Интервју

Секојпат кога јадам лути кнедли јас сум среќен човек

Не постои нешто што Ентони Бурдејн не би јадел. Срце од кобра кое што уште чука во Хо Ши Мин градот, очи од морска фока во Квебек, но ако постои место каде што тој не би ја јадел храната, тоа е за време на авионски лет.

Екс готвачот претворен во гастрономски дегустатор и патеписец Ентони Бордејн моментално е актуелен со емисијата Parts Unknown на CNN каналот, а во интервјуто за Bon Appetit магазинот тој не само што дискутираше за самата емисија туку и за храната која сака да ја јаде, но и за идните планови.



Кое е најдоброто јадење кое сте го пробале од неодамнешната меморија?

Секој пат кога јадам чинија со лути кнедли јас сум среќен човек. Без разлика каде ги јадам. Но, едно од моите омилени нешта за јадење е laksa од Борнео. И тоа од истиот ресторан каде што за првпат пред 10 години го пробав. Тогаш за првпат го дегустирав и се враќам кога можам за повторно и повторно да го пробам.

Но, што е кога треба да се вратиш дома? Дали копнееш по домашно зготвените едноставни јадења?

Се радувам на фактот дека ќе готвам за ќерка ми. Но, ако треба да зготвам за целото семејство, или на пример кога ми се најавени гости сакам да готвам лигњи со бел сос од школки. Обожавам да го готвам тоа јадење, а сакам и кога гледам празни чинии потоа.

ОК, да зборуваме за правилата од твоите патувања. Дали е прифатливо да понесете храна во авион?

Ако сакаш да бидеш најомразената личност во авионот донеси скара и сите патници нека ја мирисаат додека ти ја јадеш. Јас тоа го направив еднаш кога се враќав од Канзас Сити и секоја личност во тој авион имаше огромна доза на омраза упатена кон мене. Не сакам да го повторам тоа.

Дали ја јадеш храната која се служи за време на летот?

Не. Никогаш. Никој не се чувствувал подобро по јадењето на авионската храна. Мислам дека луѓето ја јадат затоа што им е досадно за време на летот и немаат што друго да прават. Но, јас не јадам. Сакам да пристигнам на дестинацијата гладен.

А за време на многу долг лет?

При многу долг лет ќе нарачам малку сирење и бело вино. Ќе јадам сирење и ќе се „здрвам“.

Која е твојата „кафе стратегија“ при патувањата?

Пијам по две големи шолји кафе секое сабајле. Без ништо. Без млеко или крем, со многу шеќер и не сум многу пребирлив за кафето бидејќи не сакам кафиња за кои е потребно долго време да се подготват. Не сакам да чекам долго време за едно кафе. Сакам добро кафе, но не сакам да го пијам со ликовите од Friends. Тоа е кафе, не е животен стил.



Кога ќе пристигнеш во нов град, што е првото нешто што го правиш за да го почуствуваш градот?

Одам на пазар, кој најчесто е во центарот на градот. Рано наутро. Сакам да видам кои се сезонските овошја и зеленчук, што се продава. По самиот пазар ќе познаеш како функционира тој град и ќе ги видиш и луѓето кои живеат во него.

Која е твојата стратегија за пиење?

Не пиј во хотелот. Дознај од луѓето кои работат во хотелот каде сакаат да одат после работа и да пијат. Но, никогаш во хотелот.

Како правиш избор со уличната храна?

Ако сте во Сингапур и ако има две места кои продаваат ориз и пилешко, и ако има една огромна редица на луѓе кои чекаат на едното од тие места, отидете и јадете таму. Тоа е првиот патоказ. Ако луѓето во таа редица не се локално население, држете се подалеку од неа. Но, интересно е да се види во Сингапур на пример како личности кои излегуваат од Bentley автомобили стојат во редица да купат јадење од едно такво место. Тој и сиромашните луѓе чекаат исто време за истата храна.



Дали си во искушение да „шверцуваш“ храна од твоите патувања за семејството назад во САД?

Ох, да секако. Секогаш сакам да донесам шунка од Шпанија скриена во мојата облека или сирење од Франција, но тоа е проблемот. Никогаш не носам храна дома. Ако тоа би го правел, тоа би била Iberico шунката од Шпанија.

Дали е во ред да се нарача собна услуга во хотелите?

Не. За појадок можеби. Кафе и неколку кроасани во собата се секогаш добри, но ако сакаш инстантна доза на депресија нарачај хамбургер. Јадењето на хамбургерот сам во собата ќе те фрли во инстантна депресија.

Како се снаоѓаш со „локалното население“?

Одлично. Сум бил во земји каде што странци ќе те поканат во нивните домови на ручек. И тоа е фантастично. Но, мојот совет за сите кои ќе го искусат тоа е, имајте отворен ум. Не се плашете и следете ги обичаите кои ќе ви ги кажат домаќините.

Што не би пробал?

Се би пробал. Ако сум во град со нечиста вода би ја избегнувал салатата која се мие со вода, но се би јадел. Но, ако сум на улица на која се служи мистериозно месо кое гледам дека сите околу мене го јадат и јас би го јадел.

Каде патуваш приватно? Кога не снимаш епизоди?

Избегнувам да летам со авион кога одам на патување приватно. Ќе ја „напикам“ фамилијата во кола и често одиме на Лонг Ајленд. Таму има добри плажи и сакам да правам скара. Не одам во ресторани, не одам на приеми... Сакам да спијам, да јадам и да не правам ништо друго.



Кое е местото каде што не си бил до сега, а сакаш да отидеш?

Авганистан. Сакам да отидам таму, но сакам и да најдам простор каде што јас и мојата екипа ќе пристигнеме и ќе си отидеме од таа земја безбедно.

Каде треба да патуваат луѓето сега според твојата препорака?

Бејрут. Храната е вкусна, а луѓето се прекрасни. И со мешаните култури го прави овој град уште поубав. Има маала со Шија  и христијанско население и сите заедно одат во истите ресторани. Можеш да видиш од бикини покрај базенот до Хезболах во рок од само 8 минутно возење со таксито и на чуден начин добро сè ко-егзистира во таа ситуација. Тоа го прави Бејрут фантастичен.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 06.08.2016 09:48:28