Интервју

Можеме да преживееме без испеглана облека, но не и без испеглано срце

Кога последен пат зборувате за своите доблести со ист интензитет со кој зборувате за своите мани?

Кога го насочивте фокусот кон сите оние нешта кои веќе ги имате и ве прават среќни, наместо кон она што ве прави несреќни?

Еден од најпознатите хрватски автори на книги од областа на популарната психологија и самопомош, Бруно Шимлеша, во рамките на Саемот на книгата деновиве одржа предавање на тема „Како да се биде среќен во љубовта?“

Во разговор со него, ви откриваме дали има инстант лек за вашите проблеми и зошто некогаш е неопходно да бидете малку себични кога станува збор за вашите желби и потреби.

Автор си на бројни психолошки прирачници кои имаат рекорден тираж. Која е тајната на твојот успех?

-Мислам дека најважно е богатото искуство во работа со луѓе. Во овие 15 години  имав илјадници состаноци со различни типови на луѓе и видов кои се најчестите проблеми, како и кои решенија најдобро функционираат во пракса. Помалку ме интересира теоретизирање, повеќе пракса. Со стотина луѓе сум прошол низ процесот на креирање на самодоверба, создавање на здрава љубов кон себе си, одговорно родителство или креирање на здрави љубовни врски и знам што функционира во пракса, па затоа пишувам за тоа, односно за конкретните алатки за подобрување на животот. Освен тоа важно е да се користи секојдневен јазик. Познавам многу извонредни психолози и психотерапевти, кои за жал своето стручно знаење не знаат да им го пренесат на луѓето. За разлика од нив, јас за сложените психолошки и духовни процеси зборувам со вообичаен, секојдневен јазик бидејќи целта ми е да ме разберат што поголем број на луѓе.

Пишуваш книги, колумни, држите предавања...Како ти изгледа еден работен ден?

-Секој ден е поинаков. Од слободните денови кога се грижам за својата ќерка, до деновите кои содржат предавања или промоции, интервјуа, водење на радио емисии и слично. И многу ми се допаѓа што деновите ми се толку различни.

Се трудам да има време за сè и семејството да не трпи поради моите активности. Во суштина се откажав од многу деловни можности затоа што сакав да бидам активен татко. Сакам да имам доволно време за пишување книги, промоции и средби со читателите, но сакам да имам и доволно време за да бидам тато и само тато! За сега тоа ми оди одлично и горд сум на тоа!

Како реагираш кога луѓето те прашуваат за совет и бараат некој „инстант“ лек за своите проблеми?

-Најчесто нема инстант решенија. Проблемите не настануваат преку ноќ и многу ретко може да се решат преку ноќ. Дури и кога станува збор за некои лоши односи. Бидејќи не е цел само да се ослободиме од тој однос, туку да сфатиме како сме го привлекле или зошто толку долго време сме биле во него, што открива тоа за нас, за она што го мислиме дека го заслужуваме и како да го поправиме тоа. Во инстант решенија веруваат само оние кои не знаат како функционира човечката психа, која што е мошне моќна и фасцинантна, но воедно и комплицирана.

Колку во сопствениот живот се водиш од своите теоретски сфаќања и по она „practice what you preach“?

-Верувам во тоа 100 проценти и мислам дека тоа е причината поради која моите книги и сè што правам е толку успешно. Луѓето знаат дека стојам зад она што го зборувам, што пак е мошне важно за таа литература на популарна психологија и самопомош. Како можам на некого да му раскажува за развивање на љубовта или благодарноста кон себе, ако јас не го живеам тоа? Зборовите без дела се празни, сиромашни и тивки. Како можам да зборувам за здрав однос кон родителите и кон своето дете, ако тоа не сум го постигнал?

Нормално дека има области од животот каде што уште треба да се усовршувам, но знам дека го живеам 100 отсто она што го зборувам и затоа со чист образ и чисто срце можам да ги презентирам тие идеи. Ми се случило да ми дојдат на разговор психијатари и терапевти кои се чувствуваат лошо поради нивните пациенти и клиенти, и мислам дека тоа е мошне опасно. Со луѓе треба да работат само луѓе кои имаат здрав однос кон себе во животот. Инаку цената која ја плаќаат нивните клиенти е прескапа. За нас би требало да важат најголемите можни стандарди.

Како се мотивираш кога имаш лош ден?

-Добрата вест е што имам многу малку лоши денови зошто сум задоволен со својот живот. Како со приватниот, така и со деловниот. Задоволен сум со себе како личност, како сопруг, татко, писател, пријател...

Но, имам и лоши денови и тогаш ништо не форсирам. Чекам да се смири лошото чувство, се обидувам да дознам зошто настанало и да најдам решение. Не се тешам дека ќе биде подобро, па потоа да патам во пасивност, туку пронаоѓам решение. Понекогаш веднаш, а понекогаш ми е потребно повеќе време и тоа е во ред. Не ми се сите денови беспрекорни, но беспрекорно се трудам да имам повеќе такви денови.

