Интервју

Џоди Фостер: Не се сеќавам на период кога не сум била актерка

Легендарната Џоди Фостер, која има 53 години, уште од малечка се појавува на филмското платно. Родена во Лос Анџелес во 1962 година, речиси и да не се сеќава на времето пред да стане актерка, но и покрај ова таа не се гледа себеси како „родена актерка“. Студирала книжевност на универзитетот Јел и вели дека дури и до денес им приоѓа на улогите како на пишано дело, како приказна, односно како режисер. Во доцните 80-ти години, започна да подига различни награди, вклучувајќи неколку Оскари за најдобра актерка во филмовите The Accused (1988) и The Silence of the Lambs (1991), како и за нејзиниот дебитантски филм како режисер Little Man Tate (1991). Веднаш по нејзината четврта номинација за Оскар во 1995 година, за филмот Nell, го објави нејзиниот втор филм како режисер, неверојатниот Home for the Holidays (1995). На тој начин таа се почесто го чувствуваше комфорот зад камерата, отколку пред камерата.



Како што го привршува нејзиниот четврти филм по ред Money Monster, во кој главните улоги ги толкуваат Џорџ Клуни и Џулија Робертс, Фостер се потсетува на нејзините почетоци како млада актерка и режисерка. Со неа разговараше актерката Саорис Ронан, номинирана за Оскар во категоријата за најдобра актерка во филмот Brooklyn, како интервју за магазинот Interview, кое ви го пренесуваме во целост.

Џ.Ф: Знаеш кога бев на твои години или помлада, имав неколку интервјуа за магазинот Interview. Тие ме плаќаа. Најверојатно имав 18 или 19 години. Одев на факултет и го памтам чувството. Имав вистинска работа, а тие ме плаќаа за тоа, беше многу возбудливо.

С.Р: Значи веќе ти одеше одлично во твојата филмска кариера. Кога направи пауза од филмските води?

Џ.Ф: Не се ни сеќавам. Мислам дека никогаш не направив вистинска пауза. Направив пет филмови додека бев на факултет, но мислам дека не беа филмови на кои може некој да се сеќава. Како што минуваа годините паузирав на кратко – од време на време дури ми беше преку глава од сè. Сигурна сум дека и тебе ти е. Можеби на крајот од оваа година, кога ќе сфатиш колку си постигнала, ќе ти биде преку глава.



С.Р: Морам да признам дека имав многу пресови за филмот Brooklyn, а сега веќе почнав да вежбам за друга улога и навистина е тешко.

Џ.Ф: Целиот твој фокус ќе се промени. Добра ли си во мултитаскингот?

С.Р: Добра сум, но не колку и мојата мајка. Можеби затоа што немам деца. Не знам каква си била ти на снимање како дете, но кога бев јас помлада, ќе згрешев сè и ќе се смеев со сите. На 12 години глумев во Atonement, па кога имаше некоја сериозна сцена, режисерот Џои Врајт доаѓаше кај мене и ми велеше да станам повеќе сериозна. Го идеализирав. А тој ми помагаше како што созревав. Кога сум на снимање или кога вежбам некоја улога, единствено нешто за кое можам да зборувам е работата. На тој начин, целосно се внесувам во улогата, па можеби сум ужасна во мултитаскингот.

Џ.Ф: Тоа е вештина со која луѓето се раѓаат. Или се фокусираш на една работа или си добар во мултитаскингот. Јас сум од тие првите.

С.Р: Дали си добра во мултитаскингот и кога режираш филмови во кои и глумиш, како што е филмот The Beaver (2011)?

Џ.Ф: Преферирам да не се појавувам во филм кој јас го режирам. Мислам дека како актер учиш како да ги покажуваш и криеш работите брзо и некако се оградуваш. Учиш да се прилагодиш на камерата и другите актери, да забележиш каде е бучавата, а каде е твојот врв и да си способен да го повториш тоа неколку пати. Па така има еден дел од тебе кој е целосно прикриен од улогата, но и таков кој можеш да го истакнеш на многу добар начин. Учиш како да чукаш на тапани и да бидеш инструктор кој знае каде треба да удри за да го добие звукот – кореограф и танчер истовремено. На крај, сето тоа е дел од еден филм. Имам проблеми само кога сум целосно сконцентрирана на едно нешто и потоа ќе побараат од мене да си купам чевли или нешто друго.



С.Р: Ти треба да си купуваш чевли? (се смее)

Џ.Ф: Да. Зарем не можам да го правам тоа.

С.Р: Или да се истушираш. Или да јадеш.

Џ.Ф: Но, да поминуваш меѓу пресови и нешто слично како што беше за The Crucible мора да е лудо и напорно.

С.Р: Да. Иво Ван Хоув е режисер и пробите се навистина необични. Минатата недела почнавме и веднаш запловивме во првиот акт, речиси пет минути откако се собравме. Без загревање. Многу интензивно се турнавме во тој свет и тоа уште во првиот ден. Ми беше многу нереално, бидејќи никогаш порано не сум глумела во театар.

Џ.Ф: Ниту јас.

С.Р: Луѓето велат дека на некој начин е слично. Знам што мислат. Но, количината на плунка која треба да ја истрошиш во театар е нешто друго. Всушност, навистина размислував дали си глумела во театар затоа што очигледно порасна со филмот.

