На 8 мај, во главниот град на нашата земја по дванаесетти пат ќе се одржи најпопуларната и најмасовната спортска манифестација во Македонија, Скопскиот маратон. Според најавите, овогодинешното издание ќе биде едно од најмасовното досега на кој ќе земаат учество преку 2500 учесници од 37 земји.
Пред Скопскиот маратон по четврти пат ќе се одржи и Женската трка, која е закажана за наредната недела. Трка која од година во година се здобива со голема популарност, а и бројот на жените кои учествуваат е се поголем. За 10-ти април се очекува бројка од 1000 жени да земат учество и да се појават во 10:00 часот во Градски парк во Скопје кај Школка.
За Скопскиот маратон, Женската трка, штафетниот маратон, случувањата од претходните маратони, како да бидете дел од трката и сè она што не очекува на годинешниот, поразговаравме со Кире Синадиновски, директорот на „Виз ер скопски маратон“.
На 8-ми мај 2016-та ќе се одржи Wizz Air Скопски Маратон 2016. Колку досега се имаат пријавено учесници и од колку држави?
За 12-то издание на Виз Ер Скопскиот маратон до сега се имаат пријавено околу 2500 учесници од 37 земји од светот, и овој број очекуваме во следните денови да се зголеми, бидејќи до 8 април е рокот за пријавување по поволна цена.
Кoи се вашите очекувања за оваа година?
Нашите очекувања за оваа година се дека ќе го имаме едно од најмасовните и најдобрите изданија на маратонот, бидејќи секоја година се зголемува бројот на љубителите на трчањето во нашата земја, но се зголемува и интересот на странските учесници, бидејќи од година во година рабптиме на подобрување на квалитетот на маратонот во секој поглед, како организациски, така и содржински и се обидуваме да ги следиме сите трендови во маратонското трчање. Така да Скопје со маратонот добива како спортско-туристички бренд добива на квалитет во понудата на настаните кои се случуваат во нашиот главен град. Ми се случило кога стапувам во контакти со разни меѓународни институции, турситички агенции и слични асоцијации од цел свет да добијам повратен одговор „да, знаеме за вашиот маратон и сме слушнале многу добри зборови“
Какви се шансите на македонските маратонци на Wizz Air Скопски Маратон 2016 и кој од нив се натпреваруваат на други светски маратони?
Македонските маратонци и маратонки секоја гoдина го подигнуваат својот квалитет. Тука би ги истакнал братот и сестрата, Александар и Весна Кираџиеви, кои се државни прваци на Македонија во маратон, но има и многу други кои допрва ќе ги покажат своите резултати. Шансите на нашите маратонци во конкуренција на маратонците од африканските земји се многу мали бидејќи тука споредбата е неблагодарна, но затоа ние секоја година имаме посебен награден фонд за домашните натпреварувачи за да ги мотивираме и наградиме за она што го работат. Инаку покрај така да кажам професионалните атлетичари, се поголем број на рекреативни тркачи од Македонија се решаваат да трчаат на голем број маратонски трки во целиот свет, и на тој начин ја промовираат. Можам да кажам дека нема веќе маратони на кој не учествувал некој тркач од Македонија. Редовно добиваме фотографии од наши граѓани кои учествуваат на разни улични трки низ целиот свет.
Какви се активности се случуваат пред 8-ми мај?
Пред 8-мај една од нашите главни активности е одржувањето на Женската трка, која ќе се одржи по четврти пат.
Споменавте Женска трка која ќе се одржи на 10-ти април? За што точно станува збор?
Женската трка е трка која е наменета за припадничките на понежниот пол. Оваа трка е замислена пред сè да биде еден вид забава и дружење, трка која ќе ги натера жените преку вежбањето и трчањето да посветуваат повеќе време на здрави спортски навики, и која ќе им биде мотивација и предизвик да земат учество во некоја од трките и на Виз Ер Скопскиот маратон. Таков е и концептот, каде што имаме 30 минутно загревање со аеробик вежби, потоа се одржува трката и на крај се наградуваме по пат на лотарија, во која што учествуваат сите учеснички. Оваа година трката ќе биде на 2км и ќе има натпреварувачки карактер, каде на најдобрите во неколку возрасни категории ќе им доделиме и медали и дипломи.
Според тежината, каде би се нашол Скопски Маратон во однос на маратоните во регионот, но и светските популарни маратони?
Не можам да правам споредба според тежината бидејќи секоја маратонска трка е различна. Но можам да кажам дека нашиот маратон има една од најрамните патеки во регионот. И во поглед на организацијата можам да кажам дека котирме доста високо во регионот па и пошироко, бидејќи Скопскиот маратон го има највисокиот сертификат (лиценца А) од Асоцијацијата на меѓународни маратонски и улични трки (АИМС), ставени сме на листата на ИААФ на маратони на кои што може да се исполни олимписка норма за учество на Олимпијадата во Рио, и сме првата трка во Европа која доби 5 звезди за квалите и безбедност во организацијата.
Каде може да се пријават сите оние кои што сакаат да учествуваат на Wizz Air Скопски Маратон и колкава е котизацијата?
Сите заинтерсирани може да се пријават за некоја од нашите трки преку нашата веб страна www.skopskimaraton.com.mk. Котизацијата е различна за секоја тркаа и изнесува од 350 денари за трката на 5км и 950 денари за маратонот и полумаратонот, додека за штафетниот мараатон (тим од 4 тркачи кои трчаат по 10,5 км) изнесува 3200 денри за цела екипа.
Што добиваат сите оние кои што ќе ја уплатат котизацијата за учество на маратонот кој од година во година има се повеќе учесници и има се поголема популарност?
Со котизацијата секој добива пред сè квалитетна организација, добива стартен број со чип и маица со логото на трката, а оние во маратонската трка и полумаратонската трка и штафетниот маратон добиваат торбичка и лично видео, а на крај добиваат и медал за завршениот маратон. А нашиот насловен спонзор Виз Ер ги наградува сите пријавени со вредносен ваучер од 20 евра, кој може да се искористи за некој од нивните летови.
Колку трки се вклучени во маратонот и за која трка владее најголема заинтересираност?
На маратонот имаме неколку трки. Главната и најтешката маратонската трка на 42км и 195 метри, во последно време се повеќе популарната полумаратонска трка на 21км и 97 метри, и најмасовната трка, трката на 5км.
Од минатата година воведовме и една нова трка, станува збор за штафетниот маратон. Во оваа трка учествуваат 4 тркачи и секој од нив треба да истрча по 10,5 км што представува вкупна должина на една маратонска трка. Во склоп на полумаратонската трка и трката на 5км имаме и Тим билдинг натпревар или екипен натпревар, а еден пред маратонот го одржуваме и детскиот мини маратон кој е наменет за децата од основите училишта. Така да имаме трки во кој секој што сака да трча може да си го пронајде своето место.
За досегашните искуства на Скопски маратон...
Искуствата се позитивни во секој случај, иако во многу ситуации во годините наназад сме наидувале и на разни пречки и предизвици во организацијата. Не е нималку лесно да се организира еден маратон во кој се вклучени голем број луѓе и е потребна голема логистика, бидејќи за успешна организација потребни се месеци напорна работа. Но секогаш позитивната енергија која се создава пред, за време и после трката е нешто што треба да се доживее како директен учесник или како навивач покрај патеката и потоа ќе бидете маѓепсани и со нетрпение ќе го очекувате следниот маратон. Не се двоумете, пријавете се!