Интервју

Девојката која создава јадења само за гледање

Запознајте ја Кариса Роу, 25-годишна девојка од Бахамите. Надежна писателка и новинар која по студирањето во САД се вратила дома, во родната земја. Додека чекала повратен одговор од потенцијалните работодавци, досадата од седењето дома без работа ја „убивала“ со малку необично, но многу креативно хоби.

Создавање на минијатурни склуптури на најразлични јадења. Хамбургери, суши, тостови, гиро, чизкејк во големина на монети и сите тие  направени од глина...

ИДИВИДИ успеа да ја исконтактира Кариса и да поразговара со неа за почетоците, за инспирациите, за самиот процес на креирање на склуптурите, но и за идните планови. Нашиот разговор со неа, прочитајте го подолу.



Кариса здраво. Ти си фриленс писател и новинар со диплома од Columbia College во Чикаго. По дипломирањето се врати во родната земја, Бахами за да се вработиш и да работиш на струката за која студираше. Но, по долгиот процес за аплицирање и чекање одговори од интервјуата, всушност започна хоби за правење на минијатурни склуптури од јадења. Која беше инспирацијата за тоа? И зошто се одлучи на моделирање токму на храна?

Пред да одговорам, само да напоменам дека не работев додека студирав во Чикаго. Почнав да аплицирам за работни позиции откако се вратив дома. Но, инспирацијата дојде комплетно случајно по гледањето на видео на Youtube во кое готвачи подготвуваа минијатурни јадења. И се вљубив во тоа. Можеби затоа што навистина сакам приготвување на храна и готвени јадења. Па мислам дека мојата љубов кон вистинската храна беше движечка сила за моето хоби во создавање на  „вештачката“. Но, исто така би сакала и во иднина да се префрлам и на други теми, не само на создавање на минијатурни склуптури од храна.



Кога ги гледаме твоите фотографии на Instagram / Facebook профилите, очигледно е дека сакаш да правиш мини склуптури од повеќе различни кујни. Американска, италијанска, кинеска, јапонска, а исто така и повеќе различни десерти. Која е твојата омилена кујна за моделирање а која е најтешката за создавање на мини склуптурите?

Кога почнував, правев сè. Се до крајот на минатата година и почетокот на оваа кога почнав да станувам повеќе пребирлива и структирана во врска со кујните на кои работам. За сега омилената кујна за работа ми е Бахамската. Мислам дека тоа е така затоа што ми е најпозната, а и не е навлезена во мејнстрим културата како хамбургерите, суши-то или пицата. За мене правењето на склуптури од бахамски јадења во склуптурите е начин да го прикажам и тој дел од мојата култура на светот. Преку уметноста, но и уметноста на самите јадења. А за тоа кои се најтешки и бараат најмногу време и внимание, секоја кујна е различна. Сепак ќе кажам дека секоја склуптура во која има ориз во јадењето. Оризот во склуптурите ме фрустрираше додека го создавав.

Опиши ни го процесот на создавање на мини склуптурите. Колку долго трае тој процес од почеток до крај, т.е до самиот финален производ?

Па за почеток мислам на тоа што „јадење“ ќе направам. Потоа ги мешам боите кои ќе ми требаат. Обично ги правам чиниите на кои се наоѓаат „јадењата“ претходно и тие ми се веќе подготвени. Откако боите се измешани, ги моделирам елементите и ги составувам. На пример за склуптура на хамбургер, почнувам од лепчињата, продолжувам со внатрешноста на бургерот и ги составувам сите елементи. Процесот трае 1-2 часа, а понекогаш дури и 3, ако има повеќе деликатни елементи кои треба да се „печат“ индивидуално пред да се состават во една склуптура.



Од аутсајдерска гледна точка (за луѓето кои не се разбираат премногу во грнчарство и генерално во овој вид на уметност) склуптурите кои ги изработуваш се фантастични и изгледаат реално. Но, за тебе како уметник, кои се најтешките моменти при создавањето на истите? Моделирањето или боењето? Или пак нанесувањето на финесите?

Без сомневање за мене моментално најтежок дел е мешањето на боите. Затоа што при работата со храна без разлика дали е реална или вештачка, бојата е екстремно важна. Ако бојата не е како што треба, склуптурата изгледа чудно што значи дека јадењето не било направено како што треба. Изгледа невкусно. Имам цела фиока на такви склуптури, каде што поради погрешните бои на јадења изгледаат ужасно. Ја нарекувам таа „crap clay“ фиока. Самото моделирање иако одзема време, не е премногу тешко за мене. Тоа е повеќе игра на трпение, но боите се фурстрирачки предизвик.

Која е вкупната цена на правење на една таква мини склуптура? Ако се земат во предвид трошоците за глина, бои, печење на глината, алати за работа, работна сила...

Добро прашање! Пред некое време се обидов да направам груба пресметка за тоа, затоа што и мене ме интересираше. Не можам да ја одредам цената на само 1 склуптура, затоа што ги купив дел од алатите за работа уште пред повеќе години. Но, знам дека од кога почнав да ги моделирам склуптурите, до сега имам потрошено преку 200 долари само за бои и глина.



Меѓу склуптурите од јадењата видовме и Бахамска храна. Кажи ни малку повеќе за оваа кујна. Што ја прави фасцинантна? Од што се состои и кои се јадењата од Бахамската кујна кои би ги препорачала на македонските читатели?

Кујната на Бахами е супер. Повеќето од состојките во главните јадења се базирани на морски плодови. Ние сме малечки островчиња опкружени со тропска клима  и многу вода па имаме многу јадења со морски плодови. Голем дел од нашите десерти за главни состојки ги имаат овошјата како гуава, ананас, кокос... Тие се микс од различни вкусови и навистина не можам повеќе од тоа да ги опишам. Тие се магични. Мора само да се дегустираат. Дефинитивно би ги препорачала пржените школки, оризот со грав и Бахамските макарони. Од десертите, мојот омилен: ролатот со гуава (Guava Duff).

Дали си вешта во кујната при подготвување на вистински јадења како што си во подготвувањето на мини склуптурите? И ако си, дали се гледаш во кујната подготвувајќи мини јадења кои можеш да ги дегустираш? Вистинска мини-лазања на пример?

Хаха ова ми е најомиленото прашање до сега. Вие сте единствените кој до сега ми го поставиле ова прашање. Да јас исто така обожавам да готвам. Мислам дека нема да можам да се снајдам при приготвувањето на мини јадењата, но никогаш нема да знам ако не пробам нели? Ако ми кажеше некој пред неколку години дека ќе правам мини јадења кои не може да се јадат, немаше да му верувам. Па затоа, кој знае каде ќе ме однесе ова мое хоби?



Дали направените склуптури ги продаваш или се само непрофитабилно хоби? Затоа што се навистина одлични и прекрасно направени.

Благодарам! Не се за продажба, но наскоро ќе бидат. Моментално ставам финални корекции на дел од нив и наскоро ќе бидат ставени за продажба. Ќе ве известам за цената на моите Instagram/Facebook профили.

С. Лазаревска

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 23.01.2016 09:25:30