Каде е убавото, во објектот или во умот на набљудувачот? За овие прашања се расправа уште од антиката. Размисли за убавото, возвишеното, вкусот, или наука за сетилното спознание како што ја дефинирал германскиот филозоф Баумгартен.
Расправаме за Естетика, со Доц. д-р Вангел Ноневски, професор и автор на две теориски книги од областа на естетиката на интерактивните уметности, колумнист и активен критичар на актуелната уметничка, општествено-политичка сцена. Можеби наивно, но истовремено и провокативно го запрашавме, дали се зборува за вкусовите?
- И те како! Една од најголемите, ако не и најголемата заблуда која постои во размислувањата за и околу уметноста е дека за вкусовите не се расправа. Вистината е дека вкусовите не треба да се наметнуваат, а разговорот за нив во никој случај не мора да подразбира наметнување. Всушност, доколку не говориме за вкусовите, што ни преостанува?! Со што ќе се занимаваме сите ние, кои сме ја одбрале уметноста како повик (ваков или онаков, теориски или практичен), ако не со постојано проблематизирање, надоврзување, критика и превреднување на вкусовите?! Што ќе се случеше со уметностите доколку, скриени зад лажната максима „за вкусовите не се расправа“, постојано бевме упатени да се восхитуваме на еден уметнички стил, еден правец, еден дискурс во расправите за уметноста?! Намерно одговарам со прашања, за да укажам на апсурдноста на таа максима, кога ќе се конкретизира во еден практичен контекст.
Доколку вкусот определува одредена вредност, во тој случај расправаме и за интензитет. Дали вкусот има мерило?
- Не може да го нема! Без мерилото на вкусот, принудени сме да се вратиме назад кон апсурдната максима, зашто биваме лишени од критериуми според кои вкусот го градиме, и во тој случај секој вкус може да има иста релевантност како и секој друг. Во тој случај, најголемиот кич, лишен од мерилата на фините нијанси на сензориумот, може да стане парадигма, зашто не постојат критериуми, врз основа на кои ќе се утврдат вредностите. Британскиот филозоф-емпирист Дејвид Хјум, уште во XVIII век, го постави концептот за мерилото на вкусот, за да укаже на тоа дека префинетоста на сетилата, на вкусот, се гради на тој начин што сензориумот ќе се „воспита“ да ги препознава фините разлики во нијансите на вкусот.
Љубителите на уметност, па дури и самите уметници многу често се сомневаат во вредноста на едно уметничко дело, па дури самокритични и кон сопственото. Од најелементарен естетски карактер, како да го разликуваме убавото и грдото?
- Иако прашањето можеби делува излишно или апсурдно, сепак, историјата на уметноста ни кажува дека концептот и сфаќањето на убавото се менувале низ текот на историјата. Она што било перципирано како убаво во минатото не мора нужно да се смета за убаво и денес. Овие девалвации на убавината уште повеќе се забрзуваат од почетокот на XX век до денес, кога се соочуваме со брзи (некогаш дури и нагли) превреднувања на убавото. Погледнете ги само промените во модата и ќе забележите дека она што се сметало за убаво пред само 10 години, денес се смета за застарено, несоодветно, анахроно, па дури и грдо. Проблемот дополнително се усложнува кога ќе забележиме дека грдото сè повеќе навлегува во доменот на убавите уметности (fine arts) на XX и XXI век. Тоа е така, зашто сега факторот значење добива на приоритет над факторот убавина и тој станува оската околу која се вртат прашањата поврзани со толкувањето, улогата на публиката, либерализацијата, демократизацијата и интерактивноста на современите уметности.
Несомнено естетиката и психологијата се единствените науки кои ги спојува сите уметности. Или естетиката како задолжителна „литература“ за секој уметник, Ноневски заклучи:
- Сепак, повеќе од јасно е дека уметникот треба да ги знае филозофските аспекти на уметноста, зашто тие аспекти најмногу ја определуваат уметничноста на уметноста. Впрочем, тоа се оние аспекти кои најмногу ни кажуваат зошто едно уметничко дело е уметничко, а не поинакво.