Интервју

Секогаш е пријатно да си во друштво на Македонец

Саша Ковачевиќ, кој моментално е еден од најпопуларните пејачи на Балканот, ќе настапи пред македонската публика на 19 март во салата „Борис Трајковски“. Миленикот на тинејџерките е мошне возбуден што ќе одржи солистички концерт пред македонската публика, а за Македонците вели дека се навистина мошне добар народ, мислење кое го имаат повеќето пејачи од Балканот.

Во последно време постојано си во движење. Патувања, снимање спотови, концерти... За почеток кажи ни што е она што ти се случуваше изминатиот период?

Малку сум настинат, поради тоа што не бев дома доста долго, па промената на климата си го направи своето. Пред два месеци се вратив од Тајланд каде што бев на одмор, но и работев. Пред тоа бев во Норвешка каде имав доста настапи. Во Белград не сум бил доста долго време, а еве сега веќе почнав да се подготвувам за концертот во Скопје.

Како што кажа, беше во Тајланд пред некое време, со твоите најблиски, кои се дел и од твојот тим. Таму снимавте четири видео спота, кои откако ги објавивте на YouTube имаат над милион прегледи. Дали сте задоволни?



Па, да чукнам во дрво сè излезе како што треба. Јас сум мошне задоволен од целата гледаност, со оглед на тоа дека сега е друго време. Луѓето повеќе гледаат спотови и снимки на интернет, отколку што посетуваат настапи. Но, ете мене некако ми тргна и во двете сфери.

Си избрал одлична дестинација и за работа и за одмор. Која е твоја омилена дестинација која си ја посетил, а која е онаа на која сакаш да одиш?

Па еве баш сега дискутиравме со менаџерот и ми кажа дека бил на одмор во Бразил и било многу убаво. Јас никогаш не сум бил таму, па ете би сакал да одам натаму. Кога би избирал кај би одел со друштво или со девојка би ја одбрал Доминиканската република. На Тајланд сум бил неколку пати и таму ми е многу убаво, ми се допаѓаат плажите и целата храна која се нуди, па изгледа затоа се враќам постојано.

Живееш заедно со твојата девојка Јована. Дали некогаш и приредуваш изненадување без посебна причина?



Па да, знам да ја изненадам, кога јас ќе почувствувам потреба за тоа или кога ќе посакам да ја направам среќна. Тоа се прави само кога имаш желба.

Како таа реагира на сите твои обожавателки?

Одлично, со оглед на тоа дека сме четири години заедно. На почеток беше потешко, што е нормално додека да се запознаеме и додека да се изгради доверба, но сега веќе е многу полесно.

Има ли некоја од твоите песни која најдобро ја опишува твојата љубовна врска?

Јас не ги пишувам песните според мојата врска. Ако треба да одделам песна која би ја опишала нашата врска, мислам дека 10 од моите песни се малку за да направам една. (се смее)

Според фотографиите кои често ги објавувате и ти и Јована, навистина изгледате прекрасно. Како успеваш да го одржиш твоето тело во топ форма?



Благодарам многу за комплиментите. Секогаш користам време за да одам во теретана, а кога треба да отседнам во хотел или на друго место, секогаш барам негде кај што ќе има фитнес сала. Вежбам четири пати неделно и се хранам здраво. Ако имам помалку настапи, тогаш вежбам и до 6 пати, без разлика каде се наоѓам, дали сум некаде рекреативно или со обврски.

Што може да очекуваме од твојот концерт во Скопје?

Ова ќе биде нешто што прв пат го правам до сега, покрај досегашните мои настапи во Скопје, како што беше настапот на Пиво фест во Прилеп. Многу напорно се спремаме за овој концерт. Мојата екипа е составена од 10 до 15 луѓе кои се трудат сè да биде беспрекорно. Сега за сега немам планови за некои гости, но никогаш не се знае што може да излезе во последен момент, затоа вреди да дојдете и да видите.

Што најмногу ти се допаѓа кога доаѓаш во нашата земја?

Дефинитивно народот. Вие Македонците сте посебни луѓе. Постојано сте љубезни, расположени, распеани и секогаш е убаво во ваше друштво. И тоа го имаат кажано многу луѓе, па верувајте дека не лажеме. Кога настапував во Прилеп беше прекрасно, а сега очекувам дека ќе биде уште подобро.




Што можеме следно да очекуваме по концертот во Скопје?


Всушност со концертот во Скопје започнуваме концертна турнеја, која потоа ќе продолжи низ цела Србија, а можеби и повторно ќе се вратиме во Македонија во некој друг град. Планирам Белград да го оставам последен и со тоа да ја заокружиме турнејата при крајот на годината.

И.Витановска

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 12.03.2016 08:57:48