Колку 26 годишни девојки познавате, а се претприемачи? Не многу. Но, Оливера Костовска е една од малкуте во главниот град. Пријатен исклучок со многу идеи, амбиција и желба за успех. Таа со нејзиниот самооснован бизнис Лондри Кафе нуди нешто ново, нешто што Скопје го нема. Услуга за перење и сушење на вашата облека во центарот на градот, а и можност за социјализирање со кафе услуги.
Повеќе за самото Лондри Кафе, почетоците и што тоа нуди со нашиот разговор со Оливера Костовска.
Лаундри системот на перење на облеката кај нас е индивидуален за секое домаќинство. Но, често од филмови или серии (како на пример Big Bang Theory) гледаме и дека тој може да биде колективен за повеќе домаќинства (пример заеднички за една станбена зграда), па дури и маалски продавници кои нудат таква услуга за поширок број на корисници. Како дојде до идејата да отвориш еден таков бизнис и во Скопје?
Кај нас има алтернативи на домашното перење. Центрите за хемиско перење се тука, но тој вид на чистење на облеката е скап. Во 2011-та година бев дел од културноразменска програмата во САД и таму видов различни бизнис концепти кои супер функционираат. Еден од тие концепти е и laundry бизнисот, каде јас секоја недела имав потреба да ги користам нивните услуги. Лондри центрите користат професионални машини, кои се побрзи и со поголем капацитет од машините за домашна употреба. Се вратив во Македонија со идеи кои сакав да ги развијам и сега сум на почетокот на една таква приказна.
Пред две години се пријавив на start-up академијата која се организира секоја година од страна на СВТА Македонија и ги подржува сите кои биле дел од некаква културно разменска програма надвор од земјата. Тоа се потенцијални претприемачи кои искусиле и виделе разни бизнис концепти кои може да профункционираат и во нашата средина.
Од кога постои Лондри кафе?
Оперативно Лондри кафе функционира на пазарот од ноември 2015-та година.
Кој е ефектот во Лондри кафе во поглед на клиентите и самиот бизнис воопшто? Дали твоите очекувања по анализите се во планираните граници, сега откако започна со работа?
Интересно прашање. Не секогаш излегува така како што сме планирале, не само во бизнисот, туку и во животот. Тука влијаат и фактори кои не можеме да ги испитаме, да ги анализираме претходно, туку откако ќе започне бизнисот ќе може да се увидат. Студентите ми се таргетна група, како и туристите, и оние кои што имаат динамичен живот.
Студентите се ценовно сензитивни, па затоа ја прилагодивме цената за да одговара на нивниот буџет. Цената за самостојно перење и сушење на 9 килограми облека (две машини за домашни употреба) изнесува 350 денари.
Доколку клиентите немаат време, слободно може да ја остават нивната облека за перење, сушење и пеглање кај нас и ние да се погрижиме за неа.
Интересен е концептот и на самото Лондри Кафе, покрај основната причина за клиентите да дојдат се разбира, перењето на облеката имаат можност да се напијат кафе или чај, да прочитаат книга, да добијат пристап до интернет додека чекаат циклусот на машината да заврши.
Ова е virgin market. Луѓето сеуште не се навикнати да ја користат оваа услуга, но се надеваме дека ќе ги смениме навиките за побрзо завршување на домашните обврски.
Во меѓувреме, клиентите додека чекаат да заврши процесот на перење и сушење може да ги користат кафе и интернет услугите на Лондри кафе, да прочитаат книга...
Конкретно, за кафе услугите не сме конкурентни со кафулињата и не ни е тоа целта. Не целиме кон тоа ние да станеме кафуле. Едноставно нудиме чај и кафе по „студентска цена“.
Зборувавме за тоа како Лондри кафе настана како идеја, но во пракса, како беше добиен почетниот капитал? Како течеше процесот за обезбедување на финансиите за да го отворите бизнисот и со колку машини почнавте со работа?
Прво сакам да потенцирам дека ние продаваме заштеда на време. Тоа е многу важно да се сфати. Ние го заштедуваме вашето време и пари. Зошто? Затоа што во неделата доколку едно четворочлено семејство пере 4 машини, тоа значи дека цел ден треба да работи машината, а да не зборуваме за сушењето особено во зимскиот период.
Во Лондри кафе би го направиле за два часа. Еден час перење и еден час сушење. Времето е драгоцено и тоа треба да се гледа низ призма на пари, бидејќи за тоа време кое ќе се потроши на перење и сушење, ќе може да се биде попродуктивен во други работи.
Што се однесува на основниот капитал за почеток на бизнисот, го започнав Лондри кафе сама преку програмата за самовработување. Тие средства ми беа поттик за да ја вложам и мојата заштеда во овој бизнис. Дали прерано влегувам во бизнисот или предоцна ќе видиме. Порано беше незамисливо да се користат компании за чистење по дома, кетеринг, но сега се дел од секојдневниот живот.
Во однос на програмите кои ги имаат машините, би сакала да потенцирам дека во Лондри кафе работиме со различни програми за перење на бели алишта, микс, долна облека, анти-алергиски програми, спортска облека. Користиме комерцијални детергенти од македонско производство, како и професионални од странско производство, но доколку сакате да користите ваш детергент, слободно можете да го понесете со вас.
Кој е почетниот старт кој го добивте и кои се очекувањата за потенцијалното ширење на бизнисот во тековнава година? Дали на пример би прифатиле да работите со партнер, дали би размислување да го зголемите бројот на вакви локали...
Во последниот период активно работиме на маркетингот. Многу пати наидувам на коментари од типот „Зошто ова да го правам тука, кога може и дома...“, но тие обесхрабрувачки моменти сеуште не ми значат до степен да се откажам. Имаме простор за развој на овој бизнис, такашто отворени сме за партнерство и соработка.
С. Л.