Интервју

Моето тело патува низ светот, но мојата душа останува во Македонија

Дуке Бојаџиев, човекот кој ја наполни престижната „Карнеги хол“ во Њујорк и со години важи за еден од најценетите музичари кои работат и творат надвор од Македонија, на 20-ти февруари ќе и се претстави на македонската публика со голем концерт, што ќе се одржи во арената Метрополис.

Бојаџиев заедно со своите пријатели и соработници, ветува посебна вечер која ќе биде кулминација на неговата досегашна работа, надополнета со врвни гости, поезија и камерен оркестар.

Во интервјуто за Идивиди зборува за тоа како балансира помеѓу работата и приватниот живот, а воедно и за најголемите предизвици кои ги носи создавањето музика.

Претпоставувам дека си мошне возбуден пред големиот концерт што на 20-ти февруари ќе се одржи во арената „Метрополис“. Какви емоции во тебе буди секое доаѓање и настап во Македонија?

- Секое доаѓање во Македонија ми буди многу емоции и ми враќа безброј спомени од детството. Тука пораснав и ја создадов базата од она што сум денес. Тоа комплексно и уникатно чувство можам само на ова парче земја на планетава да го почувствувам. Моето тело може да патува и живее низ светот, но мојата душа ќе остане засекогаш тука.

Ако треба да ја споредиш македонската публика со сите други пред кои настапуваш низ светот, што е она што ја прави посебна?

- Кога настапувам во Македонија се чувствувам како пред своја фамилија. Цела Македонија по број на жители е колку моето маало во Њујорк и за разлика од тука, во Македонија повеќето сме роднини и пријатели. Ние сите сме една голема македонска фамилија иако не сме толку свесни за тоа. А кога член на таа фамилија создава музика како во мојов случај, никој не може да ја почувствува подлабоко од фамилијата.

Проектот „Сон, Верба, Љубов“ одлично помина кај публиката и предизвика лавина од позитивни коментари. Дали успехот ти создава притисок и одговорност на следниот проект да бидеш уште подобар?

- Јас чувствувам одговорност кон својата работа уште од самиот почеток. Никогаш не се „трудам” да бидам подобар, туку да бидам искрен во изразот. Како ќе ме поведе инспирацијата никогаш не можам да знам, но знам дека квалитет има само кога се работи со силна емоција. Таа емоција преточена во звук добива една уникатна вонвременска форма која срцето секогаш ќе ја препознае.

Во едно интервју изјави дека кога станува збор за музиката, на неа си посветен 24/7. Колку време ти е потребно да создадеш едно музичко дело и како изгледа процесот во кој идејата станува стварност?

- Тоа е навистина релативно. Ми се има случено во еден здив да напишам песна понесен од силна инспирација. Но најчесто процесот трае подолго, посебно кога се работи за мои албумски изданија кај што не сум лимитиран со време. Има песни кои ги имам по 10 и повеќе години работено и доработувано пред да излезат во јавност.

Што е најголемиот предизвик во создавањето филмска музика?

- Филмот има приказна која е извор на инспирација. Зависно од неа можам да напишам од класична до изворна музика, да истражувам музика од друго време и да експериментирам во рамките на тоа што го бара филмот. Иако работата е долга и напорна, креативното задоволство кое го наоѓам тотално ме обзема.

Колку ти дозволува работата да уживаш во моментите поминати со семејството и пријателите?

- Викендите ми се посветени комплетно на фамилијата. Од понеделник до петок сум во студио долги саати, а после работа повремено се социјализирам со пријатели. Времето ми е доста лимитирано и се трудам максимално корисно да го организирам.

Велат дека човекот учи додека е жив. Што научи Дуке Бојаџиев во изминатата година кога станува збор за животните искуства?

Научив како да бидам подобар човек и татко. Од син ми научив дека е многу убаво наутро да се протегнеш и насмееш во исто време, на денот му даваш многу подобар потенцијал.

Што е следно по „Дуке и пријателите“?

- Завршувам музика за филм и правам мала пауза. До следната епизода.

Билетите за концертот „Duke & Friends“ се во продажба на сите продажни места на Купи карти за се, како и онлајн на www.kupikartizase.com. Концертот се реализира со поддршка од Македонски Телеком како генерален спонзор, винарија „Тиквеш“„Еуролинк“ осигурување, како ексклузивен покровител и спонзорите, „Алкалоид“, „Здравје Радово“, „Стопанска Банка- а.д. Битола“..., под покровителство на Министерството за култура.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 12.02.2016 15:48:50