Интервју

Кога пеам во Македонија како да добивам инјекција

Неописливиот романтичар, омилениот пејач на нашите баби, мајки, па и на помладите генерации, ќе ни приреди концерт за паметење. По две години, тој повторно настапува пред македонската публика, која ја доживува за мошне блиска, затоа што, како што вели „Кога дознавам дека ќе настапувам во Македонија, тоа за мене е инјекција која ме буди“. Ја обожава Македонија, луѓето и целата топлина со која зрачиме.



На 13 февруари, Жељко Самарџиќ, еден ден пред денот на вљубените и виното ќе одржи концерт во салта Борис Трајковски и уште еднаш ќе не увери во големината на неговото срце и неговата љубов кон нас Македонците. Сосема пријатно се изненади кога посакавме да поразговараме со него, но уште подобро и потопло си муабетевме. Успеа да направи одлична атмосфера преку која ни откри детали од неговиот живот, а исто така сподели и што може да очекуваме на концертот.



Пред сè, како сте и што правите овие денови. Дали настапувавте негде?

Благодарам на прашањето, навистина добро се чувствувам. Можеби тоа е така благодарение на прекрасниот концерт во Загрепска арена кој се одржа во честа на големиот Кемо, наречен „Prijatelji i Kemo - Hiljade pahulja bijelih". Концертот се одржа по повод годишнина од неговата смрт, а истиот го посетија голем број негови пријатели и колеги кои ме почитуваат и мене и него. Мислам дека таков концерт ќе се прави во сите поголеми градови од бившо југословенските простори, бидејќи беше омилен на публиката од Вардар па до Триглав. Полн сум со впечатоци и ми беше навистина убаво. По концертот останавме заедно со неговата сопруга и децата до утринските часови и зборувавме за него. Се чувствува недостатокот од така голем и прекрасен човек, композитор и пејач. Не мислам дека постои некој кој може да ги пренесе емоциите на толку добар начин, како што тој знаеше да ги пренесе преку неговите песни.



Како ви поминува еден просечен ден?

Па зависи од ноќта. На пример, ако сум останал пред ТВ да го гледам Новак Ѓоковиќ, кој можеби заглавил до 5 тогаш знам да станам и во 17 часот, а ако не, спијам до 8, 9. Во главно, сè зависи од тоа каков договор имаме со сопругата Маја, што да правиме во текот на денот.

Сега сум во некоја фаза на слабеење и се трудам да намалам некој килограм. Веќе намалив 7, а ќе бидам задоволен кога ќе намалам уште 10кг.

Кога веќе ја спомнавте вашата сопруга, можеби ќе звучи како клише, но нè интересира како успевате и по 40 години брак, се уште да го имате тој жар во очи?

Изгледа дека целата наша љубов е насочена кон внуците и кон децата. Секако постои и меѓу нас, но мислам дека поголема доза е почитувањето отколку нешто друго. За луѓето да останат заедно, мора да имаат компромис и мора некој секогаш да попушта. Ако ја забележам дека е нешто лута, тогаш мое е да ја омекнам и обратно, мора таа да се прилагоди на мене. Но, сепак најголемото богатство на секое живо суштество е да се прилагодува. Еве веќе диносаурусите не постојат па ние се прилагодивме на тоа. (се смее)



Исто така, драго ни е што вашата најмлада ќерка, Миња тргна по стапките на тато. Дали вие сте заслужни за тоа или тоа беше нејзина желба?

Одеднаш забележав дома како таа свири на гитара и пее. И ѝ викам: Миња кога ти научи да свириш? Ништо не си ми покажала. Ми кажа дека научила преку интернет. По некое време почна да објавува нејзини преработки на песни како што се оние од Тејлор Свифт. Таа има огромен репертоар на странски песни, па сè она што и се допаѓа го снима и го објавува на YouTube. Кога ќе пребарате Миња Самарџиќ ќе ви излезат многу песни. Пред година дена, се потрудив да и помогнам како родител и направиме еден албум, но таа има посебен поглед кон светот. Можеби нејзиниот албум не беше објавен во вистинско време, бидејќи во денешно време се слуша некоја поразлична музика и живееме во време на реални шоуа. Сепак, живеам во надеж и мислам дека тој албум ќе земе голем замав за неколку години. Миња има и неколку снимки со нејзиното момче Игор Гарниер, кој работи клупска и хаус музика. Таа пишува текстови на англиски и ги пее, а тој ја прави музиката. Мислам дека на музиката и приоѓа на посебен начин бидејќи е еден вид на уметност.

xD :)) Zeljko Samardzic

Posted by Minja Samardzic on Thursday, 28 January 2016

И вие и Миња снимивте албум со американска поддршка, односно песните ги пративте во Америка за таму да ги разработат и да звучат посветски. Како дојде до таа идеја?

