителите и со моите пријатели.



А што мислиш за луѓето? Дали Македонците се добри домаќини?

Македонците се неверојатни домаќини! Во секоја куќа каде што бев поканета, ми понудија превкусна храна и пијалаци, ми ја покажаа куќата и се однесуваа кон мене како дел од нивната фамилија. Иако не го разбирам јазикот, ја почувствував топлината и нивната среќа, а тоа беше доволно за да се почувствувам како дома.

Сигурно до сега си зборувала со многу Македонци кои те запознале со нашата моментална ситуација. Многу млади се селат во Германија каде што бараат подобри можности и посветла иднина. Која е разликата помеѓу Македонија и Германија?

Мислам дека Германија има поголеми шанси да им понуди на младите да станат подобри личности. Полесно е да се најде работа каква што сакаш и онаа за која што имаш диплома. Ако работиш напорно, ништо не може да те спречи да изградиш кариера, без разлика на твоето име или партијата која ја поддржуваш. Во Македонија слушнав дека е потешко. Учењето не може да си го дозволи секој и запознавам луѓе кои работат на пример во фабрика, а не она за кое што студирале. Немаат слободен избор и не е лесно да заштедиш пари за иднина и за фамилија. Верувам дека младите чувствуваат многу емоционален притисок за нивната иднина, бидејќи политичката ситуација е нестабилна.

Каков е животот во Германија? Дали тоа е една добра земја за млади?

Германија нуди многу начини за едукација и специјализација со цел младите да откријат по кој пат сакаат да чекорат. Имаме добри програми како стажирања, кои може да се посетуваат по завршувањето на училиштето, а и младите имаат време да си размислат што сакаат да прават и како да живеат.

Дали сметаш дека Германија е вистинската земја за добар живот? Дали планираш и ти да работиш во странство како многу Македонци или задоволна си со она што се нуди во твојата татковина?



Германија изгледа како добра земја за мене, бидејќи имаме голема безбедност што се однесува за работата и за здравјето. Не мора да се грижам дали ќе најдам добра работа откако ќе завршам со студиите, бидејќи земјата ми плаќа одредена сума на пари со кои можам малку да се издржувам додека да се стабилизирам.

Сакам да работам во странство за нови искуства и предизвици. Но, долгорочно се гледам себеси во Германија, бидејќи не сакам да сум далеку од мојата фамилија и пријатели, бидејќи моментално сум многу среќна таму. Но, флексибилна сум, бидејќи еден ден можеби моите желби ќе се сменат.

Каде си патувала претходно?

До сега сум била во Америка и околу Европа. Една година живеев во Молдавија и работев како волонтер во центар за деца со посебни потреби. Фасцинирана сум од источна Европа и од Балканскиот регион, бидејќи вистинската убавина не може да се искуси на прв поглед, туку на втор или трет. Колку повеќе време поминувам во тие земји, сè повеќе се заљубувам во срцата на малите земји во Источните региони.



Планираш ли да се вратиш повторно овде?

Дефинитивно ќе се вратам. Првата причина е поради луѓето, фамилиите кои ги запознав беа многу топли и се почувствував поврзано со нив. Делевме некое посебно чувство на среќа. Еден ден сакам да се вратам и да имам подобра комуникација со нив, бидејќи сега мораше пријателите да ми преведуваат. Другата причина секако се моите македонски пријатели бидејќи со нив се почувствував многу слободно додека патував низ земјата, ми дадоа еден мошне близок приказ на нивните корени и многу беше интимно што зборувавме за нивните гледишта, погледи и чувства. Поради нив се почувствував како дома. Сакам да дојдам пак и да поминам повеќе време овде, со цел да се почувствувам како вистинска Македонка.

И.Витановска

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 03.09.2016 08:58:15