Интервју

Нашиот и ваш добар пријател - Сашко Коцев

Тој е театарски и филмски актер, водител, стендап комичар кој одлично се снаоѓа во секоја од овие улоги. Неговиот мобилен постојано ѕвони и никогаш не е недостапен. Вистински професионалец кој никаде не излегува без својата насмевка. Публиката ужива во неговата смисла за хумор, а тој возвраќа со константна посветеност и впечатлива умешност со што трајно го освојува вниманието на сите. Сашко Коцев е наш пријател подолго време, и е дел од еден нерескинлив круг на добра соработка. Специјално за стотиот број на Мој клуб, лежерно разговараме со нашиот и ваш добар пријател - Сашко Коцев.

Корпоративно загревање



Се сеќавате ли на првата соработка со нашата компанија?

Да, секако. Тоа беше денот на ребрендирањето на МобиМак во Т-Mobile кога на плоштадот „Македонија“ имаа концерт „Пет шоп бојс“. Имав водителска задача, да го означам ребрендирањето, да го најавам бендот и да го отворам концертот. Се сеќавам дека дојде еден од менаџерите зад сцена и ме праша: „Кој си ти, момче“? Му реков „Јас сум актер, а вечерва сум водител“. Посака да го прегледа текстот за да одобри што смеам да зборувам .Откако го прегледа, остави само неколку зборови – добро вечер, МобиМак, T-Mobile и уживајте, хахаха. Човекот со најдобра намера ми ја уништи мојата духовитa најава.

Еве едно прашање, за корпоративно загревање: Колку често патувате? Дали ова лето приватно или можеби професионално ги искористивте поволносите на новите цени на нашата роаминг услуга?

Патувам, не многу често, но сепак доволно. И приватно и професионално. Информациите за роаминг услугите ги знам, особено ми е важна онаа за сурфање во роаминг, а за разговор единствено користам ѕвонење со *123*#, тоа сум го запомнил. Имам мал проблем со иницијатива, ги знам услугите, ги знам поволностите, ама никако да ги активирам и да ги искористам. Добро ме потсетивте да го направам тоа веднаш, па макар и откако поминаа одморите, хахаха.

Животна и професионална „ролја“



Кој дел од едно деноноќие ви е најинспиративен или, на човек како вас, 24 часа му се секогаш малку?

Имам една ефектива од 11 до 13 часот, тоа е времето на пробите во театар. Следната е од 20 до 22 часот – претстава. Но, креативноста ми е најсилна во фаза на полусон, некаде околу 2 по полноќ. Тогаш работите од изминатиот ден почнувам да ги гледам низ некоја чудна призма од потсвеста. Многу често се расонувам за да запишам нешто. Можеби звучи чудно, но мислам дека не сум единствениот кому вистинската инспирацијата му доаѓа длабоко во ноќта.

Животот е како претстава, не е важно колку ќе живееш туку каква животна „ролја“ ќе ти биде доделена. Колку сте задоволен од вашата животна ролја?

Мислам дека многу од работите што сум си ги замислувал и зацртал, се реализирале. Чудно е како во животот нешто што си сонувал и замислувал, еден ден се претвора во јаве и станува дел од твоето секојдневие. Улогата што си ја имам зацртано, планирам да ја доработам уште малку. Не мислам дека „претставата“ ми е довршена. Недостасуваат неколку театарски награди кои како низ магла ги гледам некаде пред мене... Тука некаде е и ризикот да ја добиеш улогата која публиката ќе ти ја додели, дека ти си само тоа и ништо друго. Моја задача е да го докажувам спротивното. Сега засега сум многу задоволен и вљубен и во својата животна, и во својата професионална „ролја“.

Секоја нова улога краде дел од тебе, ако не се трошиш, значи дека на сцената ќе мамиш... Се случува ли некогаш едноставно да сте „распродадени“ и да немате од што да изделкате нов лик?