Џ.Ф: Па, имав неколку улоги во средно и една на факултет.

С.Р: Дали останатите беа резервирани со оглед на тоа дека Џоди Фостер глуми со нив?

Џ.Ф: Не изгледаа така. Можеби затоа што имаав 18 години и имаа голема самодоверба. Но, тоа беше чуден момент и чудно искуство во мојот живот. Ме натера да мислам: Не знам дали сакам пак да го правам ова. А јас го сакам театарот. Сакам да глумам. Го сакам искуството на театар. Но, не сум сигурна дека е за мене. Мислам, ги испуштив сите убави работи. Ја испуштив контролата која веќе ја имам во филмот и ја испуштив шансата сè да излезе добро, на начин на кој луѓето се надеваат дека ќе биде. Сите работи кои луѓето ги сакаат во врска со театарот – фактот дека се менува секоја ноќ и дека е толку спонтан – сите тие работи едноставно ме плашат.



С.Р: Мило ми е што го кажа ова. Мислам дека поради тоа што сме пораснале со глума, имаме посебна врска со камерата.

Џ.Ф: Тоа дури е смешно. Целото мислење и планирање за да стигнеш да ја одработиш добро улогата и потоа наеднаш, во една секунда, веќе и не е важно. Готово! Се објавил филмот! Или си изглумил добро или не. Но, има нешто многу освежувачко на крајот од филмот.

С.Р: Очигледно мислиш за како да се организираш, да обрнеш доволно внимание на физичкиот и психичкиот изглед на карактерот...

Џ.Ф: Изгледа дека да. Но, исто така чувствувам дека низ годините учиш што е важно, што е одлично да знаеш на што да ја трошиш енергијата. Не пораснав сакајќи да бидам актер. Не ни се сеќавам дали има некој период каде што не сум била актерка. Мислам дека немам личност. Не се истакнувам многу. Не сакам да бидам во центарот на вниманието. Но, мислам дека тој начин на кој приоѓам е една вистинска љубовна приказна. Зборовите се мојата прва љубов. Зборовите, приказната и како да создавам фотографии. Мислам дека токму затоа режирам. Мислам дека личноста моја повеќе се прикажува како режисер.

С.Р: Тоа го правиш толку долго, што изгледа како да станало дел од тебе.

Џ.Ф: Не можам да замислам да не го правам тоа. Би се чувствувала како да сум изгубила екстремитет. Но, сега сум постара и некогаш се прашувам која би била и што би се сменило ако ги немав овие искуства уште како мала. Само се потсетувам. Тоа е како филм кој се уште трае и чувствувам како тоа да е дел од мојата ДНК.

С.Р: Смешно е како зборуваш за тоа, како некој кој започнал толку млад, а велиш дека никогаш не си одлучила да станеш актерка, само тоа си била. И мора да си била многу незрела во тие води.



Џ.Ф: Чувствував како да сум опкружена со членови на семејство. Немав татко, но се сеќавам дека имаше некои мажи, немаше многу жени само шминкерката и онаа која го набљудуваше сценариото. Имаше момци кои ме учеа како треба да бидам пред камера. И ако бев лоша, ќе ме седнеа и ќе ми кажеа. Имаше многу правила на пример да не доцниме или да не растуриме нешто. Па се чувствував како да имам фамилија до мене. И кога си одев дома, наеднаш почнав да гледам на тоа како едно осамено семејство, бидејќи бевме само мајка ми и јас. Сакав постојано да се враќам таму, да се дружам со сите, па дури и да пијам кафе во три часот по полноќ во бикини. Се чувствуваше како тоа да ми е вистинскиот живот.

С.Р: Може ли да ни откриеш нешто повеќе за твојот најнов филм Money Monster? Дали е некоја приказна тешка за разбирање?

Џ.Ф: (Се смее) Всушност е. Сè се случува во реално време. Не знам дали некогаш сте гледале некои од филмовите како што се Dog Day Afternoon (1975) или Network (1976). Тоа се вистински настани кои се случиле во вистинско време, а има и различни улоги кои ги искусуваат истите работи во различни делови од филмот... Ах, многу сум лоша во објаснувањето на моите филмови. Но, дејството се одвива во светот на финансиите и на медиумите. Филмот ветува многу. Голем, традиционален филм, во кој главните улоги ги толкуваат Џулија Робертс и Џорџ Клуни. Но за мене, тоа е само една мала приказна за луѓето. Сè што е останато е таму за да ја разубави приказната меѓу двајца луѓе, истражувајќи ги поголемите значења: Зошто парите и вредноста се комбинираат? Мислиме: Ако имам пари, ќе бидам повредна. Ако правам повеќе пари, јас ќе бидам повредна. Тоа е еден отворен проблем на луѓето кои го поврзуваат со неуспехот. „Што да правам да не се чувствувам како губитник? Или се мажам и имам деца или правам пари и станувам славна“. Сето тоа се начини за да не бидеме неуспешни. Имам уште месец и пол, па никако немам време за да спијам, само трчам од авион на авион за да ги завршиме последните подготовки. Филмот излегува на 13 мај.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 27.02.2016 09:59:16