Најмладиот планинар во Македонија, Ване Бошев има само 8 години, а благодарение на неговиот татко, почнал со планинарење на 3 годишна возраст. До сега има освоено 60 врвови и е прогласен за најмладиот планинар во Македонија, а има освоено и златен медал при слободно искачување на карпа на интернационалниот аутдор фестивал во Демир Капија.
Сега се подготвува да го освои Гросвенедигер, кој е еден од највисоките врвови во Австрија со 3.666 метри надморска височина. Неговото патување ќе започне на 5, а ќе заврши на 11 август. Доколку успее да го искачи, заедно со уште Цукшпиц и Алспик врвовите во Германија, ќе стане најмладиот планинар во Европа. Разговаравме со него за почетоците и неговите амбиции, а неговиот татко сподели со нас и интересна случка.
Според нив, подобро е да се шетаат планинарските патеки отколку градските улици.
Од каде се јави желбата за планинарење?
На три години, татко ми ми кажа дека ќе планинари на планината Серта, заедно со планинари од планинарското друштво во Неготино. Посакав и јас да се искачам и да видам што е она што е толку интересно. Се искачив на Делчев Врв и Караѓоз на планината Серта, во близина на Неготино. Воопшто не ми беше тешко, а за една недела се спремаше друга акција за искачување на Пелистер. Посакав и таму да се искачам и на тој начин започна моето планинарење.
Како се подготвуваш за искачување? Дали имаш некои интензивни тренинзи или пак тренираш само пред планинарење?
За во Македонија не ми требаат некои особени тренинзи, но кога се подготвувам за некои поголеми освојувања и повисоки врвови, надвор од Македонија, најчесто тренирам искачување на карпа во СРЦ „Младост“ во Неготино и на клисурата во Демир Капија. Работам заедно со Александар Кленов, кој ми е инструктор по алпинизам.
Дали се потребни некои медицински прегледи пред да се искачиш на некој висок врв, со оглед на твојата годишна возраст?
Да, редовно одам на медицински прегледи во Одделот за спортска медицина. Таму ми испитуваат до колкава висина може да се искачи моето тело. Оваа година ми дозволија да се искачам и до 3.700 метри надморска висина.
Кои се првите врвови кои си ги освоил надвор од Македонија?
Најпрво се искачив на Мали Томор кој е 2.474 метри висок и се наоѓа на истоимената планина во Албанија, во Србија имам искачено 6 врвови, но и највисокиот врв на Балканот, Мусала (2.925 метри надморска височина) во Бугарија.
Кој врв што до сега си го искачил ти оставил најголем впечаток?
Најубаво ми беше на Триглав во Словенија. Таму имавме организиран водич, кој беше со нас до самиот врв. Преспавме во планинарскиот дом, се запознавме со многу други планинари од цела Европа, кои сакаа да го искачат и на крај сите заедно во раните утрински часови се упативме кон освојување на врвот.
Убаво беше и на Мусала во Бугарија, затоа што таму, додека се искачувавме се сменија четири различни времиња. Тргнавме со сонце, по пат заврна дожд, па снег и на крај кога се искачивме горе, гледавме како долу врне, а нас не грееше сонце. Прекрасно!
Дали сметаш дека планинарењето е една спортска активност која треба да ја практикуваат повеќе деца на твоја возраст?
Да, многу е здраво и гледаш прекрасна природа, а исто така и чувството кога ќе се искачиш на некој врв е бесценето.
Кој е твој неостварен врв, а за кој се надеваш дека еден ден ќе го освоиш?
До 11 години сакам да го освојам Мон Блан, а потоа најверојатно и Хималаите.
Неговиот татко, кој верува во синот, се надева дека еден ден ќе се радуваат заедно за успесите во искачувањето на најголемите врвови во светот. Сподели една интересна случка од младиот планинар Ване.
- Интересна беше случката на Солунска глава. Врвот е малку потежок за совладување на негова возрас, но тој беше прв при искачувањето. При крајот јас веќе се откажував и не можев да продолжам. Сепак, тој се врати за да ми помогне заедно да го освоиме врвот, па ми кажа дека ако треба и ќе ме влечи до горе! Тој негов ентузијазам ме предизвика да издржам до крај. Верувам во него и го поддржувам во неговите искачувања. Се надевам дека еден ден заедно ќе го освоиме Монбланк, а потоа ќе се стремиме на уште повисоки врвови, вели неговиот татко Орданчо.