Интервју

Нашите животи се дефинирани со циклични стадиуми на репресија, фрустрации, неизвесност, апатија...

Вардан Тозија оваа година ни го претстави првенчето во играните филмови. Џган пристигна во кино салите и ја зграби публиката со бруталниот приказ на нашето општество. Со микс на докажани актери и „новајлии“ во актерската екипа, Џган беше „суровото будење“ за сите нас на филмско платно. Идивиди имаше задоволство да разговара со режисерот и сценарист на Џган. Вардан Тозија.

Темите како одмазда на отфрлените од општеството, единката против општеството, маргинализираната младина и односот на државата кон „отфрлените“ се универзални теми, но сега инспириани од секојдневието во кое живееме и сместени во урбано Скопје. Која беше инспирацијата во пренесувањето на овие теми на филмското платно и како течеше развојот на производот - Од идеја па се до Џган?

Оваа приказна тлееше во мене со години наназад. Отсекогаш ме фасцинирала борбата на поединецот против колективот, секогаш сум се стремел да најдам модус каде ќе се покаже дека таа борба за правда не е залудна и секако, безначајна. Се разбира, веќе со децении наназад нашите животи се дефинирани со циклични стадиуми на репресија, фрустрации, неизвесност, апатија... токму затоа, голем дел од нас, губејќи го попат чувството за емпатија и ограничувајќи го свесно сопствениот светоглед како одбранбен механизам, забораваат дека постојат луѓе чии тешки животни приказни се кројат на општествените маргини... врз нив најтешко паѓа бремето на безизлезот. Џган е приказна за група млади луѓе од тие маргини, кои одлучуваат да го прекинат својот молк – со крик. Може да се каже дека тематиката е универзална, но емотивниот импакт секако е посилен ако ги земеме предвид околностите во кои егзистираме.

На прес конференцијата пред премиерата, споменавте дека филмот е производ на истражување од кое добивте застрашувачки податоци. Дел од нив можеме да ги видиме во самата премиса, но што сè откривте при истражувањето за Џган, а што не успеавте да го прикажете во филмот ?

Ве уверувам, не претерувам кога велам дека вистинските приказни за животите на тие млади луѓе се дури и позастрашувачки од визурите кои се опфатена во приказната на Џган. Некои аспекти, се разбира, може да бидат препознаени како метафора за суровоста на системот, и искрено, би бил многу посреќен доколку би можел да кажам дека тоа е чиста фикција, производ на фантазијата. За жал, скоро секоја наративна линија во Џган влече референци од реалноста, читани во вистински медиуми, прераскажувани од вистински луѓе... Но, еден филм не може да ги раскаже сите приказни, и еден филм ја нема моќта да ја разобличи целата вистина. Филмот може само да го натера гледачот на размислување допирајќи до неговите чувства…



Во актерската екипа на Џган може да се пронајдат микс на докажан актери како Љупчо Тодоровски и Никола Ристановски, но и „новајлии“ како Дениз Абдула и Мартин Ѓорѓоски. Абдула веќе имаше повеќе појавувања во филмски остварувања, но како го откривте Мартин? Може веднаш да се воочи природниот талент на Мартин кој е еден од најпријатните изненадувања во Џган. Дали изборот падна по редовна аудиција или кастингот се одвиваше поинаку? Фасцинира неговиот природниот талент, погледот (би рекле убиствен), и придодната интровертност на самиот актер која ја пренесе и во лик. Но, што беше пресудно за „аха“ моментот да го одберете Мартин за оваа улога?

Најголем предизвик во подготовките беше да се создаде баланс во актерската игра на професионалните актери и натуршчиците. Секако, кастинзите и пробите со актерите се движеа по добро познат колосек. При процесот на аудиции поминаа стотици млади момчиња, многумина со вистинска страст и желба да се појават во филмот. Мартин некако се „провлече” во вториот круг за главната улога, пред се’ поради неговата видлива резигнираност во иницијалното интервју. Многу подоцна, по завршувањето на снимањето, при еден неврзан разговор ми раскажа дека бил таков поради убедувањето дека таквите широки кастинзи имаат однапред „определен избор”. Кога се појави во вториот круг, во одигрувањето на еден од потешките монолози во филмот, знаев дека имаме откритие. Едноставно, не остави сомнеж дека ќе може да се носи со тој тип на улога.

„Никој не е роден насилен” е мотото на Џган, а самиот филм ја истражува и самата тема. Улогата на опкружувањето во нашите постапки, но и во формулирањето на нашиот карактер - Nature VS Nurture што би рекле, или во случајов Nature without Nurture. Која е пораката со „мотото“ која сакате да ја испратите, но и со самиот филм воопшто? Што можат гледачите да очекуваат од Џган пред влегување во кино салата (за тие што до сега не го погледнале филмот)?