Секако, имало многу такви случаи, особено кога чувствуваш некоја одговорност дека од тебе многу се очекува, дека треба да го дадеш најдоброто. Тогаш се раѓа еден психолошки притисок, кој е како црв во дрвото, работи внатре сето време и сите идеи стануваат шупливи. Почнуваш да мислиш само на тоа дека мора да биде најдоброто нешто, а немаш капацитет, ниту, пак, конкретна идеја. Но, со личното искуство доаѓаат начини како да го победиш тоа, се покажало дека најдобрите идеи се раѓаат спонтано и без намера тоа да биде светска генијална идеја туку едноставно идеја родена во даден момент која произлегла од вашата креативност.



Да се потсетиме набрзина на вашите актуелни театарски и филмски улоги...

„Тероризам“ е претстава која е магистерски труд на колегата Јордан Симонов. Немав никакви дилеми дали да прифатам, пред сѐ затоа што сме блиски колеги и имаме слични размислувања. Тоа е еден одличен текст за тероризмот што си го правиме самите себеси, на тие околу нас или обратно. Соработката со Јордан беше многу лесна, а исто така и со партнерката Николина Кујача. Многу лесно се разбравме и мислам дека имаме одлична претстава. Нека му се множат на Јордан!

Мојот последниот излезен филм е „Ќе бидеме светски прваци“. Соработката дојде сосем случајно, се работи за мала улога која прерасна во едно пријателство со целата екипа, нови контакти, искуства и нови можности. Тоа е мој втор филм надвор од Македонија и беше навистина тешко. Не познавав буквално никого, и морав да се докажам во најдобро светло и да создадам добра репутација за себе. Мислам дека во тоа успеав и се надевам на понатамошни соработки... Следниот филм што го очекувам е краткометражниот на Ѓорѓи Унковски, една многу духовита приказна за двајца полициски инспектори. Тоа го гледам како сценарио за играна серија кај нас во догледно време.

Публиката, Ферарито и една (или две) SMS пораки



Каква публика сакате, и колку заемно актерите и гледалиштето можат да направат добра претстава?

Хм, каква публика посакувам… Невозможно е да избираме. Иако меѓу нас има коментари од типот дека оваа вечер не ни се погодила публика. Можеме да разговараме какви претстави сака публиката и какви имаме да им понудиме. А, инаку, секако дека сакаме публика која ќе ги обожава нашите претстави, ќе плаче или ќе се смее заедно со нас, ама невозможно е да ја посакаме и токму таа да дојде. Секој во публиката си има свој вкус и своја естетика со која ја прифаќа или не претставата. Но, има моменти кога стануваме едно со публиката. Забораваме дека тие се тука, тие забораваат дека ние глумиме, и сѐ станува вистина. Е тие моменти се најдрагоцени. Не велам дека се ретки, но е многу тешко да се стаса до нив. Рецептот не е познат, но точно знаеме сите кога тоа ќе се случи.

Магијата на филмското платно или театарските штици? Каде Сашко Коцев е поопуштен, поодомаќинет?

Секако дека моето театарско искуство е поголемо и пообемно од филмското. Дури до пред неколку години воопшто не размислував за филм. Но, работите се сменија. Сега театарот е мојата ментална хигиена, мојот дом каде што ги одмерувам силите со себеси и се чувствувам комплетно опуштен и сигурен. А, филмот, пак, тој е тест каде што го вложувам горенаведеното искуство, една кратка екскурзија, едно кратко уживање на благодатите да си актер на филмскиот сет... Потоа пак се враќам покрај неколкуте сијалици во гардеробата каде што го прелистувам текстот пред да влезам на сцена и да станам едно со публиката...

Бевте дел од нашата наградна игра на векот, тешко ли се „стига“ Ферари во животот?

Ако го гледаме во буквалната смисла на зборот, како автомобил, Ферари не е по мој вкус, па не го ни бркам. А, како метафора – да! Тешко е да се остварат соништа, ама пострашно е ако престанеш да сонуваш нови, уште понедостижни соништа.

Летна дестинација за паметење... Во една SMS порака, за да завршиме корпоративно...

Може ли 2? Првата: Малдиви, под третата палма-лево. Јас и Таа. Втората: Охрид, со другарите на педалинка.

Рашела Гинова

Интервјуто е преземено од магазинот Мој клуб. Во најновиот број читајте интересни содржини од областа на технологијата, мобилните телефони, интервјуа, занимливости....

Извор:  Мој клуб
Објавена на 12.12.2015 09:26:27