Многумина би рекле дека спортот во Македонија е навистина развиен, дека нашата земја е плодна почва каде што се раѓаат големи таленти. Сепак, најчесто спортистите како: Панчев, Лазаров, Пандев, заминуваат и градат интернационални кариери, меѓу нив исто така има и повеќе надежни ракометари кои им се дивиме кога ги гледаме како играат и се борат за нашата репрезентација.
Една од нив е ракометарката Зорица Десподовска, која е млада и надежна ракомертака, но надвор од нашите граници. Својата кариера ја започнала како многу мала, на 10 години во клубот Еуро стандард (втора екипа на Кометал). Потоа добила одлична можност да заигра за својата земја, по што го засакала ракометот уште повеќе. По неколку поминати тимови надвор од нашата земја, моментално игра лев бег во Германија, односно во тимот Rosengarten Buchholz.
Со неа разговаравме за спортот во и надвор од Македонија.
Најпрво, која е Зорица надвор од теренот?
Уфф..Тешко прашање. Не сум многу добра во ова. (се смее). Хиперактивна сум, дружељубива, амбициозна, зависна од благо. Бавна сум кога треба да се спремам за некои прослави, ама затоа најбрза кога се планираат патувања во слободни викенди.
Кога се роди љубовта кон ракометот и кој беше виновен за тоа?
Љубовта за ракометот ми се роди уште од многу мала. Виновници за тоа се моите родители, кои се поранешни ракометари. Па откако паметам за себе дома постојано се гледале натпревари, а јас чекав да пораснам доволно за да добијам дозвола да почнам да тренирам. Мојот постар брат исто така тренираше ракомет, па едноставно беше невозможно да не го засакам овој спорт.
Твојата кариера започна во Еуро Стандард, а за многу брзо време, заигра во првиот тим. Откако се распаднаа Кометал, играше во Металург. Но, едно е да играш за тим, а друго е да играш за твојата земја. Твоите напори вродиле со плод. Го гледавме твоето презиме во дресот на младинската, а потоа и сениорската Македонската ракометна репрезентација. Какви беа почетоците и дали си горда што ги браниш боите на Македонија?
Најпрво играв за младинската селекција 2 години. Првата година бев премногу млада, а потоа се оддржуваше европско првенство за младинки во Македонија, каде по подготовките се повредив. Според тоа немав некој многу среќен почеток кај малдинската селекција. За сениорите бев повикана исто така многу млада од тогашниот селектор Јошко Петковиќ, а чувството не можеше да се спореди со младинската селекција. Бев многу среќна што ќе можам ја представувам Македонија и да бидам дел од тогаш искусната селекција. За разлика од младинската, со сениорската репрезентација започнав многу поуспешно и брзо ја надминав почетната трема. Од почетокот па до ден денес со гордост го носам нашиот дрес и знаме и со задоволство настапувам за нашата земја.
По Металург, започна интернационална кариера. Замина во Шведска во Lugi, клуб во прва лига, а потоа потпиша договор со шампионот во Турција, Muratpasa. Последните две години си во Германија, прво во клубот Vulkan Ladies Koblenz, а моментално те гледаме во дресот на Rosengarten Buchholz. Според тебе каде е најдобро да се игра за еден ракометар?
До сега имав многу промени, па од моето искуство се одлучив за Германија бидејќи има многу квалитетна лига и квалитетни тренинзи. Сум играла и во најдобри екипи од другите лиги, но не ми е предизвик само да бидам на врвот, туку да имам јаки натпревари и да напредувам, макар и по потешкиот пат.
Зошто го избра тимот во кој си моментално?
Предходната сезона настапував во Koblenz и мојата цел, а и на клубот, беше да останам таму. Но, екипата ми испадна од Бундес лига па морав брзо да барам друго решение. Единствено бев одлучна дека останувам во Германија и други понуди надвор од неа не ме интересираа. Па така добив понуда од мојот сегашен клуб и се решив тука да ја поминам оваа сезона.
Како државјанка на Македонија, што мислиш каде е подобар животот? Овде или надвор од границите?
Многу болно прашање за многу наши ракометари и ракометарки. Никој не би си ја напуштил својата земја доколку има услови за напредок барем приближни до тие во Македонија. Но, за жал многу од нас сме принудени да бидеме далеку од татковината и да го поминеме потешкиот пат за да го работиме тоа што го сакаме за да напредуваме.
Што најмногу ти недостига во Германија?
Без размислување ми фалат најблиските и времето поминато со нив.
Кога еден ден би имала можност да играш за некоја позната екипа или да си заедно со познат ракометар/ка кој би бил тоа?
Уште како мали сите имаа свои идоли, но само јас не. За тоа прашање сум малку поразлична, па немам некој посебно да насочам. Само би сакала да настапувам во Лигата на Шампиони.
Каде се гледаш за 10 години?
Се зависи од моето здравје. Би сакала да останам тука во Германија и да продолжам со ракометот, а во друг случај да си ја искористам мојата диплома и да работам како инспектор за храна.
И.Витановска