Може да очекуваат шамар на искреност, пред сè. Филмот е жесток, на моменти можеби и премногу, но сметам дека пресекот на ликовите од тие социјални маргини е претставен реално. Целта ни беше да не оставиме простор за конформизам. Не сакав да создадеме ескапистички филм, за време кое не соодветствува со стварноста. Најмалку од сè, сакав да направиме калкулантски филм со кој ќе се додвориме некому.

Пораката на Џган не се содржи во осудата на насилството. Филмот е коментар, заклучок за постоење на една состојба, за која само треба да ги отвориме очите за да ја согледаме. Во пораката се содржи крик за прекин на тој цикличен виор на насилство кои остава само оштетени умови, но и зборови на предупредување – чинителот ќе сфати дека кругот навистина е тркалезен, кога насилството ќе го почувствува на своја кожа.



Децата како Филип, Петар и останатите од домот во филмот се прикажани како деликвенти и идни криминалци, заборавени од системот. Искрено, тоа е иднина која не мора да се оствари, но со големи шанси да стане реалност за многумина. Што не прави државата, а што треба да направи да ги заштити децата слични на Филип и Петар за да не стане таа верзија реалност?

Одговорот на тоа прашање е комплексен, и не се состои само во посочување на некои институции како главни виновници. Доколку постои криза или дисфункционалност во системот, таа секогаш, без исклучок, удира прво на најранливите категории на општественото скалило. Овие млади луѓе постојат, и нивното место е токму таму. Тие се соочуваат со презир, со предрасуди, отфрленост, со недостаток на волја да им се помогне. Светот каде голем дел од нас припаѓаме има поставено невидливи ѕидови, непремостиви бариери кои не раздвојуваат. Емпатијата која може да ги урне тие ѕидови се раѓа оној ден кога се надминува стравот за сопствената егзистенција. А сите сме свесни дека тој ден е далеку.

Џган веќе беше прикажан на Филмскиот фестивал во Берлин, а овој месец и македонската публика има можност да го погледне. Каде следно ќе „патува“ Џган?

Најпрво, ќе се обидеме да влеземе во конкуренција на некои од поголемите интернационални фестивали. Пред неколку дена склучивме договор за светска промоција и дистрибуција со француската дистрибутерска компанија Reel Suspects, која ќе превземе голем дел од обврските кои се однесуваат на понаматошниот живот на филмот надвор од нашите граници. Џган сè уште игра во кината низ земјава, а ќе биде презентиран и на филмскиот маркет на годинашниот фестивал во Кан. Се надевам дека филмот ќе си го најде својот пат до светската публика.

Од малку поинаква перспектива... Режисерите како Тим Бартон, Пол Томас Андерсон....  на пример често во нивните филмови можеме да најдеме ликови кои се неразбрани и игнорирани аутсајдери, а имаат и теми од социјална природа. Како што е случајот и со Џган. Но, кои се режисерите кои извршија влијание врз тебе како режисер не само во поглед на приказните кои сакаш да ги пренесеш на филм, туку и во поглед на техничкиот аспект на режирањето?

Референците и влијанијата од делата на големите автори ми служат како инспирација, но со почетокот на создавањето на филмот, треба свесно или несвесно да се изолираат, да останат да тлеат само во поствеста. Сметам дека авторот треба да чувствува дека прави нешто за првпат, колку и да го притиска убедувањето дека сите патишта се веќе изодени. Постојат безбројни приказни за борбата на поединецот против системот, за гневните млади луѓе, за растењето во суров свет, исполнет со неправди… артикулацијата на тие универзални теми е она што го прави секој филм различен. Техничкиот аспект на режирањето е сегмент кој се става во функција на приказната, емоцијата е двигател на секоја наративна линија. Тематски, можеби Џган е близок со филмови како „Le Haine” на Метју Касовиц, „Cidade de Deus” на Фернандо Меирелеш, „Los Oblividados” на Луис Буњуел, „American history X” на Тони Каје… но сепак, постојат голем број на режисери кои никогаш не создале слични приказни, а влијаеле и ќе влијаат многу повеќе на мојот развоен пат.



И за крај кои се филмовите (како режисер) кои ве импресионираа во изминатиов период? Што гледавте до сега, а што направи да речете „ Wow“ и што би сакале да препорачате на читателите (освен Џган се разбира)?

Иако Џган е филм со изразена социјална тематика, не верувам дека тоа е нешто кое во иднина би требало да ме дефинира како автор. Сакам да гледам, а се надевам и да работам на филмови со различни жанровски одредници. Од филмови кои сум успеал да ги гледам во изминатиов период, a во моментов ми паѓаат на ум, топло ги препорачувам „Leviathan”, „Beasts of No Nation”, „Marshland”, „Memories of a Murder”, „Pigeon Sat on a Branch Reflecting on Existence”, „Mad Max”, „The Hunt”, „Wild Tales”, „Come and See”…

С. Лазаревска

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 23.04.2016 08:54:14