Колкумина од нас имаат време во овој стресен начин на живеење да се посветат на своето хоби, кое го започнале уште од мали нозе? Признајте дека ретко кога имате време да уживате повторно во тоа со часови. Некако сите сме растрчани со работни и домашни обврски, што не ни помислуваме колку многу ни недостига да го правиме она што го сакаме.
Но, Михајло за среќа, не е еден од многуте. Тој насекаде е со моливот и со нотесот во рака, па дури и да седи на кафе, Во рок од 15 минути може да нацрта така добар цртеж со кој ќе воодушеви многумина. Секојдневно нè изненадува со нови цртежи, кои ги објавува на неговиот официјален профил на Facebook Michael Stojanovski ART Gallery.
Најчесто црта портрети, за кои има и најмногу нарачки, но и самиот си ја пренесува својата фантазија на парче хартија со молив или бои. Исто така има цртано одлични портрети и на познати личности, кои на некој начин го инспирирале. Тука е портретот на Влатко Стефановски, Киро Глигоров, но и на Моника Белучи и Џими Хендрикс.
Додека ви ги прикажуваме неговите дела, добро е и да го запознаете човекот зад моливот и боите.
Кој е Михајло, кога не држи молив и бои во рака?
Искрено, тоа е едно есенцијално прашање, кое често си го поставувам. Во моментите кога не го држам моливот во рака, превзема моето алтер-его. Тоа е Магистер по информатички науки, експерт по системи за далечинско учење, што е тотална спротивност од она што навистина сум јас, додека го држам моливот во рака. Голем љубител сум на пишаниот збор, особено на онаа руска плејада на генијални писатели. Филозофијата на егзистенционалистите како што се Ниче, Сартр и Киркегор, секогаш пријатно го вознемируваат мојот дух. Се разбира тука се рокот, џезот, блузот и инструменталната музика, кои се еден од главните елементи што ме оформува како личност.
Од каде љубовта за цртањето и кога започна да запловуваш по овие води?
Љубовта кон цртањето ми се роди уште од кога знам за себе. Во моментот кога физички можев да го држам моливот и пенкалото во рака, започнав со цртање. Ги цртав тогашните мои омилени херои, Хи-мен, Супер бабичка, Looney Tunes итн. Тие сеќавања се уште тлеат во мене.
Што црташ најчесто?
Го цртам она што допира до мене. Тоа што најмногу ме инспирира е човековата природа со сета своја совршеност и маани. Онаа збирштина од позитивни и негативни особини, па можеби затоа актите и портретите ми се омилени. Тие се физичката манифестација на она што го носиме во нас.
Дали твојата моментална состојба, без разлика дали не ти е „погоден“ денот или се чувствуваш расположено без причина, е клучна за твоите дела? Поедноставно, дали успеваш да ја пренесеш емоцијата на парче хартија?
Секое уметничко дело е апсолутна емоција. Не постои никаков друг составен елемент. Без емоција нема уметност. Најчесто ако ги забележите моите дела, тоа е една рефлексија на она што вирее во мене. Иако можеби тоа не е крајно воочливо, но тоа е убавината на симболизмот и тоа е она што предизвикува интерес кај лицето што го гледа тоа парче хартија.
На официјалниот профил на Facebook, може да видиме дека имаш клиенти кои ти нарачуваат разни слики, тоа се најчесто сликите нацртани со молив. Дали клиентите имаат тешки барања? Како успеваш да ги исполниш нивните желби?
Моливот има една скриена невиност. Не покрива ништо и е апсолутно чист медиум на прикажување на едно дело. Можеби затоа и клиентите го бараат тој стил. До сега не сум имал тешки барања. Сите тие порачки се развиени во блиска соработка со клиентите.
Кога црташ слика по барање на клиент, на што се сведува целиот процес на работа. Дали е потребно да изработиш некоја груба скица пред таа да ја добие својата финална верзија?
Најчесто се сведува на мојата имагинација и речиси секогаш барам симболика во она што го цртам. Скицата ја правам во рок од неколку минути на мало парче хартија. Онаа вистинската ментална скица ја работам подолго време. Тоа е прекрасен процес и навистина уживам во тоа.
Од каде црпиш инспирација? Колку време ти е потребно за делото да го добие својот финиш?
Инспирацијата најчесто доаѓа кога правам сосема споредни работи. Најчесто кога одам на подолги прошетки. Тогаш некако потсвесно го започнувам процесот на себе-испитување, ако можам така да го наречам. Го барам делото во себе. Што е она што во тој период би ме инспирирало да го направам. Започнувам од деталите, па потоа го правам целиот концепт, таа ментална скица се креира малку подолго време.
Што се однесува до тоа колку време ми е потребно за добар цртеж, тоа многу зависи од комплексноста и колку елементи се застапени во тој цртеж. Најчесто се движи од неколку часови до неколку дена.
Дали си размислувал за изложба на твоите дела?
Да, се разбира. Тоа е една од моите неисполнети желби. Се надевам дека во блиска иднина би ја направил мојата прва изложба. Долго време таа идеја тлее во мене. Мислам дека дојде време да побарам локација каде тоа би го направил.
Дали некогаш си цртал некои графити на улица или можеби си учествувал на некои улични фестивали на сликари?
Голем обожавател сум на графитите. Оние вистинските, не оние со текстуални и навредливи пароли. Ѕидот, после хартијата е најубавиот медиум за пренесување на една инспирација. За жал кај нас многу малку се посветува внимание на ова и треба да бидеш во конфликт со законот. Како нација сме премногу опседнати со гипс картони, фасади и споменици. Друга уметност не познаваме. Нема апсолутно никаков простор за онаа плејада на одлични и талентирани млади луѓе кои имаат извонреден талент за овој тип на уметност. За жал живееме во една темна доба, за која наскоро се надевам ќе се промени.
Исто така, може да видиме дека црташ и познати личности, но и некои наши ѕвезди. Дали имаш желба да ти позира некоја позната личност и која би била таа?
Да, сите тие познати личности, некако допреле до мене, преку своите дела и ме инспирирале да ги нацртам. Постои голем број на познати личности кои ги почитувам и би сакал да соработувам со нив на ова поле, така што не можам да одредам одредена личност. Она што повеќе ме инспирира, доколку тоа би се случило, е целиот процес на соработка со таа личност. Портретот или актот, не е само пренесување на графит на хартија. Тоа е запознавање на таа личност и спријателување. Тоа е она што навистина предизвикува големо задоволство кај мене.
И. Витановска