Љупчо Георгиев е новиот директор на Мајкрософт Македонија. Со неговото 19-годишно искуство тој е подготвен за сите предизвици што му претстојат во иднина на сегашната позиција како директор на Мајкрософт Македонија.
Доколку претходно имал фокус на работите од перспектива на обучувач, инструктор и вработен, сега ја има и другата перспектива.
Со оглед на вашето богато 19- годишно искуство, заслужено го достигнавте многу посакуваното ниво во вашата професионална кариера – нов генерален директор на Мајкрософт во Македонија. Како се чувствувате и како се подготвивте за новите предизвици што Ве очекуваат во иднина?
-Да се биде дел од Мајкрософт е навистина чест и задоволство, но и голем предизвик. Да се биде на врвот на сите нови достигнувања, да се биде дел од дигиталната револуција која следи е воедно престиж и место каде треба да сме сите. Подготовките во Мајкрософт се организирани на ефикасен начин така што во Мајкрософт, нашата мисија е да им овозможиме на луѓето и бизнисите низ целиот свет за да го реализираат својот целосен потенцијал. Сметаме дека нашата главна мисија е посветеност кон нашите клиенти. Ја исполнуваме таа посветеност преку создавање технологија која е достапна за секого, од сите возрасти и способности. Мајкрософт е еден од лидерите во индустријата кој креира пристапни иновации и гради производи кои се побезбедни и полесни за користење.
Вашето последно искуство во “Густав Кезер тренинг интернационал”, ќе Ви помогне за многу подобра комуникација и координација во тековниот тим на Мајкрософт. Колку новата позиција е едно поразлично искуство од претходно реализираните работни активности во вашата богата кариера?
-Се разбира Густав Кезер беше и се уште е едно феноменално искуство, кое успеа и мене самиот да ме развие на едно многу повисоко ниво како професионално така и приватно. Да се биде тренер на лидерите во бизнисот низ целиот регион и пошироко е ненадминливо искуство во кое развивате професионални вештини на лицата кои се денес на врвот на бизнисите и воедно вие лично добивате одличен круг на нови пријатели и познанства со кои понатаму споделувате нови искуства или пак можност за понатамошна соработка.
Сметате ли дека позицијата генерален менаџер на Мајкрософт Македонија можете многу поефикасно и поефективно да ја реализирате благодарение на вашето претходно долгогодишно искуство во ИТ секторот?
-Секако, искуството од 9 години во Хермес Плус е одличен бекграунд не само за ИТ индустријата, туку и за бизнис можностите кои ги нуди нашата држава. Доколку претходно имав фокус на работите од перспектива на обучувач, инструктор и вработен, сега ја имам и другата перспектива, како лидер на моите колеги во канцеларијата на Мајкрософт и воедно ги претопуваме заедничките искуства и гледишта што ги носи денешницата. Во изминатите декади имаме огромен раст и развој на услугите и производите.
Последниот новитет на Мајкрософт е пристапната технологија која им овозможува на поединците да ја персонализираат својата технологија за да може полесно да се види, да се слушне за неа и да се користи. Достапноста на технологиите, како дел од целокупната употреба, е фундаментален пример кој претставува основа за Мајкрософт во самиот процес на дизајн, развој, евалуација и имплементирање на производите. Мајкрософт прави огромни напори за да ја интегрира достапноста во сите фази од создавање на самото решение почнувајќи од планирање, дизајнирање, истражување, развој и тестирање на производите.
Мајкрософт достигна огромен опсег на интерес и воодушевување откако се реализираше кампањата Windows 101010 во која што учествуваа десет познати личности од Македонија кои 10 дена на 10 уреди работеа со Windows 10. Какви се вашите импресии од ваквата успешно реализирана кампања од страна на Мајкрософт?
- Успехот на овој тип кампањи полека зема замав зошто социјалните мрежи се токму тоа што се: мрежи во кои се вплеткуваат нашите секојдневни животи. Знам дека кампањата беше прифатена одлично на Балканот, но потоа се прошири низ целиот регион се до Источна Европа и повеќе од 15 држави го прифатија тој предизвик. Новиот начин на правење кампањи преку познати личности каде тие ќе го покажат своето секојдневие исполнето со технологии и ќе можеме да видиме како во секој сегмент од нивниот живот тие самите користат технологии, но и нивното семејство користи технологии е всушност новиот ИН моментум.