Ние имаме свое студио во Белград и на едни пријатели од Америка им понудивме да ни ги снимаат песните со цел албумот да звучи малку поамерикаснски, да биде на светско ниво. Тоа и го добивме, иако нè чинеше многу. Мора да се почитува тоа за сите да се задоволни. Прво Миња така го направи нејзиниот албум и бидејќи мене ми се допадна и јас влегов во таа приказна, каде што песните се снимени со сите инструменти во живо. Се надевам дека конечно оваа година ќе ја израдувам публиката со нов албум. Тоа е малку подолг процес и моментално сè е пратено во Америка. Треба сите песни да се измиксаат, да се направи пост продукција и да се пласира. Сакам да не биде само мое, туку да го прифати и публиката.

Наскоро, имате концерт во Скопје, на само еден ден пред денот на вљубените и виното. Како се чувствувате во врска со тоа што повторно ќе настапувате пред Македонците?



Во Скопје сум бил повеќе пати, не е ова мој прв концерт. Имав концерт во салата Борис Трајковски во 2010 год. Тоа беше хуманитарен концерт, а приходот одеше за фондот „Тоше Проески“. Навистина сум горд на тој концерт. Потоа настапив во Метрополис Арена, но имав и свирки низ цела Македонија, во Прилеп, Струмица, Штип, Македонска Каменица, Маврово и традиционалните настапи секое лето во Охрид, кои се прекрасни концерти за паметење. Имам навистина добра публика во Македонија и знам дека и за овој концерт во Скопје ќе дојдат луѓе не само од овде туку и од внатрешноста на земјата. Ми стигаат многу мејлови, многумина ме следат и сите го сакаат она што го правам и затоа се одлучив сè уште да пеам пред вас.

Дали и вашето семејство ќе ве придружува на концертот, како што тоа го прават кога настапувате во Србија?

Речиси секогаш доаѓаат со мене кога настапувам на големи концерти. Едноставно сите сакаме да имаме некои заеднички моменти кои и мене, но и нив им се драги.

Што можеме да очекуваме од концертот?

Јас всушност работам посебен репертоар песни за Македонија. Има песни кои тука се многу слушани, а на друго место не толку многу, па едноставно се прилагодувам. Ќе имам и гости, а заедно со мене ќе настапи и Наум Петревски. Знам дека Македонците многу го сакаат и сакам во тој момент на самата сцена и пошироко да направиме една голема љубовна адреса. Ќе ми биде драго што заедно со Наум и со публиката ќе запееме на македонски јазик.



Кој до сега одржан концерт ќе го паметите целиот свој живот?

Па има многу големи и добри концерти. Од тие може да го изделам оној во Прилеп, кој беше феноменален и исто така во Крагуевац, каде што имаше околу 100.000 луѓе на плоштадот. Тоа се концерти кои се забележани на видео и такви имам многу во архива. Имав неверојатен концерт и во Загрепска арена. Она на што сум горд се моите 38 концерти во Сава Центар и 5-те преполни Белградски арени и се надевам дека уште ќе ги има ако ме послужи здравјето.

Со оглед на тоа дека често доаѓате во Македонија, што е она што ве привлекува во нашата земја? Можеби некој пијалак, храната или едноставно публиката?

Па буквално сè! Кога мојот менаџер Сале ќе ми се јави за да ми соопшти дека ќе гостувам во Македонија како да ми дава некоја инјекција и се пробудувам. Луѓето уште од самата граница се многу позитивни, а цариниците често ми бараат мое CD да потпишам за нивните жени. Имаше една многу убава ситуација, каде што жена-цариник го праша мојот возач кого вози позади, бидејќи бевме со камп приколка. Кога и кажа дека сум јас посака да ме види. Ја викнав кај мене во приколка иако бев по пижами, а таа низ смеа ми одговори дека е мажена. И возвратив дека и јас сум во брак. Слатко се изнасмеавме.  Денес кога и да се сретнеме на граница постојано се смееме за таа случка.



Како и е на вашата жена со сите тие женски обожавателки?

Па супер, со Маја сум 40 год во брак и до сега сме немале некои караници. Кога се работи за бракот секогаш сме сложен пар. Трите ќерки се навистина воспитани благодарение на неа, бидејќи таа постојано беше со нив, а јас бев на настапи и на пат. Природата е таа која го предодредила мажот да создава, а жената е таа која треба да го распореди сето тоа за сите да уживаме. Кога е тоа во прашање, јас бев и коректен сопруг и родител.

Што можеме да очекуваме следно од вас?

Ете подолго време го подготвувам мојот албум, кој очекувам дека ќе се среди на време, иако не можам точно да очекувам кога ќе биде готов. Можам само да кажам дека тоа се навистина добри песни и публиката ќе ужива во нив. Јас живеам и горам од желба, тоа да не бидат само мои песни, туку на сите оние кои ја сакаат мојата музика и она што јас го сакам. Затоа ги повикувам сите кои се во можност да дојдат на концертот и да уживаме заедно.



И. Витановска

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 06.02.2016 08:54:20