Уникатната Бразилка, Бади Асад е светски познат музички уметник која свири на гитара, пее и имитира звуци од инструменти истовремено. Овој уникатен талент мора да се слушне и види, за да може да ја доживеете нејзината изведба. Додека се прашувате како ли тоа го прави ќе ја почувствувате целата енергија која ја пренесува на сцена. Во 1989 година го објавува својот прв албуми и од тогаш буквално не е застаната. За првите снимки повикала музичари да свират во позадина, а потоа толку професионално почнала да ги имитира музичките инструменти што песните на останатите 13 албуми ги има снимено сосема сама. Често пишува и компонира музика, но знае и да преработи некои познати музички нумери, како што се песните во нејзиниот најнов албум „Hatched“.
Ова единствено доживување може да го почувствувате на 30 мај во МКЦ како дел од 15-от OFF Fest. За да дознаете нешто повеќе за оваа Бразлика, успеавме да стапиме во контакт со неа и да ја прашаме нешто повеќе за нејзините настапи.
Знаеме дека Бади е позната пејачка, автор на текстови и гитаристка, но дали може да ни го опишеш она што го правиш со твои зборови?
Мојата изведба е полна со страсти. Додека настапувам пронаоѓам разни начини за да ја извадам од себе целата сила и слобода.
Порасната си во музичка фамилија. Твојот татко свири на мандолина, додека браќата на класична гитара. Како беше растењето во семејство кое се замимава со музика?
Да се расте во една музичка средина ми помогна природно да си го креирам мојот стил, покрај музичарите - татко ми и браќата и покрај пеењето на мајка ми.
На почеток, започна да свириш само на гитара, но подоцна создаде еден микс од конвенционално пеење со имитирање на звуци од други инструменти. Од каде потекна тоа?
На мојот прв албум наречен „Dança dos Tons“ во 1989 година имав многу музичари кои свиреа како специјални гости. Но, како што ми започнуваше мојата кариера јас не можев да си дозволам сите да ги донесам на сцена и започнав да имитирам звуци. Сфатив дека може да го имитирам звукот на флејта додека пеев соло, а исто така и да имитирам тапани само со тропкање со јазикот додека ја пеев мелодијата и така натаму. Во период од 4-5 месеци, самата го репродуцирав целиот албум. Тоа беше почеток на целото имитирање.
Пишуваш и правиш музика многу често, од каде ја наоѓаш инспирацијата?
Обично сама ми доаѓа, но со тек на годините научив како да се носам самата до креативноста. Инспирација има насекаде од изгрејсонце и улични светилки до птици и сиромаштија.. Едноставно бескрајна е.
Како избираш која песна од друг изведувач ќе ја преработиш?
Преку моето срце. Знам кога некоја песна ќе биде убава на мој начин. Тоа е спонтана одлука.
Колку гитари поседуваш и која е онаа омилена на која обожаваш да свириш постојано?
Имам шест гитари, но омилена ми е онаа која му припаѓаше на брат ми Одаир. Ми ја даде кога започнав да свирам на гитара. Тоа беше многу одамна.. Имав 14 години, но се уште е онаа „вистинската“.
Во денешно време имаме недостиг од изведувања со гитара во поп музиката. Што мислиш за тоа?
Можеби во поп музиката нема повеќе место за таа способност? Старите бендови со оние долги и комплицирани сола на електрични гитари... Можеби новата генерација нема време за тоа?! За жал, поп музиката стана повеќе индустрија на забава отколку на култура. Но, открив некои интересни нови групи за да ги разработам во новиот албум „Hatched“. Овие музичари ја носат зрелоста и мислите на тинејџерите.
Освен гитарата и музиката, дали имаш друга пасија или хоби?
Да поминувам време со мојата 8 годишна ќерка и да се надградувам духовно.
Луѓето често велат дека мора да те слушаме и гледаме на сцена за да те почувствуваме подобро. Дали изведбите на сцена бараат голема физичка и ментална подготовка?
И да и не. Да, бидејќи морам да се спремам физички и ментално да сум таму и не затоа што сакам да се опуштам себеси додека настапувам. Се подготвувам секојдневно за да сум подготвена за слободата која си ја дозволувам да ја почувствувам, во сите сетила, кога сум на сцена.
Со оглед на фактот дека си многу позитивна личност, дали ја чувствуваш позитивната енергија која ја шириш меѓу публиката додека настапуваш во живо?
Дефинитивно! Живеам за тоа.
Дали планираш да исполниш нешто и од новиот албум пред македонската публика или планираш да ги исполниш поголемите хитови и преработки?
Како и обично ќе исполнам песни од мојот најнов проект, наречен „Hatched“ како и песни од старите албуми. Ги имам 14 полни со музика која ја сакам, па ќе биде некој микс од тоа.
Што очекуваш од Македонија и од Македонците?
Сакам кога публиката достигнува места на кои јас „одам“ кога пеам и играм. Очекувам Македонците да ги отворат своите срца и умови за возење.
И.Витановска