На овој начин сите нивни фанови, пријатели и следбеници имаат можност да ги видат сите новитети што некоја одредена технологија ги нуди, а воедно можат и да се вклучат во активна комуникација со познатата личност и да добијат фидбек во реално време. Додека траеше кампањата се развија и одлични дискусии во врска со Windows 10, имаше многу коментари, кориснички искуства па дури и се разменуваа совети околу новите можности и карактеристиките на овој оперативен систем.
Свесни сме дека иднината налага динамичен информативен и технолошки развој и секој што сака да биде конкурентен на пазарот мора константно да воведува иновации и креативни технолошки решенија. Следствено, можете ли барем во кратки црти да ни ја доловите идната слика на Мајкрософт, конкретно за идните проекти, соработки и визијата?
- Претпријатијата мора да размислуваат за нивната иднина како дигитална компанија. Тоа значи дека треба да бидат систем на интелегенција, кој е комбинација од технологија, човечки ресурси и процеси кои заедно ги спојуваат Информатичката Технологија и Оперативната Технологија. Овој пристап кон системите ќе ја дефинира компетитивноста на компаниите и нивната способност да го сменат изгледот на нивните индустрии.
Знаеме дека македонскиот менталитет е релативно конзервативен од остатокот од светот, така што дали мислите дека Македонците можат брзо да се прилагодат на идните новитети што се планирани од Мајкрософт за наредните години?
-Секако, ние имаме потенцијал и за многу повеќе. Она што ни треба е едукација, самосвесност и секојдневна надоградба. Секако дека е неопходна комуникација на тимовите, блискост, соработка, и онаа девиза “performing while transforming”. Успехот е всушност отворена комуникација и отвореност кон предизвици и промени.
Што мислите целосната дигитализација и визуелизација на секојдневните активности во иднина?
-Можеби на прв поглед изгледа неверојатно, но, тоа се ветровите кои ние во Македонија мора да ги следиме за да бидеме во чекор со она што следи.
Дали имате во план да ја вратите назад конференцијата Мајкрософт Визија бидејќи веќе неколку години таа не се одржува во Македонија?
-Многу интересно прашање. Мајкрософт се трансформира, а во таа трансформација, главна улога се нашите клиенти или подобро да кажеме нашите партнери, секој еден корисник е партнер на Мајкрософт.
За тоа што е ново, што се не очекува во иднина, ќе дознаете многу скоро. Еден од предизвиците е како Мајкрософт ќе му помогне на секој поединец да биде поблизу до дигиталната револуција.
Мајкрософт Македонија игра важна улога во образовниот систем на нашата држава. Какви се вашите идни планови на ова поле?
-Во изминатите години го вклучивме Мајкрософт во бројни програми во образованието преку организирање низа настани: конференции за наставниците, обуки, демонстрации и други прилагодени презентации кои покажуваат како Мајкрософт и технологиите на нашите партнери ја овозможуваат наставата и учењето на 21 век давајќи искуства за учење било каде и било кога за сите нас.
Тековни проекти каде што сме ангажирани во образованието, е Веб училницата на Мајкрософт, проект со доказ за концепт кој има за цел да ја покаже трансформацијата на македонското образование. Со формирање на двете училници на Мајкрософт, во две различни училишни средини, имаме за цел да покажеме како платформите и алатките на Мајкрософт ја трансформираат македонската настава и околина за учење. Преку овој проект, како дел од моќните таблети кои користат Windows, им даваме обука на наставниците кои преку алатките ги инспирираат учениците да користат и креираат знаење преку продуктивните решенија на Мајкрософт како OneNote, Skype for Business, SharePoint, OneDrive, кои се дел од Office 365 пакетот и Microsoft Educator Network, Sway, Office Mix, и многу други.
Нашата долгорочна цел е да и помогнеме на училиштата да бидат иновативни и да ја интегрираат технологијата за да им овозможат на студентите да бидат подготвени за универзитетите и за идните работни места, кои за возврат ќе генерираат економска корист преку зголемување на животните приходи.