Во своите книги велиш дека главната причина за сериозните болести е лошиот однос кон себе си. Зошто е важно да имаме повеќе време за себе и што значи да се биде позитивно себичен?

-Да се биде позитивно себичен значи да се исполнат своите потреби и да се грижиме за себе така што на другите ќе можеме да им го дадеме најдоброто од себе. Никако не се согласувам со нарцисоидност и себичност кога мислиме само на себе, но исто така не се залагам и за тоа да се занемаруваме себе и да живееме за други.

Жените почесто го имаат тој проблем. Многу жени сметаат дека е во ред да се стават себе си на 45-то место во сопствениот живот и туѓите потреби да ги стават пред задоволувањето на сопствените. Тие знаат кои се кога се грижат за некој друг, но немаат поим кои и што навистина ги прави среќни. Толку се навикнале да се грижат за другите, што заборавиле како треба да се грижат за себе си. Затоа е мошне важно да се пронајде време за своите страсти, соништа, хобија...

Можеме да преживееме без испеглана облека, но не можеме да бидеме среќни без испеглано срце, па затоа е мошне важно да се грижиме за себе.

Во текот на животот имаме најразлични животни улоги и не ретко глумиме нешто што не сме. Колку е опасно да не ги изразуваме вистинските емоции, односно да не дозволиме вистинското јас да излезе на површина?

-Мислам дека секогаш мора да ги изразуваме емоциите. Не мора тоа да го направиме веднаш и на личноста која ги предизвикала, но треба да ги изразиме. На пример ако ве налути шефот, не мора веднаш да го отерате некаде каде што не треба, но важно е да ги покажете емоциите кога ќе дојдете дома или за викендот. Треба да се испразните, затоа што потоа ќе ви биде полесно да откриете зошто сте реагирале така и ќе имате поголеми шанси да го промените она што можете да го промените, како во себе така и околу себе. Ако постојано ги голтаме емоциите, тие ќе се собираат во нас и на крај ќе експлодираме во потполно непримерни моменти или тие емоции ќе направат проблем во нашето тело. Подобро е да се спречи, отколку да се лечи, не?

Законот на привлечноста вели дека го добиваш она што го привлекуваш. Што се случува кога личноста за себе сака сè најдобро, а за другите сè најлошо?

-Тоа нема врска со здравиот психолошки и духовен развој. Луѓето кои им посакуваат лошо на другите имаат проблем со себе, а не се со другите. Ние во суштина многу повеќе се занимаваме со туѓиот живот, отколку со својот.

Луѓето кои така го разбрале Законот на привлечност, најдобро е воопшто да не се занимаваат со него. Многу би било покорисно да одат на квалитетна психотерапија и да работат на тоа да бидат позрели и поодговорни личности.

Љубовта е причината и смислата за нашето постоење, но сè повеќе луѓе размислуваат на други нешта, како моќта, парите, статусот...Како да се врати фокусот на љубовта?

-Моќта, парите и друштвениот статус можат краткорочно да задоволат и да им дадат чувство на вредност на луѓето. Дури и околината ќе ги гледа како такви. Луѓето сакаат да се движат во друштво на луѓе кои „успеале“ бидејќи на тој начин и тие повеќе вредат во своите очи.

Сепак, за мене вистинскиот успех е да знаеш да сакаш и да знаеш да простиш. Точно е дека парите ни олеснуваат некои нешта, но не ни носат среќа. Чувството на благодарност носи среќа. Здравите односи со луѓето носат среќа. На нас останува каде ќе го насочиме нашиот фокус, во стекнување на материјални добра или во духовни.

Постои ли универзален рецепт за среќа?

- Се разбира дека не. Постојат некои алатки кои успеваат кај многу луѓе. Јас ги нарекувам алатки на срцето и умот кои можат да ни помогнат во развивање на здрава и зрела личност која ќе знае да привлече и задржи љубов. Но, сега следи едно НО. Секоја личност и секоја животна ситуација се уникатни и секогаш треба да се пронајде совршена комбинација на сите тие алатки, пристапи, начини на решавање на одредени проблеми....

Исто е со воспитувањето на децата. Она што ви успеало со првото дете, не мора да значи дека ќе успее со второто. Родителите го знаат тоа. Ист е принципот и кај самовоспитувањето. На нас ни останува да го пронајдеме она што функционира за нас и да го откриеме начинот на примена. Некои луѓе се емоционално блокирани и на сосема поинаков начин ги користат алатките на срцето, од оние кои се емоционално активни. Важно е да се наспомене дека постои пат до секого. Само што постои голема шанса дека патот до самоосознавање е поинаков од оној што го има нивниот партнер или пријател.

Н. Вуковиќ

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 16.04.2016 09:00:33