Театарските изведби се збогатија со уште една исклучителна претстава, претставена од млади актери, дел од независниот Театар Фабрика. Се работи за дело на Август Стринберг, режирано од Ѓорѓи Ризески, кој се одлучи за едно од неговите потешки дела, „Г-ца Јулија“. Станува збор за трауматична приказна во која совршено се прикажани желбите и амбициите на оние потчинетите, кои во суштина мечтаат за еден добар живот, во кој не треба на никого да му служат.
Актерската тројка Теоман Максут, Миа Кантарџиева и Емине Халил беспрекорно ни ја прикажуваат алчноста, безвредноста и очајот во секој од ликовите. Тие во приватниот живот се добри другари кои се знаат уште од факултетските денови.
Кога ги запрашавме кои се всушност тие надвор од штиците, се насмеаа бидејќи за тоа никогаш не размислувале.
Тео, кој го глуми Жан, е едно мрзливо дете, кое обожава да глуми и можеби токму затоа само кога треба да оди во театар не доцни. Многу го сака сонот, но не колку и неговата девојка, со која обожава да поминува време. Ни откри дека аматерски свири гитара, но само по дома. Се надеваме дека ќе мора да глуми во некоја претстава која вклучува свирење на гитара за да ги слушнеме и неговите други таленти.
За разлика од него, режисерот Ѓорѓи е мошне одговорен, дури и повеќе од што треба. Тој многу сака да чита и да пишува, а веќе има издадено и една книга. Исто така, пишува раскази, поезија и романи.
Дамата Јулија, односно Миа, обожава да се дружи и да патува. Има мал круг на пријатели, кои едноставно ги обожава. Среќна е што си ја нашла својата сродна душа и освен во тоа друштво, сака да поминува време и со своето семејство.
Овие вљубеници на театарот, кои се запознале во текот на студиите решиле да основаат независен театар, Театар Фабрика.
- Независниот театар го основавме со Ѓорѓи и неколку други млади театарски уметници пред две и пол години. Имавме една идеја: Да го работиме она што најмногу го сакаме. За овој краток период ние сме еден од најактивните независни театри, а „Г-ца Јулија“ ни е јубилејна петта премиера. Познатиот и култен театарски режисер Питер Брук еднаш рекол „За театар се потребни двајца – еден да гледа и еден да игра“. Токму така функционира театарот. Поради тоа што Театар Фабрика е независен театар, секогаш гледаме со минимални средства да го постигнеме максималното, со насмевка ни објаснуваше Тео, кој е горд што е дел од овој театар.
За претставата го запрашавме Ѓорѓи...
„Г-ца Јулија“ е едно од потешките дела на Стринберг. Зошто се одлучивте токму за него?
Го избрав токму делото „Г-ца Јулија“ затоа што се занимава со една тема која многу ми се допаѓа и е актуелна денес. Едноставно публиката треба да дојде на претставата за да види како вистински се сонува, како се мечтае и како може да се постигне некоја посакувана цел. Од претставата ќе видат на што сè е подготвен еден човек за да успее во животот, кој еднаш се живее. Без разлика на околностите, луѓето сакаат да станат многу повеќе, исто како и Жан во самата приказна.
Колку време и како се калеше претставата?
Претставата ја подготвивме за два месеци. Ја планиравме повеќе од една година, но тогаш немавме услови. Ете сега успеавме да ја реализираме и од самата читачка проба на маса до последната генерална проба, поминаа два месеци.
До сега, Ѓорѓи работел на многу претстави, но најголема желба му е да работи на големи дела кон кои се стреми. Сепак и самиот е свесен дека за да постигнеш нешто големо, мораш да направиш помали работи. Ние веруваме дека еден ден тој ќе си ја исполни својата желба, а ние ќе бидеме во првите редови да гледаме некое големо дело под негова режисерска палка.
За ликот и делото на Жан, го прашавме Тео..
Колку Жан се поистоветува со Тео?
Воопшто! Жан е потполно амбициозен лик, макијавелист во своето дејствување. Јас сум сосема различен од него. Уште од факултет имам некоја среќа да глумам ликови многу поразлични од мене, што ми претставува предизвик, бидејќи имам шанса да размислувам со ставови на човек кој воопшто не е она што сум јас.
Кој дел од претставата ви е омилен?
Би било неблагодарно да одвојам, но кога веќе морам, нема да бидам скромен (се смее). Тоа е делот во кој Жан си го открива своето вистинско лице, кога ги тргнува сите маски и сфаќа дека нема што многу да добие од Јулија и нема веќе потреба од преправање. Тогаш кога станува дрзок, безобразен и одвратен.
Тео смета дека ова е многу плодна почва за театар и отсекогаш имало многу добри актери и режисери. Според него, доаѓа една нова генерација на театарџии, кои што повторно се вртат кон класиката и авторите како што се Стринберг, Чехов, Шекспир, а тоа е многу добро.
За главниот лик, Јулија, позборувавме со Миа...
Јулија, на изглед толку силна и моќна, а во суштина очајна, која не знае како да се справи со тешкиот живот, ја претставувавте во неверојатно светло. Колку се пронаоѓате во ликот?
За разлика од Тео, поприлично, што од една страна може да е лесно, а од друга тешко. Некогаш не е лесно да се отвориш пред луѓе и да си кажеш што мислиш, а некогаш го правиш тоа без проблем. Јас искрено многу ја сакам оваа улога. Г-ца Јулија имала посебно детство, а јас сум немала некои такви трауми. Сепак, некако успевам да ги приближам до мојот живот за да ми бидат полесни за интерпретација. Има работи кои се круцијални во улогата, со кои сум емотивно поврзана и кои ми помогнаа да го извлечам најдоброто.
Како изреагиравте кога ви ја понудија улогата?
Се сеќавам дека Ѓорѓи ми се јави прилично одамна и само ми спомна дека ќе се спрема „Г-ца Јулија“ и ништо повеќе. Јас бев пресреќна, но потоа него го снема три-четири месеци и си помислив ништо од претставата. За среќа ми се јави Тео и ми ја соопшти прекрасната вест, дека ќе ја глумам Јулија. Навистина бев многу хепи (што и се читаше и од насмевката на лицето).
Како се подготвувате за улогата? Имате ли некои посебни ритуали или едноставно го вадите најдоброто од себе?
Порано, за време на факултетските денови, секогаш имаше долги спремања, со доаѓање два-три часа порано за да се сконцентрираш. А сега, интересно е што сите тие подготовки скоро и да ги нема. Дури да трепнеш дошло време да излезеш на сцена и нема многу време. Но, би било супер пред претставата да заборавиш на себе, да сфатиш кај си и што треба да се случува, едноставно да си влезеш во тоа што допрва треба да дојде.
Миа е сосема задоволна од тоа во кој правец и се движи кариерата. Започнала со синхронизација на турски серии, уште како студент, а има и глумено во над 80 македонски народни приказни.
- Задоволна сум затоа што имам време да се посветам и на театарот, кој сега ми е поголема љубов од филмот, иако ни филмот не го запоставувам и сакам допрва да ми се случат некои филмски искуства.
Миа, Тео и Ѓорѓи се мошне задоволни од премиерата на „Г-ца Јулија“. Публиката која 15 минути ракоплескаше, остана со подотворени усни и пушти по некоја солза за неверојатната интерпретација на овие млади актери. Тоа кажува сè, нели?
Претставата која мора да се погледне повторно ќе се прикажува во Драмски театар на 30 јануари, а актерската екипа ви ветува дека ќе излезете со полна душа! Не ја пропуштајте!
И.Витановска